Thursday, 24/5/2018 | : : UTC+0
iNFOMAX.mk
Македонија
0C

КОЛУМНА НА БИЛЈАНА ВАНКОВСКА: Македонија или НАТО? #Сега кажи!

95%
User Rating

Песочниот часовник е свртен за последен пат. Со секое зрнце, се приближува мигот кога ќе не’ исправат пред дилема: Република Македонија или НАТО! Формиран е голем фронт, најголем досега. Воено-индустриско-политичкиот-медиумскиот-невладиниот-академскиот сектор пропагира дека стасал „историскиот миг“ во кој земјата ќе го направи својот најголем цивилизациски исчекор. И свештенството се активирало на сите страни. За кого бијат камбаните? Грчките попови излегоа на улица со ѕвона да го чуваат ексклузивитетот врз името Македонија. Нашите, пак, заедно со оџите, отидоа во Собранието за обраќањето на првиот човек на НАТО. Човек се прашува: зошто? Да му бакнат рака на Св. Столтенберг, да обожуваат Златно теле и да му се заколнат на Богот на војната? Да ги благословат оние кои (ќе) убиваат и гинат по белосветски боишта? Таму беше и специјалната Ката, и Керим, и кој се’ не… И опозицијата не само што кротко се врати, туку и вети дека ќе биде добра, послушна и конструктивно ќе поддржи се’ што ќе биде во полза на НАТО. (Повеќе ги погоди изјавата на Столтенберг дека Заев е неговиот јунак, отколку испорачаната национална цена). Сцената беше и понижувачка и застрашувачка, како ритуал од времето на „Друже Тито, ми ти се кунемо, да са твога пута не скренемо!“. Покажа дека во менталната матрица на подаништвото ништо не е сменето, само Идолот е заменет. Иако Заев е и натаму збунет и дезориентиран, па ветува членство во Северозападната алијанса – се надевам дека не е фројдовска грешка, туку само уште еден „заевизам“.

Нимиц излезе со „подгреана сарма“. На запад ништо ново! Само будала или продадена душа нема конечно да признае дека проблемот не е во името на државата, туку во идентитетот. Досега повеќе мантра, но сега НАТО добива многу поконкретна форма. Одлуката е донесена на друго место, а нашиве се само извршители. Реториката е сменета: порано подголтнуваа пред „вашата земја“, сега самите не се осмелуваат да го изустат името на државата која ја водат, па велат „ауар/мај кантри“ (нашата/мојата земја). Во официјално соопштение се вели: „Владата е посветена на решавање на спорот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија.“ Стасала таа решава (и) туѓи проблеми!? Затоа, ова е време да се извадат ракавиците и да се тргне во кампања #Сега кажи. За разлика од оригиналната (невладината) против сексуалното вознемирување врз жените, увезена од Холивуд, оваа мора да биде автентична, бидејќи националните интереси не ги застапува ниту една институција или партија. Си имаме работа со корумпирани капитуланти и колаборационисти! Препуштени сами на себе, треба само да го слушнеме поетот: „Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е, ести голем, ако останаме без името наше од кое уште се плашат ко од чума. А без име, векутуми, а без него и гробовите ќе ни бидат празни…“ (Петре М. Андреевски). Гробовите нема да бидат празни (за НАТО и во НАТО се гине); прашањето е само што ќе пишува на епитафот, за што имаме историски искуства. Сценариото не е холивудско, ами вашингтонско. Не’ тормозат 26 години, а никој да крене глас! Ги снема и интелектуалците, и борците за човекови права, и критичките аналитичари; замолчеа дома, ги нема ни надвор! Уплав ги фаќа од етикетата „национализам“, а на силуваниот гледаат како на предизвикувач на неволјите, а не на жртва. Тие се „над национализмот“, преферираат стерилизиран (неолиберален) говор, им се гади од примитивни балкански спорови: „Да зборуваме за нешто друго, не е прогресивно да зборуваме за национални интереси“. А групното силување продолжува организирано. На цел еден народ му се советува да не се опира за да го боли помалку! Бараат да се самоукинеме, и потоа да молчиме за вјеки вјеков! #Сега кажи: дали си за силување, трампа и компромис во кој ќе ја изгубиш не само самопочитта, туку и ќе ги предадеш предците и децата/внуците? Одговорот мора да е реалистичен, брутално приземен, онаков каква што е понудата на НАТО (САД). Непристојниот предлог е ист како во филмот: богаташот нуди милион долари за една ноќ со убавицата. Заедно со момчето, таа одлучува дека жртвата е вредна. Врската се распаѓа, тоа е јасно. Овде пропагандата е уште полоша: плашат со сиромаштија, но и со закани „Русите доаѓаат“ и „ќе се распаднеме однатре“. Ако порано велеа дека членството во НАТО (и ЕУ) е крунска, заслужена награда за севкупниот развој, сега се’ е превртенo тумбе. Но, да ги поставиме нештата одново на глава:

Ноторен спин е дека членството во НАТО носи безбедност! Настрана што фаќаме страна во момент кога Трамп ја носи орвелијанската Националната стратегија за одбрана (која заговара глобален судир, полош од Студената војна). Воената безбедност на линија на фронтот не е безбедност, туку воена краина. Но, и да ја има, патот до НАТО води до (до)отворање на Пандорината кутија на социеталната безбедност (безбедноста на идентитетите). Она што навидум ќе го добиеме на патот, ќе го платиме на мостот. Паралелното редефинирање на државата, со крајна цел нејзина деноминација е се’, освен безбедносен аранжман. Пендаровски призна дека граѓанскиот концепт бил фатаморгана, но затоа НАТО бил единствен кохезивен фактор кој ги поврзува Македонците и Албанците. Но, за мнозинството Македонци, идентитетот има поголема вредност од НАТО! И обратно! НАТО е „јаболко на раздор“, а не на поврзување. Столтенберг повторно ни порача дека НАТО не го боли уво ни за меѓународно право и за пресудата на Хашкиот суд, а ни за внатрешното (благослови противуставен закон, кој не ни стапил во сила). НАТО е за политика (и војна) надвор од границите на правото! Might is Right! Најголемата перфидија, која дури и не се крие, е подготовка на референдум во стилот на оној од 1991-та, со прашање „округло на ќоше“, „две во едно“ за да не се сетиме! Референдум во кој нема да се знае дали гласаш за НАТО и/или за името ќе биде злоупотреба на демократијата, но и облик на корумпирање и злоставување. Дека членството во НАТО носи мед и млеко е приказна за мали деца, особено во сегашните меѓународни констелации. Пендаровски и атлантистите застанале со образованието кај тезата за „крајот на историјата“, ама оттогаш дури и Фукујама се коригираше. Капиталот не оди по НАТО, туку по профитот. НАТО носи профит ама од друг тип: го одржува воено-индустрискиот комплекс, империјализмот и грабежот на природните ресурси. Дали сакаме да бидеме дел од сојуз со предаторски мотиви? САД не се фактор на мирот, туку закана за глобалниот мир. Дали Македонија, со својата историја, вклучувајќи ја и Граѓанската војна во Грција, заслужува да се смести на „линија на фронтот“? Никој досега не излегол со економска студија за цената на чинење на членството во НАТО, колку ќе даваме за оружје, наместо за леб. „Реформската“ власт го зголеми воениот буџет за 15%, и учеството во Авганистан за уште 20% (иако сме четврта нација по број на војници по глава на жител). Топовското месо одамна не се ни смета. Тоа е визијата, тоа е понудата. Велат „take it, or leave it!“. Ако се почитуваме себе си, сакаме мир, а не војна, одговорот се наметнува сам! Ако мене ме прашате: НЕ за НАТО, дури и под уставно име! А вие одлучете за себе, како и по која цена.

loading...

Автор: проф. д-р Билјана Ванковска за Нова Македонија

loading...

7 Comments

  1. СПС

    Референдумите се местат и манипулираат од тој што ги организира!
    Ако некој сака да каже ЗА МАКЕДОНИЈА, НЕ НАТО, улицата е нашиот референдум.
    Нема слобода, ако нема револуција!
    Нема Македонија, ако не се бориме да ја зачуваме!

  2. Аминта

    Зошто Архиепископот Стефан, како поглавар на христијанска Црква која проповеда Мир Божји, доаѓа да го слуша генсекот на воената организација која војува ширум светот. Дали знае Стефан колку цивили уби НАТО, за сега да аплаудира на генсекот??? Зарем убивањето цивили не е злосторство? Сите забегале и влегле во филмот за промена на идентитетот и името… СРАМОТА…
    За жал само малкумина останаа да ја бранат македонската вистина.
    Затоа секоја чест на професорката и нејзините колешки кои ја бранат македонската кауза.
    Но презир за останатите (машки) професори од УКИМ, кои капитулираа без изговорен збор.

  3. DLM

    Покрај 43 регистрирани ПРЕДАВНИЦИ и уште поголем број знаени и незнаени
    http://infomax.mk/wp/%d0%be%d0%b2%d0%b0-%d0%b5-%d1%81%d0%bf%d0%b8%d1%81%d0%be%d0%ba%d0%be%d1%82-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%b5%d0%b4%d0%b0%d0%b2%d0%bd%d0%b8%d1%86%d0%b8-43-%d0%b8%d0%bc%d0%b8%d1%9a%d0%b0-%d0%bd%d0%b0/
    Ванковска очекува и се надева на … што всушност оваа жена се надева????
    Не гледам од нејзина страна повик до студентите и до другите млади луѓе кои треба да бидат во првите редови за да ја сочуват својата татковина, туку таа нам ни објаснува работи кои сите ние добро ги знаеме, ЗОШТО?

    • DLM

      … таа Б.В. нуди некаква си кампања Сега кажи, и веројатно мисли како и Груевски дека држава се гради и се брани со Сега кажи или со пенкало во раце и заокружи сега! Бог да чува и да брани! Човек да се праша дали овие луѓе бегале од часови или не биле на оние часови каде се учи што е држава на што таа се темели како функционира и како се брани. Кога јас би бил професор или не дај боже академик во истиот момент би си дал оставка и би станал ДИСИДЕНТ Број 1, би се обратил до сите мои познаници и пријатели низ светот со ПОВИК тие да го дигнат својот глас против ЕТНОЦИД-от кој се врши врз мојата Македонска држава и Македонски народ, би ги повикал на отпор и борба против повампирениот НАЦИФАШИЗАМ.

  4. Jordan Gruev

    A shame you don’t walk the talk. Nowhere to be seen at protests.

  5. Petre

    Машала професорке, не можам да ве препознаам со различните ставови од пред неколку години и сега.

  6. ar

    ke namestat ama nie sme krivi drememe pred kompjuter i se praznime AJDE DA VIDIME KOLKU JA SAKAME MAKEDONIJA

POST YOUR COMMENTS

Your email address will not be published. Required fields are marked *

loading...

Контактирајте Не

Контактирајте

Email: [email protected]

Address: 1000 Скопје, Р.Македонија

Календар

May 2018
M T W T F S S
« Apr    
 123456
78910111213
14151617181920
21222324252627
28293031  

iNFOMAX.mk на ФБ