Monday, 21/8/2017 | : : UTC+0
iNFOMAX.mk
Македонија
0C

КОЛУМНА НА ДРАГАН ПАВЛОВИЌ ЛАТАС: Затоа

84%
User Rating

dragan-pavlovikj-latas-416081-300x300Осум недели се протестира низ цела Македонија против намерите на СДСМ и Зоран Заев да извршат државен удар со гласање за влада без мандат и федерализација на Македонија онака како што нарачале од Албанија, заедно со албанската емиграција и нарко подземјето кое, без криење, дури влегло и во раководните структури на СДСМ. Според нив, тоа било воља на мнозинството. Имале 67 пратеници и со тоа работата е завршена. Дали? И Доналд Трамп, на пример, има зад себе мнозинство од гласачките електори во САД но, кога тргна да воведува ембарго за влез на муслимани Судот и локалните државни функционери му ставија крај на таа идеја. Го запреа Трамп.

Затоа и постои демократијата. Не е тоа просто владеење на мнозинство без задршка. Да е така, мнозинството би го потаманило малцинството, во секоја смисла. Македонците се мнозинство но, можат ли да наметнат се што ќе им текне?! Не. Демократијата обезбедува систем контролни механизми за владеење на правото, над диктатурата и самоволието на оние кои, во одреден момент, се некое мнозинство.

Затоа уставот рекол дека треба да се добие мандат од претседател за владата потоа да се избира. Затоа постои уставен суд да пресече кога Собранието греши и забегува… затоа постои јавност, и постои народ, да ги потсети пратениците, и политичарите воопшто, дека со тоа што добиле мандат не добиле и право да газат врз сопствениот народ.

Да, секој во оваа земја (освен СЈО) на крајот има одговорност пред некого.

Трамп, за разлика од СДСМ, ДУИ и Заев и пред изборите, во својата кампања најави дека ќе воведува ембарго, забрана за влез на сомнителни муслимани. И доби гласови, и победи. Па, иако доби гласови и победи контролните механизми му ги запреа намерите.

За разлика од Трамп, ниту СДСМ со Заев, ниту ДУИ а уште помалку Беса и оној Села победија на изборите. Напротив, сите тие загубија. На изборите победи ВМРО ДПМНЕ. И сега од губитници, од лузери, некој сака да направи дружина на победници. Ма немој.

Измамата е со продолжено дејствие. Заев, за да ја излаже јавноста повторно, на прес објави своја, а божемна програма на идната влада, иако таа влада не е ни составена.

За разлика од Трамп кој пред избори ги најави своите намери и побара поддршка, ниту СДСМ со Заев, ниту ДУИ или Беса најавија дека планираат федерализација на Македонија, двојазичност, пуштање од затвор на убијци само затоа што се Албанци, историска осуда на Срби, Бугари и Македонци за геноцид врз Албанците…

Никој, ама баш никој не гласал на избори за платформата од Тирана! Ја објавија по изборите, со што извршија сериозна изборна измама и обид за уривање на уставноста на Македонија. Сега, со најава за влада без мандат, најавуваат и обид за насилно уривање на уставот и уставниот поредок. Тоа е барем јасно како бел ден. Секому.

Зошто ја направија таа измама?

Затоа што доколку платформата од Тирана се објавеше како клучна политичка цел пред изборите СДСМ немаше да добие ни половина од сегашните гласови на Македонците и ќе доживееше уште поубедлив изборен пораз, после што ќе беа неупотребливи.

Од збир губитници не се прави друштво на победници.

Затоа во СДСМ, десантно, преку ноќ влегоа Албанци со крајно сомнителни муџахедински истории како Мухамед Зекири. Затоа локалните изборни штабови во Арачиново, Кичево, Чаир… им ги водеа легитимирани нарко дилери кои, потоа, по ред беа апсени за промет на дрога додека Заев кубеше коси затоа што структурата му се распаѓала.

За тоа нарко подземје и богатата албанска емиграција менаџирана од Тирана да ја преземе во целост СДСМ под своја контрола, и да ја користи како алатка за спроведување на тиранската платформа. Да нема отпор од внатре. За да нема отпор Заев има и други механизми: кеш, соросоидни донации и телефонски разговори. И СЈО како извршител.

Затоа, тоа албанско политичко и нарко подземје си дозволи парада и до болка се изживуваше со Македонците во Диво насеље, во Куманово. Додека Македонија ги погребуваше загинатите полицајци Заев, насмеан од уво до уво, се сликаше со роднините и јатаците на терористите. Дали не го видовте тоа? Дали не ви беше јасно што се прави?!

Да, го видовме сите но, некои не сакаа да гледаат. Од се на светов, и од болката на Македонците и очајот на фамилиите на загинатите полицајци – поважен им беше Заев.

И Гоце Делчев, и Кочо Рацин и Кузман Јосифовски Питу, и Ченто… настрадаа од предавства на своите Македонци. Извршувањето, потоа, е само рутина.

Која и каква ќе беше Македонија ако Гоце Делчев не беше предаден, а Илинден успееше со автономија за Македонија. Кои ќе бевме ако не ги предадевме сами партизаните кои бараа во денешна Македонија да влезе и Пирин, и дел од Егејците. Тие загинаа, ги поапсија и елиминираа. Нам ни останаа последиците: мала држава, раскарани меѓу себе и зависни од вољата и ќеифот на албанското малцинство кое бега од попис.

Дали оваа генерација научила нешто, и може да постапи поинаку?

СДСМ и ДУИ врескаат: да, уставот, народот на протестите и изборните резултати се на страната на Груевски и ВМРО ДПМНЕ, но зад нас е меѓународната заедница!

Сме го виделе тоа и порано, ги знаеме и резултатите од тие филмови кога се наметнува власт без победа на избори, без поддршка од народ и без легитимитет.

Нацистите, во тоа време доминантна меѓународна заедница во Европа, во Хрватска наметнаа власт на Анте Павелиќ, во Србија на Милан Недиќ… и видовме што е тоа.

Комунистите на Сталин во Албанија наметнаа власт на Енвер Хоџа, во Бугарија на Тодор Живков, во Романија на Николае Чаушеску… и, таква ли власт сакаме. Меѓународна.

Добро видовме како последниве три години дел од таа меѓународна заедница системски го урива општеството, институциите и националниот идентитет на Македонците. Како плаќа домашни силеџии и провокатори да ја уриваат културата, идентитетот и институциите на својот народ. Како создава неуставни казнени одреди како СЈО за елиминација на противниците на планот за федерална и урната Македонија.

После 18 месеци од работата на СЈО важно е само да се пресуди дека не прислушкувале од надвор, туку владата се прислушкувала сама, со што се амнестира меѓународната заедница. Да се урне од корен и избрише од политичката сцена ВМРО, едниственото национално движење на Македонците повеќе од еден век наназад и судбината на нацијата да се препушти на одработувачи како Заев, како на Анте Павелиќ, Милан Недиќ, Тодор Живков или Николае Чаушеску… Каде се милијардите, милионите кои се наводно ограбени, со кои пропагандата на меѓународната и соросоидите ја бомбардираа јавноста. На крајот, најмногу прашина се крена за истрага против двајца новинари и обвинението дека купиле душеци, тенџериња и долен веш без данок…

Затоа 200.000 народ осум недели протестира низ Македонија. И не запира.

Затоа претседателот Ѓорѓи Иванов не му дава на Заев мандат за премиер. Затоа што е дел од нарко подземје, албанска емиграција која планира Илирида во Македонија, затоа што никој на избори не гласал за таа тиранска платформа… сево ова не е наша шпекулација туку јавно, многу пати кажано и покажано од самите нив. Од заверениците на Тирана.

Затоа што Ѓорѓи Иванов не е претседател наметнат од меѓународната заедница и нарко дилери, туку таму го избрал народ. Со повеќе гласови од било која партија.

Затоа, политиката на оние кои протестираат и нас кои ги поддржуваме е јасна:

– Браниме Устав. Само претседателот според уставот може да даде мандат за влада, а собранието за влада може да гласа само откако тој ќе ги извести кој го има мандатот.

– Браниме Собрание: никој, а особено не СДСМ, неможе на сила да оневозможи пратеник да зборува во собранието само затоа што на нив им се брза да се раздолжат со албанската емиграција и нарко дилерите, и со соросоидите кои инвестирале во нив.

– Браниме Демократија и право на избор: никој на избори не понудил да се гласа за федерална Македонија, двојазичност, ослободување убијци само затоа што се Албанци, за сами себе да се прогласиме за геноциден народ, за менување на уставното име, знаме и химна преку ноќ и создавање параиниституции како СЈО и разни пленуми…

Никој, никогаш не гласал за ова. Никој не добил поддршка и дозвола да го спроведе сето што се наметнува со платформата од Тирана и од меѓународната заедница.

Затоа деновиве претседателот Ѓорѓи Иванов потврди: нема мандат за Заев и тиранска влада. Ќе имавме нормална влада, таа беше и веќе договорена меѓу победникот на избори ВМРО ДПМНЕ и ДУИ но, еден амбасадорски повик го запре тоа… рече Иванов.

Затоа, и заради многу слични нешта, се брани Уставот, Собранието и Демократијата.

Затоа што секое бегање од реалноста има крај, особено кога ќе ве дотераат до ѕид.

Драган Павловиќ Латас, „Затоа“, колумна објавена во “Вечер“.

loading...

POST YOUR COMMENTS

Your email address will not be published. Required fields are marked *

loading...