КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Дупло голо

  • March 12, 2018

Македонија одамна не памети вака лоши економски резултати. Да потсетам, негативен економски резултат имаше за време на воената криза во 2001. година, кој имаше рефлексии врз 2002. година. Минатата 2017. година, дојдовме до нула. Успешно ја поминавме светската економска криза и секогаш со раст на БДП помеѓу 2% и 4.5%, а минатата 2017-та од планирани 3.5% да паднеме на 0%. Ова е директна вина на Владата на Р.Македонија. Немаше надворешни негативни влијанија – политички тензии во соседството, штрајкови, демонстрации, преврати па и воени дејствија.

Светската економска криза помина. Владата превзема повеќе економски чекори кои внесоа несигурност кај стопанствениците. Ги запреа инвестициите, како државните така и приватните. Штом нема инвестиции нема отварање и на нови работни места. Не се зголемува вработеноста на факторите на производството. Една од круцијалните грешки е запирањето на изградбата на автопатиштата, како и стопирањето на урбанистичките планови, а во некои општини ставање на мораториум на градби. Значи се изврши директен удар врз нискоградбата и високоградбата. Се запреа јавните инвестиции.

Градежништвото, кога ќе го ставите во погон со себе повлекува и други 27 индустриски гранки. Градежништвото има свое влијание и врз трговијата, производството на неметали, угостителството, туризмот, има свое влијание и врз порастот на наплатата на ДДВ-то, данокот на добивка итн.

Во голем дел се обесхрабрија домашните приватни инвеститори. Се уплашија и се во исчекување. Овој психолошки ефект е многу лош. Дополнително негативен ефект кој ќе се почувствува во 2018. година ќе има акцизата на нафтата со што се зголемуваат транспортните трошоци, и уште повеќе ќе опаѓа вработеноста и ќе се намалува стопанската активност. Оваа за нас кобна 2017-та ќе биде црна дупка која влече надолу и во 2018-та, а особено ако се има во предвид дека владата речиси и да нема никаков потег за подобрување на економскиот амбиент.

Со законот за јазиците, прават дополнителна политичка тензија. За очекување се пролетни штрајкови и протести.

После ваков економски дебакл, нема логика во владата да седи потпретседателот на владата Кочо Анѓушев, веднаш до него сноси одговорност министерот за финансии, а министерот за економија – искрен да бидам – не знам ни како се вика (само знам дека е од албанска националност). Овие тројца или треба да бидат реконструирани, или самите треба да си дадат оставка. Посебна одговорност носи Кочо Анѓушев, како стопанственик кој е потпретседател во влада која досега најлошо влијаеше на економскиот амбиент, иако беше промовиран како претставник и гласноговорник на приватниот сектор во владата. Посебно треба да сноси одговорност за состојбата во градежништвото. Што се однесува до неговите стимулативни мерки, ќе ги објавуваат дури сега, во март. За разлика од нив претходната влада сега во март го објавуваше вториот повик за фирмите кои треба да аплицираат за доделување на помош за зголемување на вработувањата.

Ова само покажува дека ниту Мила Царовска не е за машала.

На крајот многу ме интересира каква одговорност чувствуваат оние што помогнаа овие луѓе да дојдат на власт. Ако ВМРО-ДПМНЕ ни потрошило 300 милиони евра за проектот „Скопје 2014“, овие со неостварениот раст на БДП од 3.5% ни украдоа 350 милиони евра за една година. И уште 1.270.000.000 евра не задолжија со обврзници.

Значи, ем не задолжија ем не украдоа. Дупло голо. За една година не успеаа да измешаат ниту една количка малтер.

Со тие 300 милиони евра ВМРО-ДПМНЕ барем го направи „Скопје 2014“. Каков-таков, нешто ни остана. Овие не опљачкаа 350 милиони и не застануваат, нов трошок е рушењето на спомениците. Од една страна не знаат да заработат пари, ниту на стопанството му даваат да заработи пари, од друга страна не знаат ни каде да ги потрошат тие што ги имаат. Затоа, оние што се каат што го донеле СДСМ на власт од ден на ден ќе ги има се повеќе и ќе бидат погласни.

Јапоњерот (количката) им оди надолу.

Претходно «
Следно »

loading…