КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Пискотници се слушаат од Илинденска до Вашингтон

  • February 16, 2018

Што ви реков? Во изборната кампања во 2016. на парламентарните избори, на повеќе митинзи и на писмено ви говорев дека ако не дај Боже СДСМ дојде на власт, за три до шест месеци чекајте ги ММФ и Светска Банка. Ги знам јас нив добро. Што би рекле: „Знам те пушко кад си пиштољ била“. Ги знам!

Тие никогаш немале своја економска политика, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ. Кога СДСМ е на власт задолжително ни е присутен ММФ и Светска Банка. Кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводи државата, на светот и себеси покажуваме дека можеме и сами да водиме економска политика. Штом е ММФ и Светска Банка во земјата, нивната песна е позната: Имате преголем буџет; преголем ви е буџетскиот дефицит; имате превработеност – отпуштајте; таа и таа институција треба да се затвори; тоа и тоа јавно претпријатие треба да се продаде; Фондот за пензиско има преголем долг итн, итн. И тоа денес ни се случува!

Пред 4-5 дена на „24 Анализа“ ги гледам како некоја експертка од Светска Банка анализирала дека дефицитот во фондот бил преголем. Таа предлага решение да се зголемат придонесите и да се зголеми старосната граница за одење во пензија. Ништо ново! Наводно ваквиот дефицит бил како резултат на намалувањето на придонесите за ПИО кои ги намалила минатата Влада. Да, тоа е точно. Со помал придонес се собираат помалку приходи во буџетот на фондот на ПИО. Но, ќе каже ли некој дека се зголеми бројот на осигурениците, за дури 170.000 вработени! Тоа значи дека стратегијата на претходната влада да се зголеми бројот на вработени, даде резултат.

Сега значи, владата на СДСМ си смислува трик. Не зборува таа, туку наводно експерти на ММФ и Светска банка констатирале дека Фондот за пензиско ќе ни „рикнел“. Како да не, ќе рикнел?! Не смее СДСМ да каже дека ќе го зголемува пензискиот стаж и дека ќе ги зголеми придонесите, туку атмосферата ја подгреваат ММФ и Светска Банка.

   1. Огромниот дефицит во фондот за ПИО во најголем дел е резултат на зголемените транзиторни трошоци поради воведувањето на вториот пензиски столб. Да потсетам, оваа реформа започна на 01.01.2006 година. Беше успешно стартувана и двете приватни пензиски друштва успешно функционираат веќе 12 години. Сега, една третина од средствата прибрани од придонесот за ПИО се префрлаат во вториот пензиски столб и тоа за сите осигуреници вработени по 30. март. 2005. година. Значи, сите млади се осигуруваат и во вториот пензиски столб, и една третина од нивните средства одат таму. Кога тие ќе одат во пензија, ќе имаат минимална државна пензија и втора пензија од приватниот пензиски столб кои средства сега им се оплодуваат, т.е. се пласираат на пазарот за пари и се зема камата. Значи за 40 години тие ќе имаат издвоени средства, плус заслужена камата. Камата во сегашниот пензиски систем нема.

   2. Кога осигуреникот ќе почине, правото на пензија го стекнува неговиот брачен другар, или неговите деца доколку се малолетни и ќе ја примаат таа пензија до завршување на школувањето, или навршени 18 години.

   3. Парите издвоени во сегашниот постечки, прв пензиски столб се непреносливи. За разлика од него, средствата издвоени во вториот пензиски столб со капитализирана камата се преносливи на било кој член од семејството во случај на смрт на осигуреникот. Преку вториот пензиски столб, осигурениците ќе имаат повисоки пензии затоа што издвоените средства се зголемени со 40-годишна камата.

   4. Моменталниот пензиски систем е генерациски. Сегашната генерација ги финансира пензиите на претходната. Тој функционира на средства прибрани кај него во моментот. Не се работи за издвоени или капитализирани средства (татко ми ја обезбедувал пензијата за дедо ми, јас за татко ми, итн.). Таков е овој пензиски систем.

Со пензиските реформи и воведување на вториот пензиски столб целта беше да се стабилизра Фондот и да се обезбеди сигурна иднина на поколенијата кои што доаѓаат. Затоа, незналиците кои денес привремено се во Македонската влада нека не кажуваат приказни за мали деца. Провидни се. Ако се зголеми придонесот за ПИО тоа значи за толку ќе се намалат издвојувањата од буџетот во фондот. Овие средства што ќе им останат во буџетот ќе ги користат за други политики. Ова јасно покажува дека не им е дојдено до грижата за наводната загрозеност на фондот за ПИО, туку да им останат повеќе пари во буџетот на Р.Македонија.

Претставничката на ММФ на денешната конференција одржана во Скопје, јасно кажа дека порастот на пензиите мора да се врзе со степенот на инфлацијата, а не со просечната плата. Тоа значи, нема веќе зголемување на најниските пензии за 24%, високите пензии за 10%, па понекогаш зголемуваа по 5% итн.

Груевски веќе го нема. Нема таков „будала“ што ќе дава „капом и шаком“ на пензионерите: Зголемување на пензии во согласност со порастот на просечната плата, бесплатен превоз, бесплатни бањи, зимување итн, итн. Сега е време на рестрикции, на кукање, на плачење, на немоќ. Сега е време викаме ние немаме, ние сме задолжени, нас не не бива, криминалците не опљачкаа. И нормално, спас ќе се бара кај ММФ и Светска Банка. Па тие токму такви жртви чекаат, да имаат каде да си ги пласираат своите кредити, со убави каматни стапки и секое доаѓање дебело да го наплаќаат и дебело да се плаќа за колсунтантски услуги на нивната мисија.

Така е. Избравме влада која само плаче и вика – нема. Таков е животот кој си го избрал да го живееш на чело со СДСМ. Живот во немаштија, без перспектива, загрозеност.

Претходно «
Следно »