March 28, 2024, 11:11 am

КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: 738.000м2 зеленило ÷ 63.000 жители = 11.7м2 зеленило по глава на жител

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Денес СДСМ ми се закани со кривична пријава затоа што сме поставиле камен темелник на градинка во Бардовци. Ништо ново не кажаа. Со кривични пријави, закани за апсење, нарекувајќи ме криминалец тоа го прават уште од првата секунда по 16-ти март 2013-та година, па се до денес. Во прилог на тоа што тие и понатаму се закануваат можам да ги кажам следниве неколку работи:

1. Јас сеуште не сум кандидат за градоначалник, ниту независен, ниту предложен од било која политичка партија и сум актуелен градоначалник.
2. Кандидатот кој што грчевито се обидуваат да си го промовираат пред пет дена си постави штанд на пазарче во Карпош и си тераше кампања, и јас не реагирав, и никој за тоа не реагираше, ниту имам намера да реагирам.
3. Ги молам моите политички противници во оваа изборна кампања да не плачат, да не тераат иле, туку да си кажат што друго знаат освен плачењето и лажењето.
4. Јас денес ставав камен темелник на градинка во Бардовци. Овој проект го туркаме повеќе од две години. Општината ќе даде 300.000 евра, а Светска банка 120.000 евра. Нивните инсталации во овие институции постојано се трудеа да ни го опструираат проектот и да го одложуваат. Можам да им порачам дека јас и натаму ќе градам градинки, во Тафталиџе 1 и во Тафталиџе 2. Спремам нов проект за Злокуќани и за Нерези. Ќе градам со народни пари, се разбира. А, тие нека продолжат со народните пари да му ги полнат џебовите на потпретседателот на владата Анѓушев. Тоа е разликата помеѓу нив и мене. Јас од народ за народ, тие од народ за себе!

Сакам да им дадам мал придонес кон нивното еколошко поимање на раководењето со локалната самоуправа. На СДСМ му личи да биде еколошка партија, затоа што, од `92 до `98 година ги уништија сите фабрики. Фабрички оџак можеме да видиме само во некој документарен филм од социјализмот или на некоја стара фотографија.

Во нивниот еколошки занос, најмногу се грижат за зеленилото. Светски стандард е да се има седум квадратни метри зеленило по глава на жител. Карпош има речиси 12 метри квадратни по глава на жител, или во мојата општина има уредено булеварско и блоковско зеленило со вкупна површина од 738.000 метри квадратни. Ова, поделено со 63.000 жители пресметајте и сами колку зеленило има по метар квадратен на жител.
Во овие 738.000 метри квадратни зеленило влегува само уреденото општинско зеленило (булеварско и блоковско) без новиот дел од Градски парк кој се протега од Луна паркот до „Александар Палас“, без парк-шума Водно, без неуредени површини десно од булевар Илинден, без кејот на Вардар, без земјоделските површини во Злокуќани, Бардовци и Зајчев рид.

Јас и натаму ќе се борам Карпош да биде светска општина, и ќе надминуваме светски стандарди, а тие нека продолжат да се залагаат општината да ни биде село.

Нивниот концепт е да запре градењето, да се поништат деталните урбанистички планови, да нема интерес за инвестирање во општината. Нивната политика е Карпош да спадне на ниво на Демир Хисар, Ранковце, Крива Паланка или Македонски Брод каде што никој нема интерес да инвестира. Замислете, би биле среќни ако нема интерес за општината.

Интересот за општина Карпош е резултат на добро изградената инфраструктура. Има широки булевари, доволно паркинг простор, има уредени зелени површини, нови училишта и тоа во секоја месна заедница, затоа што има 10 детски градинки (а денес започнавме да ја градиме и 11-та). Карпош има четири државни и четири приватни гимназии. Три приватни основни училишта. Во Карпош се најдобрите две приватни градинки во државата. Имаме врвна здравствена заштита: Градската општа болница „8-ми Септември“ и двете најголеми приватни болници „Систина“ и „Филип Втори“ на Жан Митрев. Во Карпош имаме театар, библиотека. Карпош е и универзитетски центар: Рударско-металуршкиот факултет, Електромашинскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, ФИНКИ, Факултетот за педагошки науки, Институтот за социолошко-правни истражувања, Факултетот за туризам и менаџмент, Универзитеот ЕСРА. Во Карпош е најголемиот трговски центар во Македонија. Граѓаните имаат одлично снабдување (Веро, Тинекс, Стокомак, Кам маркети). Во Карпош е спортскиот центар „Борис Трајковски“, лизгалиштето, аква-паркот, затворениот пливачки базен.

Во Карпош ќе биде сместен Олимпискиот комитет, ќе се гради спортска сала за гимнастика и спортска сала за тенис. Во Карпош ќе се гради стадионот на „Вардар“ со 6.000 гледачи. Ќе се гради нов Драмски театар, а во локалитетот Скупи ќе се реконструира амфитеатарот со 9.000 гледачи, и ќе се реконструираат Хамзи-пашините конаци. Во Карпош е етно селото, Крстот на Водно, жичарницата. Во Карпош има каде да рекреирате, има уреден кеј на реката Вардар. Во Карпош е хотелот „Александар Палас“, хотел „Карпош“ и дузина приватни хотели.

Гледате што се има во мојата општина, но гарантирам дека нема да има плаќање за паркинг и нема да има бегалци донесени од џенем!

Ете затоа во Карпош сакаат да дојдат инвеститори и затоа граѓаните сакаат да купат стан или куќа во нашата општина. Тоа што градиме инфраструктура, што ги менуваме фасадите и ги правиме енергетски ефикасни, крововите и лифтовите, што даваме бесплатни ужинки за учениците и екскурзии, што стипендираме ученици ги прави да бидат луѓето од оваа општина посреќни, и нивните имоти да вредат повеќе од било која друга општина во Скопје. Затоа се најскапи становите во Карпош, и затоа се највисоки кириите.

За таков Карпош јас ќе се борам, а тие нека продолжат со нивните лаги, конструкции и нека продолжат да го нудат нивниот демирхисарско-паланечки концепт.

На овие избори во Карпош ќе се бие битка меѓу концепт за развој, и концепт на статус-кво. Ќе се бие битка меѓу лагата и вистината. Кој ќе победи граѓаните ќе кажат.

Засега лагата, на лажговците и нивните лажовизии во мојата општина не им поминуваат.

3 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This