КОЛУМНА ОД НЕПОЗНАТ АВТОР: Лавови!

  • December 12, 2017

На почетокот бев одбојно расположен спрема паравојската на тогаш владејачката партија. Ја признавам својата аверзија спрема “партиските војници” уште од времето на т.н. комунизам. А за онаа спрема т.н. Schutzstaffel на НСДАП, попознати како SS-трупи, и да не зборуваме. Мојот однос спрема вмровските војници се промени кога видов дека тие се едни од ретките бранители на запустенава земјичка пред налетот на “убијците и разбојниците” на Робертсон

Од пред некое време “лавовите” се тема на денот. Јас, за жал, не познавам ниеден лав. Имам еден постдипломец од некаква слична формација, но тој, сосема несоодветно на својот изглед, ти бил “волк”. Еднаш во кино “Центар” едно младо, не особено крупно момче, замоли да седне покрај мене. Се претстави како редовен читател на моите колумни и – збор по збор – дознав дека и самиот е во некоја специјална единица. “И вие сте, значи, волк?”, го прашав, а тој, како од пушка: “Јас сум тигар!” Кротко момче, не личеше многу на тигар, но не реков ништо: ни мојот постдипломец нема ништо волчешко во себе. Како што, впрочем, ни многу “екселенции” не ги краси никакво одличие, никаква (пре)возвишеност. И така, додека во животот запознав едночудо вакви екселенции, за жал, не познавам ниту еден единствен “лав”. Барем не од овие наши, актуелниве. И можеби токму затоа и ме заинтересира нивната приказна.
Несомнено е дека на почетокот бев одбојно расположен спрема нив, паравојската на тогаш владејачката партија. Ја признавам својата аверзија спрема “партиските војници” уште од времето на т.н. комунизам. А за онаа спрема т.н. Schutzstaffel на SDAP (попознати како SS-трупи) и да не зборуваме. Затоа, од првиот миг не ме бендиса основањето на нашите “лавови”, ниту пак нивното подоцнешно вклучување во редовите на полицијата. И така таа моја одбојност спрема оваа формација вирееше се до велепредавничкиот бунт на припадниците на етносот чие име е табу во Македонија.
Што се случуваше, како се случуваше во тие недамнешни времиња не е неважно, ни безначајно. Македонија пред светот се претстави во мошне грда светлина, но во иста таква светлина се претстави и светот пред Македонија: се виде дека новата држава не изградила одбранбен систем, а меѓународната заедница – општоприменлив морален кодекс. Така, додека никому во таа заедница не му паѓа на памет на Израел да му ги мери осветничките потфати против Палестинците за самоубиствените (и други) напади врз израелски цели, нам таа катадневно ни пропишуваше колку кафени лажички одбрана смееме да примениме спрема “убијците и разбојниците” на лордот Робертсон. Ни даваа и календарски определени рокови во кои треба да излеземе на крај со нив (!?). Да му определеа такви рокови на Израел, земјината топка ќе се распукнеше од смеа. Во Македонија се минува!
Без оглед на се, факт е дека во 2001 година не се прославивме кој знае како (и тоа не само затоа што и во армијата и во полицијата имавме будна петта колона, регрутирана според етнички клуч, која, потпомогната од сателитската логистика на непозната светска велесила), во секое време можеше да ги пренесе ТАМУ КАДЕ ШТО ТРЕБА сите доверливи податоци за движењето на нашите борци. Така и се случи најголемиот број бранители на Македонија да го загубат живот не во борби, туку во чудесно добро наместени заседи. Од друга страна, немаше никаква координација на дејствата меѓу армијата и полицијата, на кои – дотогаш – ни на крај памет не им паѓаше дека војната не е нешто што им се случува само на другите. Просто речено: не се знаеше ни кој пие ни кој плаќа.
Прикаска за себе е регрутацијата! Кога армијата се обиде да ги засили своите редови со млади регрути, огромна маса на нашата млада популација формално ја снема од Македонија (иако кафулињата, диско-баровите и другите сврталишта на младите воопшто не бележеа намалување на посетеноста). Младите едноставно “скубнаа” пред регрутацијата. Главно ги немаше ни под дрво ни под камен.
И тогаш, фати да се менува мојот личен однос спрема вмровските војници на партијата именувани како “лавови”: врти-сучи излезе дека тие се, ако не единствените, тоа секако едни од ретките бранители на запустенава земјичка пред налетот на “убијците и разбојниците” на (од неодамна благородниот) Робертсон. Ќе треба човек да има образ дебел како ѓон од алпинистички цокули за да не ја согледа оваа реалност, а камоли да се обиде да ја негира.
И – бидна што бидна! “Убијците и разбојниците” на генералниот секретар на НАТО првин се претворија во “вооружени групи”, сетне во борци за човекови права, а барањата од нивните “комуникатиња” станаа платформа за преговори помеѓу политичките претставници на заедицата чие име е срамота да се изговори и славомакедонските поробувачи.
Крајот на приказната за “убијците и разбојниците” е типично македонски: не само што никој и никогаш од нив не беше изведен пред лицето на правдата (синтагма толку омилена во говорите на Џорџ Даблју Буш), туку почнавме и не така пополека да гледаме како волците стануваат чувари на шарпланинските и подшарпланинските јагниња.
А “лавовите”? Е, тоа е друга приказна. Зад нив не стои ни “меѓународната” ни Џорџ Даблју (иако ниеден од нив не е на неговата црна листа, а оние другите, богами, се). А “ДУИ бара лавовите да се распуштат”: Тоа што важи за нив (оние што ја наметнаа војната!), не може да важи за тие што беа принудени да ја прифатат(!?). И наместо да се занимаваат со тој аспект на проблемот на справедливоста, нашите бистроумни медиуми се отепаа мавтајќи ни пред носот со бројот на кривични и прекршочни пријави поднесени против “лавчињата”. За нив нема амнестија, за нив нема помилување, за нив, едноставно речено, не смее да има правда, справедливост, како елементарно признание за она што објективно (колку што можеа) го сторија за земјичкава.
Ако е тоа правда, јас себеси и официјално ќе се прогласам за св. Ѓорѓија (зимски или летен, мрсен или посен, сеедно), а вие смејте ми се колку што сакате.

Претходно «
Следно »

loading…