НИШТО НЕМА ДА БИДЕ ИСТО: По митингот на ВМРО-ДПМНЕ Македонија се менува, ништо повеќе нема да биде како порано

  • June 3, 2018

Десетици илјади луѓе пред Владата во вчера вечерта со развиорени македонски и знамиња на најголемата опозициска партија, со транспаренти „Македонија ќе победи“, порачаа дека само по една година од новата власт стравуваат за својата и иднината на земјата, и недвосмислено на Зоран Заев и на СДСМ им порачаа дека мора да си заминат, анализира порталот Нетпрес.

Премиерот Зоран Заев пред една година вети дека ќе ја придвижи економија, којашто инаку поради политичката криза што ја предизвикаа неговите социјалдемократи беше зачмаена, и оти ќе го забрза приемот на Македонија во НАТО и во Европската унија, решавајќи го деценискиот спор за името со Грција. И тоа требаше, нели, да донесе просперитет. Меѓутоа, 60-те илјади луѓе коишто во саботата вечерта излегоа на и отаде „Илинденска“ на повик на ВМРО-ДПМНЕ, не само што ја поддржуваат опозициската партија, туку, очигледно и чувствуваат дека нештата не се онакви какви што ги прикажува актуелната влада. Заради продолжената лоша состојба во економијата, и покрај, нели, политичката стабилноста и отвореноста кон соседите и светот, а којашто и минатата година забележа повторно пад, поради пробивањето на психолошката бариера од пет ,милијарди евра долг и, кончено, поради неумеењето да се одбранат македонските интереси во преговорите со Атина, илјадниците собрани пред Владата побараа предвремени избори со мотото „Македонија ќе победи“.

Но, она што особено вреди да се забележи е бројноста на луѓето кои се одѕваа на повикот на најголемата опозициска сила. Секако, тие допатуваат од сите делови на земјата, но тоа само укажува дека револтот во однос на актуелните политики коишто ги спроведува владејачката гарнитура е голем. Покажува, исто така, пак, дека сразмерно е голема и поддршката за ВМРО-ДПМНЕ. И тоа во услови кога партијата е шиканирана со низата судски процеси против нејзините највисоки поранешни функционери, во услови на голема контрола врз медиумите и пропагандата итн. А, и да не се согласуваме со оцената на опозицијата дека станува збор за политички прогон, бројноста на мноштвото многу јасно укажува дека незадоволството од власта на СДСМ е огромно.

Мицкоски очигледно допрва започнува силни и моќно да чекори на домашната политичка сцена. Но, мора да се потенцира дека тоа го прави со многу сигурен и одмерен од. Се чини, како повторно СДСМ да се „затечени“ од новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој и во неодамнешното телевизиско соочување покажа супериорност во однос на својот главен политички опонент. Станува збор веќе за хронична болка на социјалдемократите коишто во својата неизлечива самобендисаност и криво проценување на противникот веќе имаа искуство и со Георгиевски и со Груевски, за кои, исто така, ги потценуваа, а мораа да ги симнуваат од власт со надворешна помош со фабрикување конфликти и афери. Просто, партија којашто го има најбројното членство и масовна поддршка, не може да не поседува личности кои имаат лидерски способности, пишува Нетпрес.

Челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се заложи за одржување предвремени парламентарни избори веќе следната година, заедно со редовните претседателски. Во својот моќен и впечатлив говор Мицкоски порача и воедно предупреди дека Заев „ќе направи непоправлива штетата од којашто нема да има закрепнување“ и јасно порача дека партијата е „против какви и да се промени на Уставот чијашто цел ќе биде промената на нашето име“. Овие пораки, коишто Мицкоски ги повторуваше во кусиот период на подготовка на големиот протестен собир на средбите со граѓаните ширум земјата, исто така, укажуваат на внимателно водена кампања, добро избран тајминг и поседување исклучителни лидерски квалитети.

Митингот дојде, да потсетиме, по помалку од половина година откако Мицкоски застана на чело на ВМРО-ДПМНЕ, кога беше дочекан со доза на скептичност, па и во самата партија. Но, саботната вечер на „Илинденска“ покажа дека опозицијата доби вистински лидер и оти партијата, наспроти очекувањата на власта, сѐ уште е хомогена и со многубројна поддршка. И, најважно, се претстави како сериозен конкурент на актуелната власт. Зашто, ако во услови на политички притисоци, шиканирања и прогони, десетици илјади граѓани се одважат да излезат на улица против власта, за неа се поставува прашањето како ќе успее во иднина да ги амортизира незадоволството и разочараноста, па и кај нејзините до неодамнешни поддржувачи. Зашто, имајќи го предвид капацитет на екипата којашто стои зад Заев, па и самиот негов политички габарит, малку е за верување дека граѓаните ќе почувствуваат некоја благодат од нивното владеење. Па дури и уште утре да станеме членки на НАТО и ЕУ.

А тоа, според сѐ судејќи и го имаат сфатено во владејачката партија, па бевме сведоци на еден немушт обид со фингирана и „антидатирана“ квази-анкета да се обесхрабри народот масовно да излезе на протест. Сепак, во СДСМ, уште од пред извесно време се запознаени со вистинските резултати од едно интерно испитување на јавното мнение кое укажува на надолен тренд на довербата меѓу граѓаните за оваа партија. Оттаму и козметичките измени во владиниот кабинет непосредно во пресрет на протесниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ, што Заев го правда со зголемување на парламентарното мнозинство. Да, тоа му е потребно, но не за носење на „реформски“ закони, како што тврди, туку за голо опстојување на власт.

Севкупно, по овој митинг на ВМРО-ДПМНЕ, јасно е дека заврши комоцијата на Заев и СДСМ. Партијата преку пораките на најистакнатите челници на европската десница, исто така, доби недвосмислена поддршка, со што е елиминирана уште една од тезите за изолираноста на „вмровците“ на меѓународна сцена. Тоа покажува дека Владата го губи кредибилитет, како кај граѓаните така и надвор, како и дека ВМРО-ДПМНЕ силно се враќа на политичката сцена, додава порталот.

Претходно «
Следно »