Wednesday, 25/4/2018 | : : UTC+0
iNFOMAX.mk
Македонија
0C

ПЕШЕВСКИ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ПОЛИТИКАТА: Мојата политичка кариера заврши, новиот претседател да биде конструктивна опозицја и да не блокира

User Rating

Владимир Пешевски, истакнат политичар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и вицепремиер за економски прашања на Владата на Република Македонија во периодот 2009–2017 година, денеска во објава на својот фејсбук профил ја информира јавноста дека решил да стави крај на својата политичка кариера.

 

loading...

„Сметам дека мојата политичка кариера е завршена. Нека биде ова искуство една скапа лекција и за мене лично, но и за оние кои ќе се одлучат својата професионална кариера да ја продолжат во политиката. Јас ќе се обидам, ако имам шанса, да се вратам во водите на бизнисот и да се посветам повеќе на моето семејство“, истакнува меѓудругото Пешевски, во подолгата објава која е насловена како „Отворено писмо до новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ“.

Како што истакнува Пешевски, писмото во кое има многу препораки и совети до идниот претседател на партијата, се решил да го напише сега, со цел да не биде насочени конкретно кон една личност, туку воедно да послужи и како показател за вредностите во кои тој длабок верува и за кои се надева дека ќе му помогнат на идниот лидер на партијата полесно да го преброди тешкиот период што следи.

Отвореното писмо на Пешевски го пренесуваме во целост:

Почитуван претседателе,
Причините поради кои го пишувам ова отворено писмо се повеќеслојни и бројни. Го пишувам сега, додека се уште не си избран, со цел моите размислувања и пораки да не бидат насочени кон тебе лично, туку како вредности во кои длабоко верувам и кои се надевам ќе ти помогнат на ниво на принципи во водењето на Партијата во тешкиот период што следи.
Ќе почнам од она што во овој момент, додека не си избран, ти се чини најважно, а тоа е самиот вондреден Конгрес. Иако сега ти е важно да обезбедиш подршка од што е можно поголем број на делегати (да, важно е!), сепак апелирам да бидеш свесен дека твоите напори и однесување овие денови се рефлексија на твоите вредности и предвестие за начинот на кој ќе раководиш со партијата во периодот откако ќе бидеш избран.
Тоа е секогаш така. Затоа, за почеток, не ги оцрнувај другите можни кандидати и не започнувај и не стимулирај негативна ПР кампања против било кој од нив. Со сите доблести и маани, утре со тие луѓе ќе треба да работите заедно. Во лобирањето немој да се користиш со лаги, немој да даваш лажни ветувања кон луѓето кои ти помагаат со цел да ја добиеш нивната подршка. Подобрувањето на имиџот на партијата,и подигањето на системот на вредности на ВМРО-ДПМНЕ со тебе на чело почнува од тука, од начинот на кој ќе се избориш да бидеш избран.
Откако ќе бидеш избран, следниот голем проблем со кој што ќе се соочиш е финансирањето на партијата. Прифати во старт дека ќе мора да се вратиш на формите на функционирање на партијата каде тековните трошоци ќе бидат минимални. Ти сугерирам во најскора можна прилика да го отвориш ова прашање со останатите политички партии. Во политичкиот живот на независна Македонија, ова е еден од проблемите кој не се реши соодветно и кој на еден или друг начин резултираше и стимулираше несоодветно однесување кај речиси сите партии. Убеден сум дека и меѓународната заедница ќе даде подршка во решавањето на овој проблем, што не е многу сложено да се реши.
Следното прашање на кое ќе му се посветиш е кадровската политика. За почеток, искористи го искуството и од добрите, но и од помалку добрите пракси од минатото. Колку и да бидеш во искушение, обиди се да се ослободиш од желбата за реваншизам или ставање на тенок мраз на луѓето во партијата кои ги чувствуваш како конкуренти или кои не ти се симпатични од лични причини. И сега и во иднина, обиди се да ставиш јасни граници помеѓу своите лични, интимни, роднински и пријателски релации, со релациите и односите кои ќе владеат во партијата. Продолжи со праксата да даваш шанси и на нови лица од Партијата, но и на луѓе кои во моментот не се во партијата, а ги делат современите десничарски вредности на европските партии.Реактивирај ја во полн капацитет партиската кадровска комисија. За жал, ќе мора да донесеш и некои навидум болни решенија. Некои луѓе со своето однесување во изминатите години и покрај високите позиции кои ги имаа и се уште ги имаат, сепак не одговорија на соодветен начин на довербата која им била укажана. Справи се со нив, без гнев и реваншизам, но сепак решително. Или тие ќе се справат со тебе.
Ќе треба да изградиш одличен однос со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија. Ќе следат големи одлуки од кои ќе зависи иднината на Македонија како држава, но во голема мерка и иднината на ВМРО-ДПМНЕ како партија. За сите тие одлуки, пратениците ќе бидат изложени на огромни притисоци, како што се изложени и во моментов. Имај разбирање кога ќе покажуваат слабости, биди трпеливи обиди се да ги убедиш со силата на аргументите во она во што ти веруваш. Партијата треба да биде сила која знае да ја однесе Македонија на нови, современи стојалишта за многу прашања. Да покажеме дека можеме да бидеме конструктивна опозиција, која нема да се потпира на непотребни блокади, туку пред се на аргументацијата, знаењето и визијата во која веруваме.
Започни со силно промовирање на вистинските вредности помеѓу младите во Унијата на млади сили. Да им ја зголемуваме пред се желбата за знаење, желбата за напорна работа, желбата да помагаат на оние околу себе. Да бидат чесни. Бори се против елитизмот. Да ги научиме да бидат потрпеливи и поскромни во своите очекувања од партијата, но да бидат и похрабри и порешителни, со претприемачки дух кога ќе треба да ја преземаат судбината во свои раце.
Унијата на жени заслужува огромна почит за добрите резултати кои ги имаме постигнато во минатото. Сепак не секогаш имаат добиено соодветно признание и вреднување за својата партиска работа. Помогни да градиме однос кон нив пред се каков што би сакале да гради некој кон нашите мајки, сестри, сопруги и ќерки.
Градењето на современа партија, сепак не треба да ги исклучи од тој процес и нејзините најстари членови. Иако многумина понови членови ќе кажат (со право) дека не треба да се робува на историјата, да не заборавиме дека сепак ние сите се потпираме на темелите кои тие ги поставиле. А кога сме кај историјата, би те советувал да не го негуваш премногу култот кон методите на ВМРО од почетокот на 20 век. Имам огромна почит за тие патриоти од првите денови на ВМРО, но таквото однесување и борба приличела на тоа време. Денес борбата за Македонија се одвива на поинаков начин. Кога имаме сопствена држава, најдобриот начин да бидеш патриот е да бидеш чесен, исполнителен и професионалец во сопствената работа. Величај ги тие вредности.
Продолжи со праксата на градење на поширок состав на Извршниот комитет на партијата. Стимулирај отворени дискусии, воведи и тематски расправи со надворешни експерти за некои чувствителни теми, дозволи да се дефинираат работите прво на ниво на филозофија и доктрина, а потоа на оперативно ниво. Биди особено внимателен во носењето на важни одлуки во мал и затворен круг. Понекогаш тоа ќе биде потребно, но тоа нека биде исклучок, а не правило во твоето однесување. Именувај поширок круг на потпретседатели и додели им реални овластувања во нивните области. Иако е тешко да се откажеш од контролата, иако и тие веројатно ќе прават грешки во своето делување, кога сепак ќе се воиграте како тим, капацитетот на дејствување ќе ви биде неколкукратно поголем. Осовремени го статутот на партијата и вгради механизми на контрола и корекција, дури и за себе. Нека оваа реформа на статутот ти биде една од првите внатрепартиски активности што ќе ги преземеш.
Сега ќе се осврнам на некои прашања кои се однесуваат на случувањата надвор од нашата партија. Ќе започнам од најгорливото прашање, а тоа е процесот што следи во однос на преговорите за името на нашата држава. Треба да настојуваш да бидеме колку што е можно поактивно вклучени во овој процес, односно да не дозволиме да ни се сервира решение на принципот „земи или остави, со вас или без вас“. Иако е очекувано да опстоиме како партија на нашите традиционални цврсти позиции, сепак треба да бидеме мудри и да го препознаеме историскиот момент и шанса која се чини ни се укажува како земја. Да покажеме дека можеме да бидеме и ние дел од решението. Историјата ќе покаже дали можело овој проблем да се реши порано или подобро, но сега е многу поважно да се реши што поскоро. За мене лично долги години, и пред да се бавам активно со политика но и подоцна, ми беше нејасно зошто за најважниот проблем кој со години го имаме како земја, беа одвојувани скромни ресурси во смисла на финансиски средства и луѓе.
Второто вонпартиско прашање кои според мене е најважно за иднината на Македонија е статусот на меѓунационалните односи, пред се помеѓу Албанците и Македонците. Обиди се за ова прашање да се поставиш како државник. Размислувај 30-40 години во иднината, бидејќи стратешките прашања се решаваат со визија, а не со дневна политика. Иако како партија имаме направено повеќе за унапредување на правата и на животот на обичниот Албанец кој живее во Македонија од било која друга партија (било македонска, било албанска), сепак реалноста е дека над 90% од Албанците имаат негативен став кон ВМРО-ДПМНР. Има причини зошто е тоа така и зошто треба да се обидеме да го смениме.Треба да размислуваме како да ги уредиме меѓусебните односи од перспектива на членка и на НАТО и на ЕУ, кога границите помеѓу нас и соседните држави ќе бидат од обичен, административен карактер. Од тоа стојалиште, што порано се заложиме за целосна еднаквост во општеството (и во правата, но и во обврските кон државата), толку побрзо ќе успееме да се трансформираме во граѓанско десничарска партија која ќе има членови од сите делови на македонскот општество.
Потребно е да почнеш да ги зацврстуваш темелите на мостовите кои ги градевме во минатото со меѓународната заедница, а кои во моментот се сериозно разнишани. За жал, во моментов свесен си дека перцепцијата за нашата партија кај голем дел од релевантните меѓународни фактори не е поволна. Историјата за жал не беше добар учител за нас на ова поле. Сигурен сум дека знаеш дека за една мала земја, политичката умешност се состои во тоа како да успееш сопствените национални интереси да ги протуркаш покрај интересите на големите супер сили. Не секогаш во реалната политика владеат принципите на фер и правичност, но тоа е главната карта на која малите земји треба да инсистираат, но пред се преку сопствен пример на коректност кон оние послаби од нив, а не со инаетење и лутење.
Во однос на медиумите ќе треба да најдеш начин како да изградиш коректен однос со овој сегмент од општеството на принципи малку поразлични од оние кои ги применувавме до сега. Немој да градиш однос од типот „ако не си со мене, тогаш си против мене“. Ни треба транспарентност и неселективност. Ќе треба да се навикнеш да даваш одговари и на тешки и несакани прашања. А ќе ги има, и ќе ги има многу особено за тоа што се случувало изминатите десет години. Ќе треба да си спремиш одговори кои нема да бидат лесни за кажување. Ќе мора да се соочиме со нашите грешки, колку и болно тоа да биде за некои од нас.
Стимулирај ги неформалните комуникации на нашите членови со луѓе и здруженија кои имаат поинакви политички размислувања од нас. Не ги осудувај нашите членови кои имаат таква комуникација или изградиле или ќе изградат пријателски односи со оние кои размислуваат поинаку од нас. Исклучивоста и неспремноста макар и неформално да се судрат мислењата не е добра. Уште од Хегел е ова разјаснето. Да градиме взаемна почит и кога не се согласуваме и да не гиправиме политичките неистомисленици непотребно наши непријатели.
Би сакал да ти дадам и свое мислење за односите кои треба да ги градиме со нашиот главен политички опонент, СДСМ. Свесен сум дека во моментов кај огромен дел од нашето членство владее една мешавина на гнев, лутина и разочараност кон СДСМ. И тоа целосно го разбирам. Но биди свесен дека слични чувства владеат кон нас и кај добар дел од нивните членови. Иако ќе ти биде тешко, иако од некои можеби ќе биде толкувано како слабост, обиди се да подадеш рака кон СДСМ и постепено да започнеш процес на помирување во општеството. Иако во моментот моќта и силата се на нивна страна, и имаат чувство дека „ја ослободиле Македонија“, сепак и тие се свесни дека ако продолжат овие апсења и политички нарачани процеси само кон една политичка партија, и тоа пред се македонска, тоа нема да биде добро ниту за државата, ниту за нив самите. Гневот раѓа нов гнев, одмаздата носи нови одмазди. А сепак, за голем број на прашања кои се од национален интерес ќе треба во иднина да градиш конзензус со СДСМ. Секоја чест за подршката и дипломатските успеси кои СДСМ во овој момент ги жнее на меѓународен план, но сепак животот и живеењето на нашите граѓани е тука, внатре, и тука е најважно што се случува. Ако успееме заеднички да изградиме едно толерантно општество, фокусирано на заедничката иднина, нашите граѓани од сите политички убедувања ќе бидат многу посреќни, отколку ако само нивната политичка опција е на власт во едно несредено општество.
Но, за жал, треба да бидеш свесен дека и покрај се, некои работи ќе мора да се докажат и расчистат во судски постапки. Aко долгорочно сакаме Македонија да успее како држава, ќе мора сега да покажеме зрелост и да инсистираме и ние на принципот на одговорност. Неуставните механизми и решенија ќе мора да се прекинат или да им се најде друга форма, и ќе мора да инсистираш на активно вклучување и на опозицијата во правосудните реформи. Како што е познато и јас сум во групата која ќе ја докажува својата невиност пред судовите. Единствено што барам е твојата цврста заложба сите обвинети во судските случаи да имаме шанса на фер судење, без сензационализам и нарачан негативен ПР, без притисок врз судиите и обвинителите, без притисоци кон сведоците и обвинетите. Доволно е судењата да се во фер постапка со сите докази кои ги имаме на располагање за наша одбрана. Важно е да се покаже дека судскиот систем функцинира на принципите на фер и правичност.
Во последните реченици и е дел од мотивот за ова мое обраќање после многу месеци молчење. Би сакал да појаснам дека во моментот кога се покрена обвинение против мене, веднаш одлучив дека не би требало да имам било каква политичка активност во партијата, па и вон неа. Сакав максимално да се фокусирам на подготовка на мојата одбрана (која поради природата на нештата им помага и на другите обвинети во предметот), но и не сакав да дејствувам во партијата со изјави, ставови и погледи кои имаше ризик да бидат необјективни и заматени од неизбежниот судски процес со кој се соочував. Но го ценам и ставот и одлучноста на оние кои покажаа спремност на политичко делување и во таква една ситуација. Исто така, досега не сум имал шанса да ги кажам јавно моите размислувања за овие теми, веројатно и затоа што и се разликуваа во некои аспекти од доминантните внатрепартиски ставови.
Одлучив дека се до завршување на судскиот процес, да немам никаква функција во работните тела на партијата. Сметам дека мојата политичка кариера е завршена. Нека биде ова искуство една скапа лекција и за мене лично, но и за оние кои ќе се одлучат својата професионална кариера да ја продолжат во политиката. Јас ќе се обидам, ако имам шанса, да се вратам во водите на бизнисот и да се посветам повеќе на моето семејство.
За крај, ти го честитам изборот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ти посакувам истрајност и чесност, личен успех и се разбира, победа на следните избори.
Владимир Пешевски
Поранешен вицепремиер во Владата на РМ и поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

loading...

15 Comments

  1. строиник

    со прифаќање на улогата “конструктивна опозиција” се легитимира нелегалноста на моменталната влада предводена од социјалдемонкратскиот шлајм, се создавааат совршени услови за промена на име-идентитет, албанизација, влез во нато како легитимна цел за секој нивни конкурент и преговори со еу при кои македонците покрај името би ги изгубиле и водите. на овој начин се поттикнува одвоеноста на народот од партијата при што таа ќе се маргинализира како обиечен приврзок на квислиншкава власт и во меѓувреме додека разочараниот македонски народ не се организира во една силна организација која може да пружи отпор на окупаторот, контролата на терен ќе ја нема а со тоа можни се најкрвави драми со катастрофален крај за сите па и за мочково и неговото семејство…..
    единствениот спас за македонија и за вмро-дпмне како партија, е цврсто опстојување на името, блокада на сите политички процеси почанти од сдсм, соборање на нови сили за сосема нов самостоен економски од во сојуз или соработка со русија, кина, иран итн и барање од нив гаранции за опстој на Македонија како држава со тоа име-идентитет. јавно ајсно и гласно….македонизам суверенизам мултиполраизам–тоа се столбовите на кои македонија мора да се гради ако сака да преживее

    • Dimitar

      “…Edinstveniot spas za Makedonija i za VMRO DPMNE kako partija, e cvrsto opstojuvanje na imeto…” Toa voopšto ne ide vo predvid. DPMNE od usta go nemaat izvadeno NATO/EU a sekoj koj može malku da razmisli ke razberi deka NATO/EU i Makedonija nemožat zaedno.

      • строиник

        Нешто лошо си разбрал или користиш зборови кои не знаеш што значат.
        Како тоа “не иде предвид”, кога токму тоа е заложбата на Македонците–зачувување на името. Опстојување како израз ако ти смета, тоа значи задржување на името, и подолу е многу добро обајснето во кој правец предлагам да се движи партијата–ВОН еу/нато….ок

    • Ag'r

      Ovaka da bide , onaka da bide a pri toa se zaborava na siptsrite. So niv nema da bide nisto osven steta i unistuvanje na drzavata. Posebno sega koga golem del od mak narod ( sds ) se pod kontrola i im sluzat … takvite razmisluvanja se samo iluzija. Koga ke se otkaceme od siptarite togas ke se otkaceme i od western agression .

  2. Македонец

    Од ови Македонија страда, затоа се најдуваме на овај ќор сокак. Време е Македонците да формираат две нови патриотски партии со Македонци, од Македонци, за Македонци. Доста е вејќе со овие камелеони од СДСВМРО, ни е испустија државата, да му се испусти сојот од прв до последен.

  3. Biser

    Bidete vie konstruktivni prostitutki ili pedercinja “ova e puc ova e puc”

    • Gorniot

      Abe kakvi madinja imate vie VMROVCITE vednash shtom se smeni vlasta i vie ja menuvate stranata. Abe neli bevtte nepobedivi i neustrashivi. Shtom ja izgubivte vlasta pocnavte da palchete i da delite soveti, ebati VMROVCITE. Debeli svinchina samo za klanje ste be mamata vasha rasipana 12 godin toj Grujo gi dupi site a samiot e vo politika vekje 20 i kusur godini i takov DEBIL da ve vodi sive ovie godini. Aram da vi e i sram da vi e edne takov shizoiden tip da ve mavta site ovie godini. Abe obesete go toa govedo i majmun od chovel ili stavete go u Idrizovo da skapi bel den da ne vidi. Gjubre APASHKO

  4. Manimal

    Направив обид да го прочитам писанието, и јасно ме е зошто типов, како и сите во движењево, не можиш да ги запаметиш, а пак камоли да гласаш за нив…
    Ако некој решил да потроши време, може да ми појасни (НЕ ВАЖИ за новоерците, само за тие со кои сум на иста фреквенција ;-)).
    Вака, разбрав отприлика „бунете се гушкајте се да не не караат безалтернативно“ :-).

    • НС

      Во глобала, го обрал бостанот што мислел дека никогаш нема да мора да го бере, и сега се кае. Од друга страна исто вели, а што да правиме сега кога ѓаволот е веќе тука, ќе мора тикви со него да се садат, ако сакаме каков-таков живот (тука ме збуни). Има и некои добри поенти, од прирачникот „Како да бидеш совршен лидер на голема партија во небитна држава“. Плус- минус, во тој стил. Му посакувам добро здравје, среќа и спокојство во семејството. Нас ни останува да си ги чукаме главите.

  5. Dimitar

    Brodot tone, gluvcite se vrlaat levo desno za spas, no toa što mene mi bodi oči, e duri vo beganjeto vikaat “nema alternativa”. BEDNIK PLAŠLIV NIZAEDEN BUDALA NAROD SME BILE KOGA SME DOZVOLILE VAKVI KO PEŠEVSKI ODNOSNO CELAVA DPMNE’EVSKA ELITA DA NI GLUMAT POLITIČARI A KAMOLI DA VERUVAME DEKA KE GI ZAČUVAAT NACIONALNITE INTERESI.

  6. Филип

    Ваквите лажни патриоти го ставија Македонскиот народ да биде заложник на нивните крадени пари и нивнато не одење во затвор. Пс. Сега да полежите за крадење а кога ќе дојде народна власт ке одговарате за велепредавство. Со претходно изгласан закон за смртна казна Не ве вадат овие провизорни протести. Глумењето заврши.

  7. Филип

    Доказ за предавството на ДПМНЕ е фактот што Зијадин Села оди во опозиција а СДС не се потресува многу иако без Села нема 61 пратеник. Сдс сега ке има повеќе од 61 пратеник. И јаничари од ДПМНЕ ке си гласаат за новата власт.Посебно народот ке се справи со лажното ДПМНЕ.

    • Сведок

      Не ти е добар заклучокот. Зашто да се потресува, кога има 5-6 опозициони пратеници во притвор, на коишто нема да им го земе мандатот… ама нема ни да бидат присутни на седниците…

      • LXV

        Напторив, заклучокот е на место. Како што најави преторијанецот Ефтов во последното „шоу“, планот е ДП#ГЕ да се распарчи на конгресот на 2 или 3 фракции и еден дел од пратениците ќе влезат во власта „за одвнатре да ја водат борбата…“, како што се вели во пропагандниот памфлет на преституткава.

        Што мислиш, зошто инаку министерското столче во ресорот здравство би зјаело празно веќе неколку месеци?

    • Ag'r

      Ne gledam deka nekoj patriot od dpmne se sprotistavil ili pluknal nekoj od vakvite faci….(slucaj so mlekaro kaj sds ) …. dpmnevskoto clenstvo si trae a bilo najmnogubrojno, LAZEN PATRIOTIZAM I NAJGOLEMA ZABLUDA ZA “makeonskata kauza”

POST YOUR COMMENTS

Your email address will not be published. Required fields are marked *

loading...

Контактирајте Не

Контактирајте

Email: [email protected]

Address: 1000 Скопје, Р.Македонија

Календар

April 2018
M T W T F S S
« Mar    
 1
2345678
9101112131415
16171819202122
23242526272829
30  

iNFOMAX.mk на ФБ