СДСМ СО БИЗАРНО ТВРДЕЊЕ: Нашата Влада за 11 месеци направи повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за 11 години

  • May 15, 2018

ВМРО-ДПМНЕ партијата што остави пустош во секое поле, е најмалку повикана да зборува за состојбата во државата, реагираат денеска преку соопштение од владејачката СДСМ.

Оттаму инстакнуваат дека Владата предводена од СДСМ иако наследила, како што велат, разнишан систем, со домаќинско и одговорно работење успеала да ја стабилизира економијата и да ја врати довербата на граѓаните во институциите.

„Клучните ветувања за почетокот на мандатот се реализирани. За само 11 месеци, Владата предводена од СДСМ направи повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за 11 години. 90.000 семејства директно ги почувствуваа придобивките од покачување на минималната плата, трошоците за живот се намалени преку укинувањето на радиодифузната такса и воведувањето на евтината тарифа на струјата. Успешните економски политики овозможија државата да добива најниски економски стапки во историјата“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ истакнуваат дека со одговорно и транспарентно работење, Владата ја вратила довербата на граѓаните во институциите, а реформите во судството овозможиле неселективно владеење на правото, правда за сите и независно судство ослободено од партиски притисоци.

„ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја приватизира државата и со расипничко и криминално владеење да им наштети на граѓаните. Новата Влада предводена од СДСМ преку домаќинско и транспарентно работење покажува како се работи во корист на граѓаните кои ги чувствуваат придобивките од спроведените мерки коишто овозможуваат економски раст и повисок животен стандард“, се наведува во соопштението.

извор: Makfax

Претходно «
Следно »