ХОЛИВУДСКО СЦЕНАРИО: Откривањето на фабриката за дрога во Грчец се водела по филмското сценарио на „Breaking bad“

  • April 19, 2018

Неодамнешната „успешна“ акција на МВР на Оливер Спасовски во скопското село Грчец, всушност била изведена по пријава на пријавениот чешки граѓанин со иницијали О.К. на возраст од 58 години, кој инаку имал легален влез и престој во Македонија, дознава НетПрес од извори во истрагата.

Нашите информации велат дека чешкиот државјанин, во соработка со сопственикот на куќата триесет и шестгодишниот Б.М. од селото Грчец и со неколку негови соселани, кои се претпоставува дека сите до еден се блиски со раководството на ДУИ, во импровизирани услови имале намера да почнат со производство на метамфетамин, синтетичка дрога позната како кристал мет, особено популарна во САД, а за што беше снимена и светски мегапопуларната серија „Breaking Bad“.

Информации од истражните органи за НетПрес велат дека првата серија на производство на кристал мет во Грчец пропаднала поради грешна пресметка на притисокот во хемискигот процес, па целата смеса станала неупотреблива и морала да се фрли. Незадоволен од ова, Б.М. и неговите соселани од Грчец му се заканиле на чешкиот Волтер Вајт и почнувале да го малтретираат, тврдејќи дека само ги измамил и им потрошил пари, а за возврат не добиле никаков производ. Исплашен од заканите, чешкиот државјанин самиот го пријавил случајот во полициската станица во Ѓорче Петров.

Полициски извори за НетПрес велат дека тој на полицајците им дал точна локација на куќата, податоци за лицата и местото во дворот каде била фрлена неуспешно изготвената тура кристал мет. На чешкиот Ајсенберг, наводно му било кажано дека против него нема да биде покрената истрага.

Потоа, по пријавата во полиција, наводно дел од раководството на СВР Скопје, но и на МВР, преку политичката партија ДУИ, ги информирале лицата од Грчец кои биле пријавени од чешкиот државјанин, по што тие веднаш се дале во бегство. Изворите на НетПрес од истрагата укажуваат дека токму тоа всушност и била причината зошто полицијата на лице место не го нашла Б.М. во неговата куќа во Грчец, туку уапсен и веднаш притворен бил само чешкиот државјанин.

Но, нашите извори велат дека овој скандал не завршува тука. Имено, смесата која ја посочил чешкиот Волтер Вајт, била крајно нестручно подигната од припадниците на Одделот за крим техника и истата станала неупотреблива за понатамошно вештачење и користење како доказ. Изворите од истрагата тврдат дека овој несмасен потег можел скапо да ги чини крим техничарите на МВР, бидејќи само среќа ги спасила од труење и од слепило. Наводно, токму поради ова тие веднаш по овој инцидент експресно биле пратени на обуки во полицискиот Центар за обука во Идризово.

На крајот од оваа интересна приказна, од бомбастичниот наслов „МВР откри лабораторија во Грчец“, како што стоеше на полициската информација, останале само неколку тенџериња, една плинска боца и неколку пластични канистри, велат извори од истрагата за НетПрес. Тие дополнуваат дека ниедна од клучните хемиските супстанци подигнати од лице место не се употребливи како доказ, поради нивното нестручно подигнување. Исто така, ниту еден жител на Грчец, кој бил посочен од чешкиот државјанин, досега не е уапсен. И, ниту една доза на кристал мет полицијата не запленила.

Претходно «
Следно »