ЦК НА ВМРО-ДПМНЕ ОДДРЖА СЕДНИЦА: Актуелната политичка ситуација во фокусот

  • March 11, 2018

Интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Вчеравечер Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која се разговараше за актуелната политичка ситуација.


Централниот комитет ја анализираше политичката и економската ситуација, при што членовите се согласија дека според сите параметри државата тоне на економски план и се соочуваме со колапс. Додека сите земји од регионов и Европа бележат значителен раст на економијата и драстично намалување на невработеноста, неспособноста на СДСМ се рефлектира со катастрофални резултати кои одат на товар на граѓаните. Порастот на бруто домашниот производ на крајот на годината не е ниту во позитива, што уште еднаш докажува дека Владата е заталкана и води погубни економски политики.

Владеењето на правото е загрозено и воопшто не се подобрува ситуацијата со правосудниот систем. Веќе четврти месец се во притвор уставобранителите, а осудените криминалци кои ги ослободија СДСМ шетаат на слобода.

Криминалот и корупцијата во државава стануваат официјална политика, а полицијата не презема никакви чекори за справување. Затоа Македонија е рекордер во падот на листата на интернационалната Транспаренси и се наоѓа во друштво на земји од централна Африка.

После девет месеци владеење, граѓаните се сведоци на десетици лаги и неисполнети ветувања од предизборниот период. Со секој изминат ден се потврдуваат сомненијата дека функционерите на СДСМ или свесно ги лажеле граѓаните или се целосно неспособни да реализираат било што од ветеното во текот на кампањата. Катастрофата е иста и на локално и на централно ниво.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека народот се соочува со сериозни проблеми, а власта е глува и одбива да ги слушне и решава. Затоа во наредниот период ќе отпочне теренски средби со граѓаните низ целата држава, се со цел да ги слушне маките и сугестиите на граѓаните, за потоа да се понудат програмски решенија на истите.

ВМРО-ДПМНЕ и понатака стои на ставот дека во преговорите со Република Грција не треба да се задира во идентитетот, јазикот и Уставот, бидејќи тоа ќе биде погубно за нашата држава.

Во однос на кадровските прашања, досегашниот член на Извршниот комитет Златко Перински е назначен за шеф на кабинетот на Претседателот Христијан Мицкоски, со што беше констатиран престанокот на неговиот мандат во Извршниот комитет.

Претходно «
Следно »