БУГАРСКИ ТУРИСТИ ОСТАНАЛЕ БЕЗ ПАСОШИТЕ: На бугарски туристи им исчезнале пасошите во полициската станица Ново Село

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Секторот за внатрешни работи и професионални стандарди при МВР истражува како исчезнале десет пасоши на бугарски туристи кои биле на карневалот во Струмица, а кои влегле и излегле од земјава без патни исправи, дознава „Нетпрес“. Од МВР не ја демантираа ниту ја потврдија информацијата.

Според информациите на „Нетпрес“, настанот се случил на 17 февруари на Граничниот премин „Ново Село“ кога за влез во земјава се пријавил бугарски автобус со бугарски туристи кои оделе во Струмица на карневал. Македонскиот полицаец им ги собрал пасошите на патниците и ги однел на проверка во компјутерскиот систем. По завршената контрола полицаецот го повикал водичот на групата за да му ги врати патните исправи. Кога се вратил во автобусот патниците се изненадиле кога сфатиле дека недостигаат десет патни исправи.

Водичот веднаш реагирал кај полицаецот, кој ги известил раководителот на смена, како и командирот кој наредил да се провери дали биле внесени податоците од пасошите во компјутерскиот систем. Тогаш утврдиле дека не се внесени. По консултации со началникот, командирот му рекол на полицаецот да им дозволи влез на бугарските државјани во земјава, мислејќи дека во меѓувреме ќе се пронајдат пасошите.

Наредниот ден бугарските туристи се вратиле на граничниот премин, но се изненадиле кога виделе дека пасошите уште им ги нема. Револтирани, Бугарите почнале да се расправаат со македонските полицајци бидејќи ги обвиниле дека им ги изгубиле пасошите. Наместо да ги упатат во бугарската амбасада за да го пријават случајот, полицијата им дозволила да ја напуштат земјата.

По враќањето во Бугарија патниците ја тужеле туристичката агенција, а од агенцијата за да се оправдаат барале потврда од МВР дека полицајци на ГП „Ново Село“ ги загубиле пасошите.
Целиот случај стигнал до тамошните медиуми , па бугарската гранична полиција проверила во компјутерскиот систем каде патните исправи биле уредно внесени. Тоа само ги потврдило тврдењата на патниците дека пасошите им биле изгубени од македонската полиција.

Според изворите на „Нетпрес“, симптоматично е тоа што иако биле без исправи, на бугарските туристи им бил дозволен влез, а потоа и излез од државата. Настанот не бил регистриран односно бил прикриван.

Сепак, дали станува збор за кражба или за нешто друго треба да покаже истрагата.
Голема е веројатноста пасошите да биле украдени бидејќи бугарските лични документи се на цена и се подаваат и по цена од 1.000 евра на криминалните групи.

Во последно време организираните криминални групи кои криумчарат мигранти во ЕУ се почесто користат фалсификувани, но и оригинални бугарски пасоши со кои мигрантите заминуваат во Западна Европа. Пасошите можеби се препродаваат на македонски или на српски државјани кои сакаат да одат на работа во ЕУ.
Од друга страна, според праксата од минатото не треба да се исклучува можноста да станува збор за работа на тајните служби кои би ги искористиле пасошите за одредени инциденти или местенки, особено во овој период кога Македонија е во длабока политичка криза.

5 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This