ИНТЕРВЈУ НА ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ: ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во процес на реорганизација!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Граѓаните се изневерени од Владата, нема ниту подобар живот, ниту подобар стандард, вели во интервју за Независен весник лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Господине Мицкоски, помина еден месец откако седнавте на водечкото столче во ВМРО-ДПМНЕ. Во каква кондиција ја затекнавте партијата, односно што ви остави претходникот Никола Груевски како наследство?

– ВМРО-ДПМНЕ ја затекнав во релативно добра кондиција, но со многу актуелни политички предизвици, кои се наметнати и врзани со актуелна политичка и општествена ситуација. ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во процес на реорганизација, која се одвива на повеќе нивоа каде што имаме една природна промена на кадри, што самото по себе не подразбира откажување од претходните, туку нудење шанса на нови свежи потенцијали и црпење на искуството на постојните кадри, оние што се спремни да придонесат за зацврстување на партијата и нејзино враќање на победничките патеки.

Каква е сега позицијата на Груевски во ВМРО-ДПМНЕ откако го прогласивте за почесен претседател? Доаѓа ли често во партијата, ви сугерира ли одредени одлуки и кадровски решенија?

– Низ процесот на мојот кариерен развој, што како професор на факултет, вклучително сега и низ политичките води, природно е да се добие еден комплетен карактер каде што со својот авторитет и капацитет на носење одлуки, носам решенија кои се базираат на моја проценка за работите и низ консултација со мојот тим. Што се однесува до Груевски, тој доаѓа во партијата користејќи одредени канцелариски простории кои се од привремен карактер, а колку што знам, неговата намера е пред сѐ да се посвети на надградба на неговото примарно поле на интерес – економската науката. Иако нашите контакти не се пречести, добро е да се знае дека може во одредени моменти да се искористи неговото искуство преку неговите видувања за работите.

Внатрепартиските поделби веќе не се тајна, а се чини дека земаа дополнителен замав со минатонеделното формирање на извршниот комитет, во кој немаше место за истакнати членови како Антонио Милошоски, Илија Димовски, Борис Змејковски, Марта Томовска, Зоран Ставрески, Филип Петровски… Дел од нив се и пратеници во парламентот, како планирате да оди натамошната комуникација особено што, според нашите сознанија, по конгресот во Валандово немате никаква комуникација со нив?

– Не би се согласил со вашата констатација дека станува збор за поделби, барем мене ниту ми била таква намерата ниту посакувам да се случи такво нешто. Со дел од тие луѓе што ги споменавте точно е дека имаме различни мислења и ставови за одредени прашања и позиции, исто како што имаме и слични ставови за други прашања и позиции. Тоа е здраво и посакувано во една демократска партија. Но најважно од сѐ е што ВМРО-ДПМНЕ е отворена за секој што сака да придонесе во заедничката обврска да се спротивставиме на хаосот, безредието, и погубните политики што ги спроведува актуелната влада, било да се прашањата од политичката сфера, а уште полошо и со поголемо влијание врз граѓаните во економската сфера. Тој мотив треба да е поголем од сите различни ставови што постоеле, а верувам дека силно ВМРО е заедничкиот интерес на сите што се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет не е единственото место каде што политички може да се реализираат сите оние што сакаат да партиципираат, тука се и централниот комитет, општинските комитети, советите и комисиите на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од луѓето што беа членови на претходните состави на извршниот комитет по своја иницијатива сакаат да се посветат на некои други полиња од нивни интерес, дел остануваат да помогнат со своите искуства и совети. Партиските функции не се вечни и тие се минлива категорија, ВМРО-ДПМНЕ има потенцијал и кадри за да биде замена на актуелната влада која доживува дебакл во секој поглед.

Најголемиот дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се против враќање во Собранието и активно учество во работата на парламентот како реакција на апсењата за настаните од 27 април. Од друга страна, факт е дека се соочувате со меѓународен притисок за промена на одлуката на пратеничката група. Вие, пак, со доаѓањето на чело на ВМРО-ДПМНЕ ги прекинавте секојдневните протести и блокирања на раскрсниците. Како ќе успеете да менаџирате меѓу притисокот однатре и однадвор и како и дали партијата и во иднина ќе им помага и ќе се заложува за притворените во затворот „Скопје“?

– Одлуките на пратеничката група се носат заеднички, таа е составен и интегриран дел од ВМРО-ДПМНЕ и тие одлуки единствено зависат од пратениците и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Донесовме одлука за присуство на седницата каде што се обрати генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, од причина што не сакавме да се злоупотреби евентуалното наше неприсуство. Ние сме биле и остануваме со политиката ориентирани кон Европската Унија и НАТО, и нашиот протест е пред сѐ насочен кон власта која врши брутален политички прогон. Пратеници, уметници и недолжни граѓани се во затвор, вработени се бркаат од работа само поради тоа што се неистомисленици со Владата. Воедно, додека ова се прави, Владата во Собранието протуркува дузина закони кои се штетни и без каква било демократска дебата. Тоа се закони што власта свесно ги носи без присуство на опозицијата, затоа што со овие закони им се овозможуваат дополнителни привилегии на власта и се дел од заткулисни коалициски договори со кои граѓаните не беа запознаени пред изборите. Таков е законот за државни службеници со кој се легализира на извесен начин она што досега се прави на незаконски начин и постапки, а тоа се бркања од работа и деградирање од работни позиции, донесоа закон со кој ја зголемија цената на нафтата, потоа се ратификуваше и Договорот со Бугарија кој содржи штетни аспекти за нашите национални интереси, но и се гласаше нов неуставен закон за јазици со кој Македонија наспроти сите тврдења на Владата, станува двојазична држава. И сето ова се случува без каква било дебата, можност за соопштување контрааргументи. Тие не се подготвени да слушнат поинакво мислење, а едногласноста им одговора и затоа имам чувство дека нашето излегување од парламент е момент што се чека и посакува за да се носат закони спротивни од интересите на граѓаните. Со други зборови, провоцираат напуштање на Собранието, дефокусираат јавност со други теми, додека поминуваат „возови“ далеку од очите на јавноста. Ние немаме донесено одлука за конечно враќање во парламент, но многу набрзо ќе има дефинитивна одлука. Што се однесува до притворите за 27 април, сосема е извесно дека тие се жртва на политички прогон, а ние сме единствената земја каде што пратеници, оперски пејач, актер, режисер, архитект и ревносни и добри административни службеници ги прогласи за терористи, и додека во исто време тие седат по затворите, оттаму се пуштаат на слобода докажани и осудени криминалци, затоа што власта донесе закон за амнестија. ВМРО-ДПМНЕ најмногу ќе им помогне на жртвите на политички прогон доколку тие излезат на слобода, а верувајте тоа останува наша заложба.

Додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ отсуствуваа од работата во Собранието, парламентарното мнозинство го донесе законот за јазици, кој не е прифатлив за вашата партија. Дали како партија би поднеле иницијатива до Уставниот суд за оцена на неговата уставност и како би постапиле кон оваа регулатива при евентуално враќање на власт?

– Собранието и парламентарното мнозинство усвои неуставен закон, повторувам без присуство на опозицијата и без дебата. Не се согласуваме со законот за јазици пред сѐ од две причини. Правна, затоа што е противуставен и дефакто се менува карактерот на државата несоодветно на уставот, и втората e практична причина, законот е тешко применлив и ќе создаде нефункционални институции. Законот за употреба на јазиците не може се стави над Уставот како највисок правен акт на државата, особено што ниту еден закон не може да биде повисок од Уставот. Претседателот Иванов донесе одлука за ставање вето на овој закон. Имаме новонастаната ситуација. Внимателно ја анализираме истата и врз основа на резултатите од анализата ќе донесеме заклучоци како понатаму, тука пред сѐ мислам дали ќе дејствуваме институционално или вонинституционално. Но би сакал да ги потенцирам сите укажувања на правните експерти и професори, дел веќе од нив излегоа со оценка во јавноста и дел оние што ние ги консултиравме, дека овој закон, ваков како што претходно беше усвоен, е неуставен.

Во тој контекст, дали ВМРО-ДПМНЕ го признава изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија, имајќи предвид дека партијата досега се изјаснуваше дека устоличувањето на парламентарниот спикер беше незаконски?

– Тогаш, а и денес ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека има сериозни повреди на процедурата и на нелигитимен начин имаме избор на претседател на Собранието, а причините зошто тоа се направи можат многу јасно да се видат од денешна перспектива и од аспект на штетните потези што ги презема актуелната власт на повеќе нивоа. Начинот на неговиот избор е факт што е познат и не може да биде предмет на субјективно толкување.

Господине Мицкоски, на критиките дека ќе бидете продолжена рака на Никола Груевски одговоривте дека времето ќе покаже дали ќе бидете нечија марионета. Кои се следните потези што ќе ги повлечете со цел консолидација на ВМРО-ДПМНЕ и повторно придобивање на разочараното членство од политиките на матичната партија, како и на разочараните граѓани од политиките на новата власт?

– Потребно е обединување на десниот блок во Македонија, зацврстување на структурите и привлекување на секој граѓанин, секој еден способен човек и потенцијал што ќе сака да се вклучи во процесот на изградба на Македонија и нудењето просперитетна алтернатива наспроти сѐ она што штетно се случува на државата. Следува формирање совет на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ составен од интелектуалци, професори, луѓе со потенцијал, но и луѓе со големо животно искуство, како и тим на советници, а меѓу нив ќе има луѓе и со меѓународно искуство, и со потекло од други европски земји. Ние мораме да го мобилизираме најдоброто што ни стои на располагање со цел да се спротивставиме на она што претставува заеднички камен на државата кој нѐ влече надолу, а тоа е актуелната Влада. Имаме целосна и брутална стагнација и уназадување во повеќе општествени сфери. Стопанството замрува, земјоделците преживуваат, нема испорака на ветувања, а „кредитот“ дека ќе направат нешто подобро неповратно се троши бидејќи поминаа цели осум месеци, а граѓаните не живеат подобро. Тоа е вистинска закана и основен проблем на многу граѓани. Животниот стандард тоне.

Во изминатите десет години фокус на владеењето на владата на ВМРО-ДПМНЕ беше во економијата. За една деценија беа донесени низа мерки за подобрување на економската клима во земјите и привлекување странски инвеститори. Новата влада на СДСМ, пак, има нова нов план за економски раст на Македонија. Како ги коментирате економските политики на новата влада и дали вие како претседател на најголемата опозициска партија сметате дека Македонија оди во вистинска насока?

– Од она што се гледа во реалниот сектор имаме сѐ друго освен движење во правилна насока. Планот што го имаа, ако воопшто може да се нарече план, доживува дебакл во секој поглед. Наместо просечна плата од 500 евра, која никаде ја нема, наместо вистинска гасификација што треба да се случи, или изградба на патишта со која освен употребната вредност за граѓаните ќе се забрза и поткрепи градежништвото, најважни им се тендерите, провизиите и личниот бенефит. Бруто-домашниот производ стагнира, ветуваа просечна стапка на раст на економијата повисока од 5 проценти, а само во третиот квартал растот е 0,2 отсто, без изглед ниту за приближување до ветените 5 отсто. А како ја започнаа оваа нова година? Ја започнаа со ново задолжување и еврообврзница од нови 500 милиони евра и нови 74 милиони евра задолжување на домашниот пазар во првите 11 дена од овој месец. Трошоците на живот пораснаа за 1,4 отсто, а цените на мало за 3,2 отсто, тоа директно влијае на намалување на стандардот. Ја зголемија и цената на нафтата преку зголемување на акцизата за нафта, а ова ќе биде година кога е сосема извесно и зголемување на цената на струјата. Освен погрешни политики, имаме и исклучителна неефикасност и неработа од страна на министерствата и Владата. Оваа Влада за осум месеци не успеа да заврши ниту отпочне со градба на ниту еден капитален проект. Ќе напоменам дел од проектите што ги закочија, а ги има повеќе десетици. Закочен е автопатот Демир Капија – Смоквица, за кој уште во мај сѐ беше готово освен сообраќајните знаци и преместување столб од далекувод. Се забави градбата на автопатите Скопје – Штип и Кичево – Охрид. Се откажаа од градба на нов клинички центар за кој сѐ беше подготвено и беа обезбедени пари, а воедно се запре и проектот за изградба на карго-аеродром во Штип, чија првенствена замисла беше да се помогне за подобра достапност и извоз на земјоделски производи за подалечни пазари. Замрена е гасификацијата и изградбата на гасоводните линии Скопје – Тетово – Гостивар, како и Штип –Неготино, и Неготино – Прилеп – Битола. Запре градбата на хидроцентралите Равен Речица и Оризари во Кочанско, како и хидроцентралата Коњско во Гевгелија. Запре проектот за модернизација на АРМ и набавката на ново оружје според НАТО-стандардите, запре реконструкцијата и изградбата на училишта како и многу други проекти. Граѓаните се изневерени, нема ниту подобар живот ниту подобар стандард, а тоа го супституираат со измислени теми и наметнати прашања.

На крајот, а можеби најважно политичко прашање во моментов е спорот за името и најавите за брзо решавање на деценискиот проблем со Грција. Рековте дека вие лично, но ВМРО-ДПМНЕ е против промена на уставното име. Дали тоа значи дека нема да го прифатите евентуалниот компромис со нашиот јужен сосед, дали ќе инсистирате на референдум и колку навистина плебисцитот има шанси да успее во ситуација кога другите политички субјекти би го поддржале договорот, а ВМРО-ДПМНЕ во моментов нема реална сила да собере повеќе од 900.000 граѓани „против“, колку што пропишува процедурата?

– Во моментот не сме запознаени со деталите на преговорите за да може да кажеме дека нешто прифаќаме или не. Владата го држи процесот нетранспарентен, а ние не сакаме да се доведеме во ситуација да коментираме хипотетички ситуации, особено не за вака важни и чувствителни теми. Нашиот став, поврзан со евентуалната промена на нашиот Устав, а со цел промена на нашето уставно име е јасен и по тоа прашање тој е непроменет. Ги охрабруваме владите на Република Македонија и Република Грција да изнајдат достоинствено решение кое не би го нарушило македонскиот национален идентитет и конечно да се стави крај на ова прашање. Во однос на референдумот веќе имаме искажано став, а дали тој би успеал или не, зависи од многу фактори.

17 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This