March 19, 2024, 11:31 am

ИНТЕРВЈУ СО СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Кога граѓаните одбраа дете за градоначалник, сега ќе си го слушаат како плаче!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Господине Јакимовски, новиот градоначалник Богоев по речиси двомесечно молчење излезе со обвинување кон вас?

– Не ме ни чуди. Тој не може да се снајде во градоначалничката работа, нема искуство и знаење. Не излегол на улица, не прима странки, ги работи истите проекти што јас сум ги работел дури и некои што одамна јас ги имав завршено тој ги кажува како сега да се прават, затоа што не отишол да види. Странки не прима, тешко му е. И, затоа алиби бара во ланскиот снег. Ланскиот снег нормално, сум му јас.

Тој вели дека општината била презадолжена?

– Аха! Значи тој не се борел да дојде во општината за да работи, туку за пари! Тој дошол во општината за да троши пари. Мислеше дека ќе дојде на куп пари и полн буџет, е тоа „мало морген“. Та нели викаше дека полесната работа му била до 15-ти октомври, а потоа ќе ги засукал ракавите. Сега ракави не засукува, ќе се вади немал пари. Па што? И јас немав пари, ама работев. Градев, правев. Лесно е да бидеш градоначалник кога имаш пари. Умешноста е да бидеш градоначалник кога нема пари, и да си ги заработиш парите. Тоа значи дека треба да си ги засука ракавите и да ги заработи парите.

Градоначалникот обвинува дека имало криминали и се чуди како може парите да ги нема при толкава градежна експанзија. Имате ли коментар?

– Па нормално дека ќе се чуди. Што знае дете што се 300 килограми? Ако имало градежна експанзија една година од страна на инвеститорите имало двојно поголема градежна експанзија од страна на општината во изградба на улици, плоштади, тротоари, канализации, замена на фасади, паркови, промена на кровови, лифтови итн. Тој очигледно не слушнал за дефицитно финансирање.

Добро е да види колкави приходи општината Карпош имала од 2009-та па наваму и како тие растеле во континуитет. Општина Карпош во однос на 2013 година, минатата и оваа година има скоро двојно повеќе приходи. Тоа значи дека општината е веќе одржлив проект и нема никаков проблем, уредно си ги сервисира сите свои обврски. Тој сега крати за спорт, дури и на наставниците што ја водат училишната лига не сака да им исплати хонорар. Два месеци не исплатил плата на луѓето кои што се времено ангажирани. Наместо да се зафати да обезбедува приходи тој одлучува да плаче за да го жалиме. Нема плачење, граѓаните не ги интересира од каде ќе најдеш пари тие сакаат тоа што си го ветил во кампања да го направиш. На крајот на краиштата долгот во општина Карпош е исто онолку колку што СДСМ го оставил 2012 година.

Обвинува дека општината била превработена.

– Нека си ги отвори книгите да види додека СДС беше на власт колку вработени имавме тогаш, а колку имаме денес. Тоа е нивна политичка филозофија. Тие не вработуваат, тие отпуштаат. Додека ги држеа фабриките ги отпуштија работниците и на крајот си ги земаа фабриките за себе. Кога ќе дојдат на власт тие секогаш велат дека има превработеност и започнуваат со отпуштање на вработени. За разлика од нив, јас вработував, не отпуштав.

Како сте вработувале кога тој вели дека општината била презадолжена?

– Па тоа е нивната филозофија. Општина Карпош повторно да биде „една од општините“, а не да биде бренд. Водечка општина. Додека јас ја водев општината, имаше „од пиле млеко“. Технички најопремена општина; кадровски најспремна; секторски најсоодветно покриена (другите општини учеа од нас). Нема вработен кој побарал да оди на стручно усовршување или семинар, а да не сум му потпишал и затоа општина Карпош има најспремен кадар. Затоа најбрзо се решаваат предметите.
Јас од општина Карпош правев бренд, да биде водечка општина во сѐ. Техничко-технолошки, кадровски да предничиме со идеи, со инвестиции и затоа општина Карпош има најубави фасади, најубави паркови, најмногу цвеќиња и затоа граѓаните возат по нови улици. Тоа е благодет што го уживаат граѓаните на општина Карпош.

Тие немаат концепт. Затоа ги нареков „рикверц дружина“. Ќе ја враќаат општината назад во 2008-та. Ќе ја спуштат општината од годишно 350 проекти на 50-60 како што тоа беше до 2009-та година. Затоа нема да го слават денот на општината. Замислете на денот на општината не поканија ниту една братска општина, ниту пак на поканата на општина Тиват ги удостоија нашите браќа од Црна Гора. Да потсетам, тоа збратимување го беше направил Андреј Петров и јас сметам дека општината ниту почнува ниту завршува со мене. Тие дури ги прекинуваат и мостовите на соработка, оти се загубени во просторот и времето.

Господинот Богоев вели дека ќе го известеле обвинителството.

– Нека внимава што сега тој прави! Најблиските соработници што се околу него и што му ја полнат главата за наводни криминали се токму луѓе кои јас ги тргнав настрана оти раката премногу им лепеше, односно имаа премногу „неостик“. Ова посебно го мислам за првите двајца околу него. Но за нив, во друга прилика.

Инаку, јас добро знам што сум правел. Јавните набавки се кристално чисти. Не станува збор за криминал и затоа воопшто нека не ме штеди, слободно нека си го извести Обвинителството. Впрочем, тоа не е ништо ново. Четири ипол години ми се закануваат со денот кога тие ќе дојделе на власт и ќе имале свои обвинители и судии. Мортус пијан да сум, јас глупости не правам. Нека внимава тој трезен да не направи некоја грешка. Потоа по судови ќе се матка со децении како што тоа го правеше неговиот денешен главен советник, кој по дивеењето во градот Скопје од судови не излегуваше.

Дали има нешто што сте правеле, а не било дозволено?

– Не ми е јасно какво е ова прашање. Се што сме правеле до 2012 година кога СДСМ раководеше со општината, сме правеле и од 2012 до 2017. Сме реконструирале улици, сме граделе водоводи, канализации, тротоари, осветлувања, фасади, паркови, сме поддржувале спорт, сиромашни луѓе, култура. Нема никаква разлика. Впрочем, нека каже што во овие два месеци направи, што јас не сум направил? Јас ја правев акцијата „Од граѓаните за граѓаните“ тој исто ја направи. Јас ја организирав акцијата за дарување крв, тој исто така ја направи, на истиот датум. Само што јас давав крв, а тој наводно бил болен. Обично болните и наркоманите не даваат крв. Бидејќи не бил на боледување, многумина се прашуваат да не е поради ова другово?
Јас се среќавав на 3-ти декември со лицата со посебни потреби, тој исто така се сретна. Јас им давав пари, тој исто толку пари им даде. Јас ги чистев улици, парковите и лисјата. И тој ги чисти улиците, парковите и лисјата. Само што мене тоа ми беше секојдневна работа, а тој собирањето лисја и чистењето го смета за врвен дострел во тешкиот двомесечен работен стаж во „рудникот“ наречен општина Карпош. Јас потпишував плати и бев потписник на жиро сметка, и тој е исто така потписник на жиро сметка. Тој го работи истото тоа што сум го работел јас, и замислете моето било криминал, а тој бил чесен.

Но на крајот, можам со разочарување да кажам дека се надевав дека нема да се бавам со него, дури и ако треба нешто некогаш за некоја работа да му се појасни, бев спремен и да помогнам, но очигледно тој одлучил да се конфронтираме во јавноста. Нема проблем, стојам на располагање. Но на крајот на денот, граѓаните прашуваат – што направи за овие два месеци?
Јас однапред знаев дека ништо нема да направи, туку дека само ќе плаче. Кога граѓаните одбраа дете за градоначалник, сега ќе си го слушаат како плаче.

16 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This