April 25, 2024, 12:36 am

КАЗНАТА ЌЕ ГИ СТИГНЕ НА 15-ТИ: СДС ни го продаваат најсветото, најавуваат двојазичност и промена на историјата- казната од прилепчани ќе ги стигне на 15-ти октомври!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Прилепчани, вие сте тие кои ја пишувавте и пишувате  историјата со која се гордееме  денес. Секогаш сме биле цврсти, храбри, истрајни и секогаш сме застанувале на браникот на својата татковина. Верувајте така ќе биде и овој пат, бидејќи сега сме најпотребни на Македонија, на Прилеп, на се она што ни го оставија нашите прадедовци. Ова го порача кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Прилеп и актуелен градоначалник, Марјан Ристески.

-Боли душата, солзи ни идат на очите кога слушаме како од срцето на Прилеп најавуваат двојазичност, зарем тоа го заслужуваат прилепчани? Како не им е срам, кај ќе им оди душата и како ќе се појават пред нивните деца, пред нивните внуци како ќе им го објаснат тоа? Ни го продаваат најсветото, го потпишаа срамниот договор со Бугарија од кој најмногу сме погодени ние, да, ние прилепчани. Ја повредија гордоста, ги повредија чувствата на Прилеп кој даде над 600 жртви во борбата над фашистичката окупација. Овие полтрони и предавници сакаат да го oстават во дилема народот дали биле залудни тие жртви и дали било тоа граѓанска војна како што кажуваат. Доаѓа најсветлиот празник во историјата на Прилеп – 11-ти Октомври, после овој срамен договор почитувани сограѓани што ќе славиме, што ќе слават? Дали ќе не тераат во иднина да ја промениме историјата? Да кажеме дека участакот не бил фашистички затвор каде биле мачени и убивани луѓе. Одговор можат да добијат и од боречката организација каде без срам и перде се чести гости. Овие како што се тргнати да го променат името на државта, така ќе не натераат да го промениме и името на паркот на револуцијата од „Могила на непобедените“ во „Могила на залудно загинатите во граѓанска војна“, срамота, истакна Ристески.

Пред огромниот број сограѓани, Ристески потенцира дека уништувачите на Прилеп и Македонија посакуваат да ја сменат и демографската слика на градот.

-Замислете во план им е илјадници мигранти и бегалци од Сирија, Алжир, Авганистан,  да ни ги вгнездат тука и од еден од најмирните, најубави места за живеење да го претворат во град на немир и несигурност. И најголемото демократско право на еден народ да одлучува на референдум го скратија, господата од СДС не дозволија народот да одлучи дали сака бегалци, мигранти и немир во градот или не. Почитувани сограѓани, токму од овде од оваа говорница од центарот на градот, од плоштадот Методија Андонов Ченто да им порачаме  ДА, референдум ќе има, референдум ќе бидат претстојните локални избори на 15-ти октомври кога народот и прилепчани ќе ги казнат за сето она што го прават против Прилеп и Македонија, тоа ќе им биде референдум, порача Ристески.

 

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ им посочи на сограѓаните дека како што застана на браникот на татковината во 2001-ва година, така ќе застане и на чело на Прилеп во одбрана на заедничките интереси за да не се населат мигранти во општината.

-Нема да дозволиме да им ги скратуваат субвенциите и да ги понижуваат земјоделците како што го правеа тоа во минатото, а веќе го најавуваат. Нема да дозволиме да ги бркаат странските инвеститори и да ги уништуваат домашните компании и економија бидеќи не се далеку од сеќавањето на прилепчани за најлошата транзиција во историјата од нивно време. Викаат дека ќе го врателе сјајот на Прилеп, животот ќе се врател, а јас да ги потсетам каков беше животот и сјајот во Прилеп во нивно време. 40.000 невработени, 65% неасфалтирани улици во градот, град без капка вода со месеци, град без канализација, без осветлување, град без плоштади паркови и зеленила, уништени училишта, уништени села, без игралишта, без спортски сали и инфраструктура. Во нивно време беше град кој важеше за најголема депонија со најруинирана ромска населба во Македонија. Град без културни и спортски манифестации, град без идентитет и уништени симболи. Нивното време е време на очај и на безизлезност посебно кај младите луѓе, порача Ристески.

Денес Прилеп има доживеано целосна преобразба. Низа проекти го направија посакуван за живеење и посетување.

-За наша голема среќа, а за нивна политичка фрустрација денес Прилеп е град на странски инвестиции, нови индустриски зони, рекордно намалување на невработеноста и развој на домашните компании.  Град со најдобра патна, водоводна и канализациона инфраструктура.  Денес Прилеп е најчистиот и најеколошки град во Македонија. Град кој доби над 200.000 м2 нови парковски површини. Образованието е нашата гордост, нема училиште на територијата на општина Прилеп што не е комплетно реновирано. Град со нови спортски сали и нови терени. Град на фестивали, манифестации и спортски настани. Денес Прилеп е град со идентитет, град на горди прилепчани.  Прилеп денес е град пример за соживот на македонското, ромското и турското население. Заедно со сите вас сограѓани се  вградивме во проектот наречен  – Прилеп европски град. Транспарентното, отчетно и домаќинско работење беа главен приоритет на нашето фунционирање. Така ќе продолжиме и понатаму. Смешно е кога политичкиот противник ги држи нивните прес-конференции во било кој дел на градот и населените места, каде и да погледнат  и лево и десно и горе и долу, сето тоа се проекти реализирани од оваа локална самоуправа и од Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со претседателот Никола Груевски, рече Ристески.

Од страна на СДСМ, рече, ниту еднаш не било покажано доблест нешто да се пофали. Тие, според него, само критикуваат и даваат нереални ветувања и им порача дека затоа ќе изгубат на изборите.

-Не можеа до последно да се договорат за кандидат за градоначалник гледајќи ги рејтинзите и плашејќи се од сето она што е сработено досега во градот. Па кандидираа 63- годишен човек кој освен што земал плата овие 5 години како советник не ги научил ниту основните функции на работењето на советот и општината. Па овие денови се изнаслушавме  глупости од негова страна кои немаат допирна точка ниту со реалноста ниту со функционирањето на локалната самоуправа. Противкандидатот ако продолжи вака со ветувања 4 државни буџети нема да му стасаат за Прилеп. Од тука се гледа колку е реалната намера да се направи нешто за Прилеп од нивна страна и колку со потценување влегуваат во сето тоа спрема сопствениот народ.  Ете затоа народот ќе ги казни на овие избори. Истиот тој човек наводно ќе се залагал за младите, а од повеќе кандидати за градоначалник, меѓу кои и млади луѓе,  токму тој им го зеде местото на младите како кандидат за градоначалник од нивната партија. Човек кој што вели дека немало да дозволи младите да заминуваат во странство, а  покрај добрата ситуираност своите деца ги пуштил во странство. Кое лицемерие. Вака ли г-дине Јованоски со личен пример ќе ги враќаме младите назад ? Од вашата погрешна политика со години наназад младите заминуваа од градот. Штетните последици кои вие ги оставивте и вашата партија се уште ги лечиме со отворање на нови инвестиции и работни места за младите луѓе,  а еве слушаме повторно дека ќе ги бркате инвеститорите. Така ли ќе ги задржиме младите, рече Ристески.

Вети дека ќе продолжи со реализација на идни капитални проекти кои ќе го подобрат живеењето во градот и сите населените места.

-Во наредните 4 години ќе продолжиме со носење на нови домашни и странски  инвестиции и дооформување на индустриските парцели. Ветувам во наредните години 5 до 7.000 нови вработувања во градот под Марковите кули. Прилеп град со ниска стапка на невработеност, Прилеп перспективен град за млади. Во наредните 4 години ветуваме гасификација на Прилеп, која ја започна владата на ВМРО-ДПМНЕ, а од која благодет ќе имаат сите граѓани и стопанството. Продолжување на фабриката за секундарна селекција на отпад и компостара со крајна цел производство  на електрична енергија и биогас – прва од таков вид во Македонија. Субвенционирање на велосипеди и набавка на електрични возила за чиста животна средина. Нова фасада на бизнис центарот и рибниот ресторан за да бидат огледало, а не срам за градот. Субвенционирање на фасади и влезни врати со домофони за колективните станбени згради,  моќни и ефикасни јавни претпријатија во служба на граѓаните. Градски  пазар, соларна централа за производство на електрична енергија за потребите на граѓаните и локалната самоуправа. Ќе отвориме  4 нови градинки и ќе го зголемиме  нивниот капацитет за 600 деца, потенцира Ристески.

Градоначалникот рече дека за прв пат на историјата на Прилеп партерно ќе биде уредено речното корито по целата негова должина, градската река ќе биде гордост на градот.

-Нови кружни текови и реконструкција на мостовите, комплетна реконструкција на старата чаршија. Ќе се продолжи пешачката улица до ООУ „Кочо Рацин“, поплочување на уличките позади Бизнис центарот. Нов плоштад кај стара црква. Со ова Прилеп ќе има најрепрезентативен центар во Македонија. Нови булеварски улици : 11 октомври, Кеј 1 мај, Цар Самоил, доасфалтирање на сите улици во градот и населените места и поплочувања на тротоарите, набавување на нови автобуси за градскиот превоз и негово осовременување со воведување на нови линии  како во градот така и до сите населени места. Продолжување со реконструкциите во училиштата, изградба на нови термо фасади за енергетска ефикасност, нови спортски терени и инвентар во училиштата. Доградба на градскиот стадион „Гоце Делчев“,  за 2 години Прилеп ќе го има новиот храм на фудбалот. Нови 100.000 м2 парковски површини во различни делови од градот. Секоја населба ќе има централен парк.  3 нови сали, нови терени за спорт, нови мултинаменски игралишта за кошарка, фудбал,ракомет, одбојка, тенис. Збогатување на арената во Лагово со нови содржини како картинг, маунтин бајк, пеинт бол и многу други содржини. Дисперзирано инвестирање во сите населени места со нови канализациони и водоводни системи, патишта, осветлување, игралишта и други содржини. Целта е изедначување на условите за живот во селата и градот. Доасфалтирање и завршување на изградбата на канализациониот систем во населбата Тризла со претежно ромско население и комплетно урбанизирање и уредување на ромските гробишта и урбанизација на дабнички канал, вети тој.

Негова цел е Прилеп да продолжи и понатаму да биде центар на културни и спортски манифестации – предводник во алтернативниот туризам.

-Ќе се изгради центар за туризам „Крали Марко“ во населбата Варош, најстарата населба. Продолжуваме да бидеме една од најхуманите општини во Македонија, да се грижиме за социјално ранливите категории и максимална помош на лицата со посебни потреби. Набавка на инвалидски електрични колички од страна на општината. Да го направиме Прилеп паметен град, Прилеп европски град. Ветуваме уште 200 реални проекти кои ќе се реализираат заедно со вас почитувани граѓани, а тие проекти се во програмата „Нова ера за Прилеп“, која ќе стигне до секое домаќинство. Ве молам да ја прочитате и добро да размислите дали ќе одиме напред со млади и докажани луѓе или ќе одиме со луѓе од минатото без никаква визија и концепт за развој на градот, порача Ристески.

Тој ги повика сограѓаните од секој дел на Прилеп да излезат сложно и да ја поддржат коалицијата „За подобра Македонија“.

 

 

3 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This