Оние коишто те газат денес, ќе ти се плашат утре

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Се тресам кога посегнувам по тие пари кои ги оставаш на масата, било за некоја сметка, лекови или за храна. Не ми е пријатно што улогите ни се обратно сменети толку рано, кога сè уште имам чувство дека јас треба да те крепам тебе, а не ти нас. Двајца болни и уништени старци.

Не сме толку стари, но како да сме проживеале 10 животи со маките кои ги истргавме и уште ги тргаме. Не го сакам тој живот за тебе.

Не сакам да се раскостуваш од работа, а за возврат да не добиеш ништо. Ниту соодветна плата, ниту благодарност, а најмалку пак почит.

Не сакам да боледуваш на млади години, не сакам да мизеруваш. А најмалку од сè, не сакам да ти го уништат духот, да те газат и да те убедат дека не вредиш ништо.

Дека не си способен, дека си пониско на скалилата од нив. Оние, со купени дипломи, оние „врскаџиите“, големците, газдите.

Доволно е што нам ни го скршија духот, нема да дозволам да си уште една рецка на појасот, уште еден понижен и навреден.

Те гледам кога се враќаш од работа, уморен, скапан и тажен и тогаш срцето ми се дроби на најситно.

Со што го заслужи ти тоа? Нас нè убедуваа дека не сме биле доволно учени. Кога сите учеле високи школи, ние сме биле најобични фабрички работници, па што сме сакале повеќе?

Заборавија дека на наш грб, на нашиот труд и мака е изградена оваа земја. Залеана со нашите солзи и пот, тие, смотаните и неписмените работници.

Не знам кој се измачил и испотил како нас за доброто и напредокот на земјата, сигурно не некој со газот удобно сместен во фотелја.

Нејсе, не сакав нашата грешка да ја повториш и ти. Последниот денар го дадовме на твоето образование и усовршување. Факултет, компјутери, јазици, сè она што се бараше.

А испадна дека и тоа не е доволно. Испаѓа дека секој млад, способен, чесен и вреден човек тука може да добие само амалска работа.

Нема ништо срамно во чесната работа, тоа сме те научиле. Да се обидеме да го голтнеме разочарувањето што оваа дрѓава смета дека таквите кадри како тебе треба да креваат и разнесуваат вреќи по цел ден.

Но, тоа што се однесуваат како кон животни, тоа не можам да го простам.

Тоа што прекувремените часови не значат ништо, тоа што не е важно дали е делник или празник, тоа што те понижуваат на секој можен начин, тоа не се простува. Не се заборава.

Тоа што не ти го ценат зборот, трудот, чесноста, зборува само за нив, не за тебе. Ти си најмалку виновен за оваа ситуација.

Затоа сине собравме сè што имавме, до последно. Сите оние пари кришум оставени на масата некако успеавме да ги стуткаме за да заминеш од тука.

Подалеку од овие крвопии, подалеку од суровоста на нашето сиво секојдневие, некаде каде што ќе ти се цени барем трудот. Каде што нема да се грижиш дали ќе ти стигне за јадење или ќе живееш во страв дека ќе ти ја исклучат струјата подари неплатена сметка.

Знам дека сè ти е безнадежно, но нема да дозволам да се откажеш. Верувам во тебе, а верувај и ти, дека оние коишто те газат денес, ќе ти се плашат и ќе ти завидуваат утре…

1 коментар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This