Амбулантите блокирани, болниците преполни со деца заразени со респираторен вирус, Комисијата за заразни болести нема намера да воведе заштитни мерки

Засега нема затворање на училиштата и градинките, ниту пак ќе се воведуваат какви било дополнителни мерки во детските колективи и покрај напливот на пациенти во педијатриските амбуланти и детски болници. Иако матичните лекари и педијатрите кажуваат дека дневно во амбулантите прават над 200 прегледи, Комисијата за заразни болести смета дека моменталната состојба е стабилна и нема основа за преземање на дополнителна заштита.
“Во однос на инфекцијата со РСВ (респираторен синцициски вирус) констатирано е дека состојбата е стабилна, нема зголемување на бројот на новозаболени и хоспитализации, а болничките капацитети ги задоволуваат потребите за укажување здравствена грижа за децата со симптоми“, се вели во соопштението на Комисијата по денешната средба.
Од Комисијата нема информации колкава е моменталната бројка на деца заболени со РСВ, која возрасна категорија е најмногу засегната, ниту пак дали евидентираните случаи се со лесна или потешка клиничка слика. Но, експертите во неа уверуваат дека состојбата со заразните болести, вклучително и состојбата со РСВ и понатаму се следи и доколку има потреба од нови препораки за тоа навремено ќе информира.
Сепак, состојбата во пракса е сосема поинаква. Д-р Оливер Зафировски од Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле вели дека болницата е преполна со најмали пациенти, а матичните предијатри посочуваат дека огромен број на деца секој ден се во нивните амбуланти.
“Факт е дека респираторниот синцицијален вирус е многу присутен во моментов и го има во различни клинички варијации, односно се движи од лесна до тешка клиничка слика кај децата. Годинава е поприсутен од вообичаеното, но не дека не е карактеристичен за овој период од годината“, објаснува д-р Драгана Емел Марковска, педијатар во Поликлиниката Идадија.
Овој вирус се манифестира со симптоми слични на настинка, но како три специфични се јавуваат покачена телесна температура, потешко дишење и надразнувачка кашлица. Предизвикува воспаление на горниот респираторен систем, но може многу брзо да се прошири и на долниот систем, па доведува до појава на пневмомија или воспаление на белите дробови. Респираторниот синцицијален вирус е исклучително опасен за помалите деца кај кои може да предизвика бронхолитис или воспаление на малите дишни патишта.

Денес Комисијата за заразни болести ја разгледала и актуелната епидемиолошка состојба во земјава, по што е утврдено дека состојбата со Ковид-19 е стабилна, нема зголемување на бројот на позитивни случаи, хоспитализирани и починати.
“Ставот на Комисијата е дека четирите мерки, кои се актуелни и се уште се на сила, како што се: носење маска во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица и лица со посебни потреби, одговараат на актуелната епидемиолошка состојба и тие ќе продолжат и во иднина“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Амбулантите блокирани, болниците преполни со деца заразени…
Засега нема затворање на училиштата и градинките,…