Арапите не му креваат телефон на Бајден
Белата куќа неуспешно пробала да ги добие на телефон лидерите на Саудиска Арабија и Емиратите, за да поразговараат со Бајден околу проблемот со цените на нафтата.
И саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман и шеикот на Емиратите Мухамед бин Зајед изминативе недели одбиваат да се слушнат на телефон со Бајден.
„Имаше некои очекувања за телефонски разговор ама тој не се случи. Се работеше за вртење на славината,“ изјавиле американски функционери за Вол стрит журнал.
И пред ова Саудијците „сигнализираа“ дека нивниот однос со Вашингтон е во надолна линија за време на администрацијата на Бајден, и дека тие сакаат поголема поддршка од САД во нивната интервенција во војната во Јемен, помош околу саудиската цивилна нуклеарна програма и правен имунитет за Бин Салман во САД, вклучително и за повеќе тужби околу убиството на новинарот Џамал Кашоги.
Емиратите се на страната на Саудијците околу загриженост за „воздржаната реакција на САД“ по неодамнешните напади на Хутите од Јемен (поддржани од Иран) против Саудиска Арабија и Емиратите.
Згора на ова двете држави се сериозно загрижени за обновувањето на иранската нуклеарна програма, посебно што сега преговорите со Иран се заглавени од страна на Русија.
Телефонските разговори што ги бара Белата куќа главно нема да се однесуваат на ништо од ова, туку на цената на нафтата од 130 долари за барел, што е највисока во последниве 14 години. Саудиска Арабија и Емиратите се единствените два големи производители на нафта кои можат да почнат да испумпуваат милиони барели нафта, со кои би се стишила паниката на берзите.
Минатиот месец во Ријад пристигнаа двајца американски функционери за безбедност на Блискиот исток и за енергетика, кои се обидоа да ги поправат односите со Саудијците, а потоа координаторот за безбедност имаше состанок и со владетелот на Емиратите.
И покрај ова и двете држави одбија да вадат повеќе нафта, порачувајќи дека ќе се држат до планот за производство одобрен од ОПЕК и Русија.
Додека телефоните им се зафатени за Бајден, минатата недела и двата владетели се слушнаа со Путин, а подоцна и со Зеленски, а бин Салман се споменува како потенцијален медијатор во војната.
Саудиска Арабија и Емиратите имаа далеку подлабоки врски со Трамп, кој застана на нивна страна во судирот со Катар, и ги повлече САД од Иранскиот нуклеарен договор со кој двете држави не се согласуваа, плус го поддржа бин Салман по убиството на Кашоги.
Саудијците му памтат на Бајден и изјава од претседателските избори, кога тој порача дека кралството ќе го третира како „отпадник“ држава по убиството на новинарот. Кога дојде на власт Бајден објави разузнавачки извештај во кој се заклучи дека Бин Салман го одобрил планот за заробување или убиство на Кашоги.
Во понеделникот портпаролката на Белата куќа изјави дека Бајден останува на гледиштето дека Саудиска Арабија треба да биде третирана како „отпадник“ држава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Герасимов: Запрено е напредувањето на украинските сили…
Напредувањето на вооружените сили на Украина длабоко…
Рускиот опозициски активист: Украина е жртва на…
Рускиот опозициски активист Илја Јашин вели дека…
Во Брисел е нападнат амбасадорот на Азербејџан…
Амбасадорот на Азербејџан во НАТО и неговата…
Немаме сознанија, ќе го контактираме Киев –…
Соединетите Американски Држави планираат да ја контактираат…
Вечна им слава на ХЕРОИТЕ! 23 години…
И по 23 години од случувањата на…