Го паметиме Ваташкото клање на ваташките младинци: Ја чествуваме младоста од сончевата колона

t

Mи заплакало селото, селото Ваташа. Дванаесет носат, младинци носат в Моклишко горе в долови. Целото село станало, станало на нога. Дајте ги ваму нашите деца, Еј, вие клети крвници. Џелати клети не слушат, не слушат народот. Митралез оган фрлија поган, В градите машки младински. Тогај се народ подигна, подигна илјадно. И тргна смело да затре семе фашиско клето за на век.

Годинава, поточно денес, навршуваат 79 години од ѕверското стрелање на 12 младинци од Ваташа, од страна на бугарскиот фашистички окупатор, извршено на 16 јуни 1943г. Во нивна чест и за вечно паметење подигната е спомен костурница која била откриена на 11 октомври 1961 година, а коските на стреланите во неа биле положени во 1963 година. да се потсетиме дека во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.


Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: “Кметот нè собираше од куќите со готов список, сите нè имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште.
Есејот го посветувам на Дванаесетте храбри младинци од сончевата колона на младоста(Ацо Шопов), стрелани во Ваташа за време на фашистичкиот терор. Свесен сум и знам дека тоа за сите нас во Македонија е голема тага и болка, никогаш не преболена. Ама ова паметење е и драгоцено, бидејќи е и најсрдечна благодарност кон сите оние што своите животи ги вѕидаа во темелите на нашата слобода, во основите на нашата држава и во нашата иднина. Зашто Ваташкото клање во јуни 1943 година е само дел од многуте крвави ѕверства на фашистичкиот окупатор против македонскиот народот кој не сакаше да биде покорен. Во тој контекст дванаесетте храбри Ваташки младинци се дел од милионската колона на нашиот бестрашен поход. Поход во едно тешко време, поход кој ги изоди врвиците на слободата.
Во време кога бугарските неуки политичари и неумни државници за историските настани и случувања бесрамно ја лажат бугарската, македонската, европската и светската јавност, велејќи дека биле администратори, а не фашистички окупатори во Македонија за време на Втората светска војна, и во време кога премиерот Зоран Заев ги подржува со својот полжавски менталитет и поданички карактер, наша должност е да потсетиме на ѕверското стрелање и клање на дванаесетмината младинци од Ваташа, извршено на 16 јуни 1943 од страна на бугарскиот фашистички окупатор.

Ова потсетување за нас е и оживување на споменот за нивните жртвувани пролети. Спомен за нивната насмевка. Гордост за денот раскрилен во кој чекориме. Спомен за една младост, ѕверски прекината од куршумите и бајонетите на бугарските фашистички окупатори. Но, и опомена дека не смееме да ги заборавиме извршените ѕверства врз недолжното македонско население, врз македонската младост. Поетот дал најточен израз на овој хероизам, на овој револуционерен занес, на овие усвитени мечти со кои младината на нашата Македонија секогаш исправена и храбро јуришаше против тврдините на мракот, против сите сили што беа устремени да ги згазат светлините човекови, неговото достоинство, неговото право на живот, на младост во животот.

За поетот(но и за сите нас) тие се младост од сончевата колона. Дванаесетмина кои храбро се спротивставија на фашистичката атака. Младост која не потклекна, младост која ништо не издаде, младост која загина, за да вечно живее. Во долгиот пат кон светлината, во недоодливоста на маките, нејзиниот чекор има посебна цврстина, а нејзината издржливост посебно место. И затоа се потсетуваме дека сета младост на оваа земја ја носи во себе младоста на оние чии соништа жуборат со изворите на нашите реки, чии стапки татнат по масивите на нашите планини, чии извици во јуришите и ноќите виуличави одекнуваат низ клисурите до последното наше пристаниште на животот.
Вечно е запишано “Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани уште тоа утро во иднината“ -стои испишано на меморијалниот споменик подигнат во знак на сеќавање на ѕверската смрт над овие македонски младицнци под налетот на забревтаноста на фашистичката окупаторска власт во Македонија.

Овде ќе потсетам на извонредната интерпретација на песната “Цветови“ од страна на Зафир Хаџиманов, а напишана од Славко Јаневски.

Вечна им памјат на бесмртните маченици.

Пишува: Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

По 7 месеци директорот на ГТЦ призна:…

Ѓоко Трајчевски, директорот на АД ГТЦ по…

Вучиќ свечено пушти во употреба нов аеродром,…

Денеска свечено беше отворен за воздушен сообраќај…

Уште еден трофеј: Руските воздушни сили соборија…

Руските воздушни сили соборија украински авион МиГ-29…

На Богородица за излез од државата се…

На граничниот премин Богородица, за излез од…

Трагедија во Србија: Четири млади момчиња загинаа…

Неколку часа по полноќ на локалниот пат…