Да видиме што вика катиљ ферманот, дали Петре Шилегов и директорот на ЕВН Македонија Штефан Петер „кркнале“ 5.2 милиони евра народни пари?

t

Петре Шилегов го оштетил буџетот на град Скопје за најмалку пет милиони и двеста илјади евра (5.200.000 евра), со одлуката за продажба на Градска куќа, која за багателна цена од нешто повеќе од 12.000.000 евра беше продадена на ЕВН Македонија. Против оваа одлука, веќе има поднесено кривична пријава, за која до овој момент се уште нема отворено никаква истрага.

Градска куќа – план, програма и одлука за изградба


Планот за изградба на Градска куќа е дел од изборната програма на екс-градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Одлуката за изградба пак, е донесена на 16 декември 2010 на 34-та седница на Советот на град Скопје.

Со оваа одлука е одлучено да се изгради деловен објект за потребите на администрацијата на Град Скопје, а за таа намена е планирана КП бр.9552 и КП бр.9553 или позната како простор каде се наоѓа Спортско рекреативниот центар „Кале“.
Со планот за изградбата на Градската куќа е предвидено да се изградат девет ката, од кои приземје, пет ката во висина и три ката под земја за гаражи и машиински простории. Со овој план, се обезбедува простор за работа на 620 административци, кабинет на Градоначалникот на град Скопје и сала за Советот на град Скопје.

Тендерот за изградба на Градската куќа го добива ДГ „Бетон“ од Скопје, по извршената јавна аукција. Договорот е склучен на 31.05.2011 година, а во договорот е предвидено градежните работи да се завршат за 32 месеци по системот „клуч на рака“.

Вредноста на договорот е нешто повеќе од една милијарда денари (1.041.350.000 денари), односно, речиси 17.000.000 евра.

Во 2015. година, по завршувањето на обврските од основниот договор за изградба на Градска куќа, склучен е уште еден анекс на основниот договор за „Дополнителни работи за изградба на објект Градска куќа“ кои не биле вклучени во основниот договор од 31.05.2011 година.

Вредноста на овој анекс договор е 194.700.000 денари или 3.165.000 евра.

Со ова, вкупната инвестициона вредност за изградба на Градска куќа е 1.023.650.000 денари или 20,098,373 евра.

Со одлука на Советот на општина Центар пак, од 01.06.2011 година, Советот на општина Центар го ослободила Градот Скопје од плаќање на надоместок а уредување на градежно земјиште во износ од 24.540.708 денари, или 40% од обврските кои и припаѓаат на општина Центар и 36.811.062 денари како давачки за комуналните обврски и уредување на градежно земјиште кои се 60% од обврските на Град Скопје. Вкупно, за изградбата на овој објект градот е ослободен од еден милион евра даноци.

Заедно со ослободувањето од давачките кон градот и општина Центар и инвестиционата вредност за изградба на Градска Куќа е 21.000.000 евра.

За оваа цена, Градот Скопје добил 12.597м2 деловни простории во кои требаше да бидат сместени 620 вработени од градската администрација но и подрачните единици на Министерствата, градоначалникот и Советот на град Скопје, шест лифта, три подземни нивоа за паркинзи и машински простории.

Продажба на Градска куќа на ЕВН

Во 2019.година Градската куќа е целосно изградена и подготвена за вселување на градската администрација. Но, наместо вселување на градската администрација, екс-градоначалникот Петре Шилегов потпишува купопродажен договор со „ЕВН Македонија“ за неверојатни 785.031.8181.00 денари, или околу 12 милиони евра.

Е сега, се сеќавате сигурно на текстот погоре во кој согласно договор и ревизиски извештај во кој се утврдува дека само инвестиционата вредност за изградба на Градска куќа е 20 милиони евра, а ако на оваа цена се вклучи и ослободувањето од данокот кон град Скопје од околу 1 милион евра тогаш, вкупната вредност на овој објект е најмалку 21 милион евра.

Внимавајте, само инвестицоната вредност, а не пазарната (согласно која би требало и да се продава на приватен субјект, недвижност во државна сопственост) е 21 милион евра, или 9 милиони евра помалку од цената за која ЕВН Македонија ја купува – или околу 1.008 евра по квадратен метар за деловен објект изграден по системот „клуч на рака“, што подразбира целосна опременост на објектот.

Ако ја споредите пазарната цена за објект изграден во строгиот центар на градот, на атрактивна локација (ул.Лазар Личеновски), тогаш цената на еден квадрат би се движела помеѓу 2.100 до 3.000 евра за квадратен метар.

Впрочем, согласно вештачењето на Бирото за судски вештачења, цената за метар квадратен на зградата на Министерството за политички систем е проценета на 2.700 евра по квадратен метар.

На 41. седница на Советот на град Скопје, одржана на 26 септември 2019 година е донесена одлука за продажба на Градската куќа.

За точката на дневниот ред, претходно не се известени советниците во Советот на град Скопје, ниту пак добиле било каква документација за истиот. Напротив, спротивно на деловникот за работа на Советот на градот, точката пред советниците ја предлага екс-градоначалникот Петре Шилегов, а претседателката на советот Љубица Јанчева ја прифаќа и ја става на дневен ред без притоа да ги земе во предвид реакциите на советниците од опозицијата, кои реагираат на непочитување на правилникот за работа на Советот.

Во одлуката, во член 2, се утврдува и почетната цена за продажба на Градкска куќа од 785.031.818 денари, која е впрочем и цената по која ЕВН Македонија склучила и купопродажен договор со град Скопје.

Како „ЕВН Македонија“ ја добила Градска куќа по багателна цена?

Верувам дека до сега не ви е јасно како објект за чија изградба биле потребни 21 милион евра е продаден по багателна цена од 12 милиони евра, речиси двојно помалку отколку цената по која би требало да биде продаден.

Петре Шилегов воопшто не се потрудил да ги затскрие трагите ваквата груба злоупотреба на служебената должност и овластувања – основ врз кој е и поднесена кривична пријава против него.

Напротив, Шилегов се однесувал индолентно, оставајќи неоспорни докази дека позади ваквата скандлозна продажба постои и криминален договор со ЕВН Македонија.

Зошто го мислам ова?

Согласно ниту еден документ претходно, цената на чинење за изградба и опремување на Градската куќа не се споменува сумата од 785.031.818 денари (12 милиони евра). За да се постигне оваа цена, која била прифатлива за ЕВН Македонија, Шилегов нарачал проценка на објектот.

На 16.09.2019 година, Петре Шилегов се обратил до Секторот за планирање и уредување на просторот, од каде пак се обратиле со барање за проценка до фирмата „АБЦ-Бротхер“ ДООЕЛ од Скопје да извршат проценка на недвижен имот – објект на град Скопје КП 9563/2 запишан во имотен лист 112501.

Со оваа фирма, градот Скопје имал веќе воспоставено бизнис релација, па така „АБЦ-Бротхер“ ДООЕЛ добил околу 85.000 евра преку јавни набавки од градот.

Рокот за извршување на проценката на објектот Градска куќа, чија ефективна површина изнесува 12.597м2 кој Петре Шилегов му го дал на проценителот и сопственик на „АБЦ-Бротхер“ Бранко Чурилов изнесува еден ден. Внимавајте, еден ден за проценка на објект од 12.597м2.

Скандалот да биде уште поголем, проценителот Бранко Чурилов кој во еден ден извршил проценка, во извештајот за проценката наведува дека бил усно известен што да напише во описот на проценката.

Да бидам појасен, Петре Шилегов си нарачал проценка на Градска куќа која требало да се заврши за еден ден, притоа, јасно наредувајќи му на проценителот Бранко Чурилов дека вредноста која треба да стои според проценката треба да биде 785.000.000 денари.

Или најгрубо да објаснам, Петре Шилегов договорил цена за продажба на Градска куќа со „ЕВН Македонија“ за 12 милиони евра, а за да ја оправда оваа цена си нарачал проценка со која би требало да ја оправда и понудената цена.

Во извештајот за проценка на Градска куќа, процениотелот Бранко Чурилов во графата „Инвестициона вредност на недвижноста“ наведува:

„Според усните изјави на нарачателот на процената, инвестиционата вредност на недвижноста изнесува 785.000.000 денари“

И, логично, извештајот за проценка на Чурилов ја потврдува усната наредба на Петре Шилегов и констатира дека вредноста на Градска куќа е 785.031.818 денари. Само 500 евра повеќе од наредбата на Петре.

За ова „АБЦ-Бротхер“ ДООЕЛ Скопје и проценителот и сопственик Бранко Чурилов добиле 11.600 евра.

Продажба на јавна аукција, но само ЕВН биле заинтересирани

Комисијата за недвижни и движни ствари на град Скопје на 01.11.2019 година објавила јавен оглас за јавно наддавање за продажба на недвижен имот, кое ќе се одржи само три дена подоцна, на 04.11.2019 во 11.00 часот.

На огласот се пријавиле 2 физички лица и ЕВН Македонија АД Скопје.

Интересно е тоа што за јавно наддавање се квалификувал само ЕВН Македонија, додека двете физички лица Елена Бошковска и Слаѓана Николоќ – Николовска отпаднале од аукцијата поради тоа што не ги доставиле бараните документи за огласот.

По мене, очигледно е дека пријавувањето на двете физички лица било само формалност за да се исполни условот за одржување на јавната аукција, според кој аукција не може да се одржи со само еден понудувач.

ЕВН Македонија како единствен учесник ја прифаќа понудата за јавно наддавање за продажба на Градска куќа во износ од 785.031.818 денари, или онаа сума која Петре Шилегов ја нарачал да биде утврдена со проценката на „АБЦ-Бротхер“, иако знаел дека реалната вредност на објектот (инвестициона) е повеќе од 1.2 милијарди денари или нешто повеќе од 21 милион евра.

Ако тука нема злосторничко здружување и злоупотреба на службена должност, тогаш не знам каде би имало.

Со оваа одлука, Петре Шилегов го оштетил буџетот на град Скопје за најмалку 5.200.000 евра, а ако се претпостави која би била пазараната, а не инвестиционата вредност на овој објект, тогаш оштетувањето на буџетот на граѓаните на град Скопје би била повеќе од 9.000.000 евра.

Договор за купопродажба

На 13.11.2019 година градот Скопје склучил договор со ЕВН Македонија за купопродажба на Градската куќа. Параф на договорот ставиле Шилегов за Скопје и извршниот директор на ЕВН Македонија Штефан Петер, за купопродажна вредност од 785.031.818 денари или 12.7 милиони евра.

Договорот за купопродажба помеѓу град Скопје и ЕВН Македонија пак, утврдува и дека купувачот е должен да го плати данокот на промет на имот во целост – обврска која до денес ЕВН Македонија не ја извршила. Инаку, согласно проценката за трошоци, данокот на имот кој треба да го плати ЕВН Македонија е околу милион евра.

Со ова, е направен и даночен прекршок, а врз основа на одлуката на општина Центар од 2011. година со која се ослободува градот Скопје од административните трошоци, но, таа одлука важи само за градот Скопје, а не и за купувачот на објектот – во случајов ЕВН Македонија.

Дополнително, Петре Шилегов пред продажба на објектот, набавил и телефонска централа за Градска куќа во вредност од 25.366.622 денари, која ја инсталирал во објектот но не ја наплатил во конечната цена за продажба на објектот.

Заклучок

Накратко, ако инвестиционата вредност за изградба на Градската куќа е 21 милион евра, а Петре Шилегов ја продал за двојно помалку, односно 12 милиони евра, а за да ја постигне оваа нереална цена нарачал проценка на имотот наредувајќи која да биде вредноста на проценката со јасни насоки, тогаш, кажете ми – што направил Петре Шилегов?

Според мене, Шилегов успеал да договори премија за себе но и за Штефан Петер инаку главен извршен директор на ЕВН Македонија АД Скопје, во вредност од разликата за која е оштетен буџетот на граѓаните, по шемата „пола-пола“ или ако буџетот бил оштетен за 5.200.000 евра, тогаш двајцата поделиле по некој милион.

Но ова е само моја претпоставка, а работа на обвинителството за гонење на организиран криминал е да утврди, каде отишле 5.200.000 евра пари на граѓаните на градот Скопје.

Се поставува прашањето, дали се точни информациите дека „ЕВН Австрија“ преку „ЕВН Македонија“ заедно со „Новоматик“, компанија за производство на апарати за игри на среќа, биле спонзори на предизборните кампањи на Петре Шилегов?

А.Митовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Да видиме што вика катиљ ферманот –…

Купопродажниот договор кој Петре Шилегов во име…

Да видиме што вика катиљ ферманот, дали…

Петре Шилегов го оштетил буџетот на град…

Србија го копира Груевски: Ќе се субвенционира…

Министерот за финансии на Република Србија, Синиша…

Делови од Центар, Карпош и Аеродром денес…

Регионалниот центар за управување со кризи на…

Рeстрикции нема, ама има повеќечасовни прeкини на…

Регионалниот центар за управување со кризи на…