Димитар Влахов – политички профил, општествена и револуционерна дејност

t

Незаборавник – За Македонцките работи (13.)
/Револуционер, општественик, политичар, државник/

Димитар Влахов – политички профил, општествена и револуционерна дејност

На денешен ден пред 144 години во Кукуш е роден Димитар Влахов – истакнат македонски мислител, револуционер, политичар и државник. Повеќе пати сум зборувал за неговото револуционерно дело(обуки на млади лидери), ама никогаш досега не сум пишувал за неговото дело и живот. Во неколкуте следни колумни ќе се обидам овој револуционер да го доближам до македонската јавност, а ќе вложам напор и да дообјаснам некои помалку познати работи за него, кои според мое длабоко убедување се важни за нашата историја и наука.

Димитар Влахов е голем деец на македонското социјалистичко, комунистичко и народноослободително движење. Федералист и панславист. И самиот е учесник во низа крупни историски настани од нашето минато (пред илинденски, илинденски и по илинденски период, Младотурска револуција, Балкански војни, ВМРО-Обединета, НОБ и АСНОМ). Влахов е една исклучителна и комплексна личност, со многу богата лична историја. Тој, заедно со македонското национално-ослободително движење го поминал тешкиот пат на успеси и порази, на неговото јакнење, расцепување и опаѓање, на политичко еволуирање и најнакрај, прифаќањето на ослободителното дело од македонскиот народ и извојувањето на толку посакуваната слобода на народот и независноста на Македонија.

Револуционерната активност ја започнал како припадник на Македонската револуционерна организација (МРО, ТМОРО/ВМОРО/ВМРО), борец против феудалниот деспотизам и уште поголем борец за автономија на Македонија. Подоцна ги прифаќа, најпрвин социјалистичките, па федералистичките и на крај комунистичките идеи. Паралелно се залагал за сесловенското братство и меѓународниот интернационализам. А во периодот од третата деценија на 20-от век, па до НОБ и АСНОМ бил еден од најголемите борци против фашизмот, кој преку Германија и Италија се проширил на југ во Европа, кон Полска, Унгарија, Романија и Бугарија.

Како општественик го изодил патот на пратеник во Османлискиот парламент, дипломатски претставник на Бугарија во странство, потпретседател на АВНОЈ, член на АСНОМ, претседател на Народниот фронт на Македонија (подоцнежен ССРНМ), сојузен пратеник и потпретседател на Народното собрание на ФНРЈ. Сето ова можел да го постигне човек кој бил образован, упорен и неуморен во работата, и човек кој зборува и пишува на турски, германски, француски, бугарски и грчки јазик.

Го одликува и богата новинарска, публицистичка и писателска активност. Во Виена, Москва, Белград, Скопје, Софија, Варна, Солун и Цариград тој работеше или сораборуваше со голем број соработници во повеќе весници: Единство, Македонско дело, Аванти, Народна воља, Балканска федерација, Ле жен турк, Икдем, Славјанско братство, Славјани, Болшевик, Македонско знаме, Нова Македонија, Борба и др. Негови најпознати дела се: Формирањето на македонската нација и македонскиот јазик, Одбрани говори и статии, Ликови македонских револуционара, Македонија – моменти од историјата на македонскиот народ, Мемоари.

Најголемо влијание во неговиот развој како револуционер, мислител и ителектуалец имале Гоце Делчев и неговиот брат Христо Влахов, еден од оснивачите на Организацијата и одговорен повереник за Кукуш. Уште на деветнаесетгодишна возраст беше активен во МРО и одлучно и храбро изјавуваше дека македонското движење не е ниту бугарско, ниту грчко, ниту српско. Понатаму, со гордост изјавуваше дека Македонија е земја што заслужува да биде една одделна државна единка. За македонскиот народ велеше дека е посебен народ во однос на народите на соседните земји, и дека тој има посебна историја, своја култура, своја непрекината револуционерна дејност за ослободување.

Се дружел и соработивал со социјалистите, како Васил Главинов и Антон Шулев, а се среќавал и соработувал со Гоце Делчев, Ризо Ризов, Петар Поп Арсов, Дамјан Груев и Михаил Герџиков. Кога подоцна заминал во Швајцарија присуствувал на собранијата, во Берн и Женева, на кои зборувале Владимир Илич Ленин, Лав Троцки и Георги Плеханов.
Сума сумарум Димитар Влахов беше еден од ретките македонски револуционери на старата генерација, од генерацијата на ВМРО и Гоце Делчев, кој ја имаше таа среќа да доживее ослободување и независно суверено постоење на својата Татковина – Македонија и имаше прилика да работи на нејзиниот напредок и процут, длабоко уверен дека постоењето на Социјалистичка Република Македонија е светлината што ќе придонесе целосно да се исполнат идеалите на стотици и илјадници Македонци кои ги дадоа своите животи за Организацијата, за Делото и за Македонија.

Во следните мои колумни за Влахов ќе пишувам низ призмата на содржината на берошурата “За слободна, обединета и независна Македонија“(брошура напишана на француски јазик, во 1936г., откриена од страна на професорката Ленина Жила, во Рускиот државен архив), на книгата “Македонија – моменти од историјата на македонскиот јазик“, Државно книгоиздателство на НР Македонија, 1950г., Скопје, четирите малку познати негови писма, три до Георги Димитров и едно до Константин Сухаров, како и неговата активност во врска со ВМРО(Обединета).

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во четврток е последниот неработен ден за…

Овој четврток ќе биде последниот неработен ден…

Внимавајте: Сообраќајот се одвива по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,…

Ковачевски на Самитот Западен Балкан-ЕУ во Тирана

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите од…

Захарова: Нема да се повлечеме од нуклеарната…

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи,…

Утринска магла, променливо облачно и слаб ветер

Наутро наместа со појава на магла, во…