Европа против банкарската „нуклеарната опција“ Кремљ да се исфрли од СВИФТ

t

Одлуката на Владимир Путин да започне инвазија на Украина ги натера светските лидери да наметнат санкции за Русија, но засега остануваат резервирани за потегот што многумина го нарекуваат „нуклеарна опција“, исклучувањето на земјата од СВИФТ.

Лидерите на Европската Унија и Белата куќа ги игнорираа повиците на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и во последниот пакет санкции за Русија не го вклучија исклучувањето на „воениот агресор“ од меѓународниот банкарски систем – СВИФТ.


Премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон побара Русија да биде исклучена од банкарскиот систем, исто како и австралискиот премиер Скот Морисон, но претседателот на САД, Џо Бајден како и лидерите на Европската Унија не се одлучуваат за таков чекор. Иако најавија и воведоа санкции претежно кон руските банки, засега меѓу нив не е исклучувањето на Русија од СВИФТ, кое финансиските експерти го сметаат како „нуклеарна опција“.

– Тоа секогаш постои како опција, но во моментов остатокот од Европа не сака да го зазеде тој потег – порача Бајден при презентирањето на новиот сет санкции.

Една од причините зошто некои европски нации се претпазливи за евентуалното исклучување на Русија од меѓународниот банкарски систем е бидејќи може да им наштети и на нивните економии. Европската комисија објави дека Русија е петти по големина трговски партнер на ЕУ (најголемиот извоз на стоки на ЕУ во Русија во 2020 година биле машини и транспортна опрема, хемикалии и произведени стоки). Исфрлањето на Русија од СВИФТ, би ѝ наштетило на способноста на ЕУ да плаќа за увозот на руска нафта и гас од кои е зависна и за кои сè уште нема алтернатива.

– Исклучување на Русија од системот СВИФТ, ќе предизвика хаос во земјата, но и кај европските партнери. Како Европа би ја платила сметката за гас без СВИФТ? – изјави за „Фајненшл тајмс“ анонимен директор на европска нафтена компанија.

Што е СВИФТ

Здружението на светски меѓубанкарски финансиски телекомуникации, или СВИФТ, е соработка на финансиски институции формирана во 1973 година со седиште во Белгија за да ја замени телекс-мрежата.

Тој е надгледуван од Националната банка на Белгија во партнерство со други големи централни банки, вклучувајќи ги Федералните резерви на САД, Банката на Англија и Европската централна банка. Но, СВИФТ не е традиционална банка и не префрла средства. Таа дејствува како безбеден систем за пораки што поврзува повеќе од 11.000 финансиски институции во над 200 земји и ги алармира банките кога се вршат трансакции.

Минатата година во СВИФТ-системот просечно имало по 42 милиони пораки дневно, што е за 11 отсто повеќе во однос на 2020 година, а Русија сочинуваше 1,5 отсто од трансакциите.

Каков би бил ефектот врз Русија

Исклучувањето од банкарскиот систем (СВИФТ) се смета за тешка финансиска казна бидејќи би се ограничил пристапот на руските банки до глобалните токови на пари и би им отежнал на руските бизниси да извезуваат или да увезуваат стоки или да се финансираат од странство.

За САД и за европските сојузници, исклучувањето на Русија од финансискиот систем би бил еден од најтешките финансиски чекори што би можеле да ги преземат за да ѝ наштетат на руската економија на краток и на долгорочен план.

Тоа би ја исфрлило Русија од повеќето меѓународни финансиски трансакции, вклучително и од профитот од производството и продажба на нафта и гас, кои сочинуваат повеќе од 40 отсто од приходите на земјата. Но, исфрлањето на Русија од СВИФТ, нема да му наштети само на Кремљ туку и на другите економии, вклучувајќи ги и оние на САД и нивниот клучен европски сојузник, Германија.

САД и ЕУ исто така ја разгледуваа опцијата за исклучување на Русија од СВИФТ во 2014 година кога Путин донесе одлука да го анектира Крим и ги поддржа сепаратистичките сили во источна Украина. Кремљ тогаш изјави дека исфрлањето од СВИФТ, би било еквивалентно на објава на војна. Потоа САД и ЕУ се откажаа од таквата идеја.

Русија воспостави алтернативен систем за плаќање, а Кина, исто така, има свој систем што Русија може да го користи, но двете платформи се значително помали од СВИФТ.

САД досега успеа да ги убеди европските партнери да исфрлат една земја од меѓународниот банкарски систем – Иран во 2012 година поради нуклеарната програма. По укинувањето на санкциите во 2016 година, Иран повторно беше вратен во меѓународниот банкарски систем.

Дел од конгресмените бараат од Бајден да ја исклучи Русија од СВИФТ, но претседателот на САД во четвртокот воведе санкции за руските банки и за олигарсите блиски до Путин.

Министерството за финансии на САД соопшти дека со новите санкции ќе бидат погодени сите најголеми финансиски институции во Русија, вклучително Сбербанк и ВТБ банката, и дека ќе биде оневозможено државните и приватните субјекти да прибираат капитал, со што ќе се прекинат големите токови од рускиот финансиски систем и економија од пристап до американскиот долар.

Пишува: Зоран Спасоски за С.П.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Русија објави: Загубивме двајца високи офицери во…

Русија призна дека изгубила двајца високи офицери…

(Вознемирувачко фото) Командант на Азов се радува…

Украински офицер кој во еден момент командуваше…

Србија ќе помага во обнова на украинските…

Србија ќе учествува во обновата на украинските…

(Видео) Уште една воена единица ѝ откажа…

Одбраната на Северодонецк се распаѓа - уште…

(Видео) Русија објави каде се и во…

Русија објави снимка од болница со борците…