Објавено на:

Европскиот и британскиот суд го спречија планот на Лондон за испраќање мигранти во Руанда

t

Европскиот суд за човекови права од Стразбур и апелациски суд од Лондон му нанесоа удар на контроверзниот план на британската влада за испраќање на барателите на азил во Руанда, но иако судовите привремено спречија испраќање мигранти во африканската земја, правната битка сè уште не е готова, пишуваат светските медиуми.

Планот на британската влада барателите на азил да ги депортира во Руанда на 14 јуни вечерта во последен момент беше спречен со низа интервенции на Европскиот суд за човекови права и Апелацискиот суд во Лондон, пишува Фајненшал тајмс.

Додека авионот во воената база Вилшир се подготвувал да полета со седум баратели на азил во главниот град на Руанда Кигали, судот во Стразбур, кој ги разгледува кршењата на Европската конвенција за човекови права, пресуди во име на еден од седумте мигранти кој требаше да биде депортиран.

Одлуката на европскиот суд дека мигрантот од Ирак не треба да биде испратен во Руанда сè додека таквата политика на британската влада не помине судска ревизија во следните недели, доведе до низа други пресуди во последен момент, вклучувајќи две дополнителни забрани на Европскиот суд за човекови права, три успешни жалби до британскиот Апелациски суд и една друга пресуда, со што никој од мигрантите не можеше да биде легално депортиран.

Европскиот суд за човекови права не е институција на Европската Унија, туку на 46-члениот Совет на Европа. Тој суд ја толкува Европската конвенција за човекови права, која ја состави Советот на Европа по Втората светска војна, а која, меѓу другите, ја предложил британскиот премиер Винстон Черчил и главно ја составиле британски правници.

Британскиот премиер Борис Џонсон пред одлуката на судот навести можност Британија да ја напушти Конвенцијата, што наиде на критики, меѓу останатите и на организацијата за заштита на човековите права Либерти која оцени дека тоа би бил „најголемиот напад на човековите права во таа земја во една генерација“.

Апелацискиот суд првично одби да издаде итна забрана за блокада на летот со мигрантите, но судијата кој ги разгледувал жалбите во последен момент ја сменил одлуката по пресудата на Европскиот суд за човекови права.

Планот за испраќање мигранти во Руанда, како што наведува Фајненшал тајмс, е популарен меѓу десното крило на Конзервативната партија на Џонсон како средство за воспоставување контрола над британските морски граници. Британскиот Врховен суд во следните три недели би требало да ги разгледа ризиците со кои се соочуваат мигрантите кои би биле испратени во Руанда, земја која е критикувана поради кршењето на човековите права.

Одлуката на Европскиот суд за човекови права ја критикуваа претставници на британската влада, укажува Тајмс, со оценка дека излегување на Британија од Конвенцијата би отворило прашања за посветеноста на таа земја на човековите права.

Министерката за внатрешни работи Прити Пател во критиката на пресудата кажа дека таа е „многу изненадувачка“ и дека е во спротивност со пресудите на британските судови во последните неколку дена.

По повод интервенцијата на Европскиот суд за човекови права, извор од британската влада кажа дека домашните судови во повеќе наврати навеле дека планот со Руанда може да се спроведува „но ако некој странски суд одлучил „не, не можете““.

Интервенцијата на Европскиот суд за човекови права следеше и покрај тоа што Врховниот суд претходно го отфрли третиот обид на активистите да се забранат летовите за Руанда до завршувањето на судската ревизија. Претседателот на судот кажа дека гаранциите во договорот потпишан со Руанда обезбедуваат, ако подоцна се утврдат дека политиката е незаконска, да постојат механизми за враќање на мигрантите префрлени во Руанда.

Пресудата на Европскиот суд за човекови права му нанесе значителен удар на новиот план за миграција на премиерот Џонсон, чија влада е во небрано поради пристигнувањето на азилантите со мали чамци до британскиот брег од Франција, оценува Њујорк тајмс.

Џонсон во 2016 ја водеше кампањата за излегување на Британија од ЕУ, тврдејќи дека тоа ќе ѝ овозможи на земјата да ја „врати контролата над своите граници“.

Меѓутоа, укажува американскиот весник, односите на Лондон со француската влада се напнати по брегзитот и поради ограничената соработка со француските власти владата на Џонсон бараше други начини за да го намали бројот на мигрантите кои станаа срамен симбол на неуспехот на Британија да ги контролира своите граници по брегзитот.

Критичарите го обвинуваат Џонсон, кој за влакно го преживеа гласањето недоверба минатата недела, дека намерно инсистира на тоа прашање од политичка корист. Тие тврдат дека политиката на испраќање мигранти во Руанда, дури и ако мал број бидат депортирани, има за цел да им испрати сигнал на гласачите дека Британија е строга кон оние кои сакаат да влезат во земјата преку Ламанш.

Планот за испраќање на азилантите во Руанда се урна како кула од карти благодарение на низата поврзани одлуки кои ги почна пресудата на Европскиот суд за човекови права, укажува Би-би-си, но оценува дека планот не е мртов, бидејќи не се знае како Врховниот суд на крајот ќе пресуди кога следниот месец ќе ја испитува целокупната политика на испраќање на барателите на азил во Руанда.

Битката меѓу министрите, адвокатите кои во владата ги сметаат за непријатели, и Европскиот суд допрва почнува, истакнува Би-би-си.

Иако планот за испраќање на емигрантите има поддршка во Конзервативната партија на Џонсон, тој е многу контроверзен во Британија, пишува Вашингтон пост укажувајќи дека планот, меѓу другите, го критикувале бискупот на Кентербери и наводно принцот Чарлс.

Британците се поделени во однос на планот. Анкета на Југов објавена оваа недела покажала дека 44 отсто ја поддржуваат таа политика, додека 40 отсто се против. Истражувањето открило и впечатлива разлика во однос на политичката припадност – планот го поддржуваат 74 отсто од конзервативните гласачи и само 19 отсто од лабуристичките.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Захарова: Нека побараат од Украина да им…

Британските власти треба да бараат од украинската…

Светските лидери се соочуваат со кризи на…

Каква разлика прави една година. Огромните предизвици,…

Нов „шамар“ за Џонсон: Конзервативците загубија на…

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон беше…

Русија: Британија бара помош за смртните казни…

Рускиот амбасадор во Лондон во вторникот изјави…

Британија со нови санкции

Британската влада е решена да воведе дополнителни…