Една битка добиена: Стразбур ги отфрли амандманите на бугарсксите пратеници кои го негираат македонскиот јазик!

t

Амандманите на бугарските пратеници Александар Јорданов и Сергеј Станишев, кои побараа да се избрише од препораките на Мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ дека се почитува македонскиот културен идентитет и се гарантира признавањето на македонскиот јазик беа отфрлени од мнозинството европарламентарци во Стразбур.

На изјавата на бугарскиот европратеник Јорданов, во која тој посочи дека треба да се промени македонскиот Устав за да отпочнат преговорите со ЕУ, пратеничката Соња Мираковска му реплицираше со зборовите:

Вие на мене ниту на моите сограѓани никогаш не можете да им кажете дека зборуваат на погрешен јазик. Јас сум Македонка, зборувам на македонски јазик и живеам во Македонија која сега се нарекува Cеверна Македонија и тоа е мојот идентитет.

Таа додаде дека е потребно взаемно разбирање и почитување и дека не може Бугарија да им кажува на македонските граѓани дека тие зборуваат погрешен јазик. Мираковска го нагласи мултиетничкиот карактер на македонското општество кое е пример во Европа.

Ги признавам моите сограѓани Албанци, Турци, па и Бугари ако ги има. Македонија е пример за мултиетничко општество. Овде се нашите колеги кои тоа можат да го потврдат. Се појави еден голем проблем поради нашето долго чекање, а тоа е земањето бугарски пасоши: за да се купи џип на почетокот, за да се отиде во Европа – нагласи Мираковска.

Македонската пратеничка, притоа образложи како македонски државјани земале бугарски пасоши и како е тоа проблем на Бугарија што треба да си го истражи.

Поради нашето долго чекање за членство во ЕУ се појави проблем, а тоа е земањето бугарски пасоши. Прво беше тоа да се купи џип и да се оди во Европа. Вие имате бугарски пасоши на македонски граѓани регистрирани на една бандера во град во Бугарија. Тие пасоши се на нелегален начин дадени и тоа треба да се истражува, тоа е ваш проблем – рече Мираковска.

Таа повика дека кризата која што претстои е можност луѓето да се погледаат во очи и да си подадат рака.

Оваа криза ќе е тешка за нас како мала земја, но ние сме навикнати на тешки услови. Кризата ќе биде потешка за другите, кои се навикнати поубаво да живеат. Ние долго време тешко минуваме и нашите граѓани минуваат тежок пат. Кога сте така научени, полесно ги минувате кризите. Но да се освестиме и да бидеме луѓе меѓу себе, за да можеме да се движиме по патот – нагласи Мираковска.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, по излагањето на бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски, кој зборуваше за односите помеѓу  Македонија и Бугарија, рече дека две вистини треба да се прифатат во двете земји, а тоа е дека „Втората светска војна е завршена пред повеќе од 70 години, а второ дека Студената војна заврши пред повеќе од 30 години.“

Бидејќи изгледа не сме ја извлекле лекцијата дека сите несреќи на Балканот во последните 30 години произлегоа од неприфаќањето на овие две вистини. Тоа е оптоварување од двете страни на границата. И битката не е ниту национална, ниту етничка меѓу  Македонија и Бугарија. Туку е битката меѓу оние сили коишто сакаат овие две држави да живеат во мир, пријателство и со заедничка европска иднина, како што сме денес сојузници во НАТО, и оние што сакаат да профитираат од вечно замрзнат или затоплен конфликт, зависно од потребата помеѓу нашите два народи, нашите две држави кои се соседни и многу блиски, и кои е природно да бидат блиски – реплицираше Маричиќ.

Тој притоа потсети дека добрососедските односи и продлабочувањето на регионалната соработка се високо на агендата на Владата, бидејќи тоа е од заеднички интерес и на Македонија и на Бугарија, додавајќи дека земјата останува посветена на добра волја за да се спроведуваат билатералните договори и дополнително да се зајакнуваат добрососедските односи, со што помалку емоции, а што повеќе факти и заеднички активности.

Важно е напорите да се од двете страни на границата. Само така ќе имаме стабилно пријателство. Се друго ќе биде разбрано како уцена, како притисок, и тоа може да раѓа фрустрација и такви изливи какви што видовме на стадионот во Скопје – посочи Маричиќ.

На обвинувањата од европратеникот Џамбаски за сепаратизам од страна на  Македонија, Маричиќ одговори дека ние сме држава членка на НАТО, докажан партнер и која нема на ниту ден начин посегнато по кој било сосед, туку напротив дека добрососедските односи ни се постојана тема.

Дури и нашите граѓани во еден дел сметаат дека единствена тема на европските интеграции се добрососедските односи и дека европските интеграции постојат за да им удоволиме нешто на сите соседи. Знаеме дека не е така, но таква е перцепцијата – рече Маричиќ во Европскиот Парламент, пред европратениците, и повика на соработка и на работа, од двете страни на границата и посочи дека од наша страна веќе има подадена рака.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Џабе го дадовме името?! Димитров: ЕУ не…

Поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи…

Османи: Уставните измени што побрзо да станат…

Уставните измени треба што побрзо да станат…

Член на комисијата потврди: Бугарските историчари инсистираат…

Не работиме на утврдување на статусот на…

(Во живо) Отварање на бугарскиот културно-информативен центар…

Следете го во живо отварањето на новиот…

Добро утро со Инфомакс: Денешните историски докажувања…

Ѓорче Петров е македонски професор, публицист, историчар,…