За Македонцките работи: Кој е Павел Шатев? – 140 години од раѓањето на легендата на македонската револуционерна борба

t

Роден во Кратово на 15 јуни 1822 година, од мајка Стојанка и татко Поце. Женет за Вера Мрмева од Прилеп, со која ги имал ќерките Милка и Нада. Починал во Битола 1951 година. Биографски податоци како и на секој обичен смртник. Да, ама не! Не е баш така. Еве и зошто.

Анархистичкиот и револуционерен рок-ен-рол на Павел Шатев по многу нешта е специфичен, автентичен, оригинален – еден единствен. Кога само ќе се присетам колку години поминал во затвори и логори, а останал жив и ги преживеал, си велам тоа е нашиот Нелсон Мендела. Кога пак помислувам на неговиот бурен живот на динамиташ, терорист, револуционер, министер, не можам а да не констатирам дека тој е нашиот Че – Че Гевара. Кога пак му ги читам револуционерните мисли за Македонија и Македонците, за слободата и за човековите права, и кога ја гледам неговата слика со очила-ленонки, си велам тој е нашиот Џон Ленон. Неодоливо ми е чувството дека во неговиот “револуционерен рок-ен-рол“ има голема доза на изворен и тажен македонски блуз – народен блуз, одживеан од напатениот Македонец низ вековите и милениумите.
И навистина дали знаеме што се бил Павел Шатев?

Сестрано и сеопфатно анализирајќи го животот и делото на Павел Шатев, успеав да ги набележам следните негови активности, занимања и функции: Револуционер, Анархист, Гемиџија, Национален деец, Доктор на правни науки, Член на АСНОМ, Член на президиумот на АСНОМ, Дипломат, Државник, Министер, Интелектуалец, Пратеник, Политички емигрант, Писател, Публицист, Историчар, Историограф, Биограф, Документарист, Адвокат, Професор и Разузнавач. Мора да се признае дека сето ова е импресивно.

Со право, без ни малку да погрешиме, констатираме дека Павел Шатев е вистинска македонска историја. Како јавна личност, општественик и деец, преживеа толку многу работи, како ретко кој. Не живееше долго, ама преживеа многу бурни настани и судбоносни процеси и случувања во врска со Македонија, Македонците и Македонските работи.

Се роди и израсна во Македонија поробена од Отоманската империја. Основно образование завршува во родниот град. Прогимназија завршил во Скопје, а гимназија во Солун.

Живеел и дејствувал во градовите: Кратово – Скопје – Солун – Цариград – Софија – Виена – Берлин – Москва – Парис – Брисел – Битола.

Три пати бил емигрант – во Бугарија, Турција и Австрија. Исто така, има три полициски досиеа – бугарско, руско и македонско.

Ги доживеа и преживеа настаните од формирање на МРО/ВМРО. Ги организираше и изведе солунските атентати, во кои со динамит го крена во воздух францускиот брод “Гвадалкивир“. Современик е на Илинден и Крушевската Република.
Беше суден и осуден на смртна казна, која му е заменета во доживотна казна затвор. Современик е и на Малдотурската револуција. Учествуваше во Балканските војни. Ги преживеа Првата и Втората светска војна.
Кратко бил професор во Трговската гимназија во Солун(1912г.), а до 1915г. бил адвокат во Софија, кога е мобилизиран во бугарската армија до 1918г.

Во 1922 година, на Оснивачки конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација(МЕФО), избран е за претседател. Конгресот усвоил Резолуција за активност на заедничките сили на Македонија за остварување на идеалот – создавање на автономна Македонија, со рамноправност на сите народности.

Се залагал за помирување и обединување на сите македонски емигрантски струи.
Учествува во составувањето на Мајски манифест, Виена, 1924 година
Учествува во создавањето на ВМРО обединета, 1925 година
Соработник е на весникот Македонско дело.

На првата Општа конференција во Берлин(1928г.), како застапник е на национал-револуционерна струја на организацијата, се залага за независна организација од Коминтерната и Бугарската комунистичка партија.

Во Цариград со Михаил Герџиков и Ѓеорги Занков ја оформува национал-феедералистичката струја на ВМРО обединета (1929г.) (Цариградската конференција). Се залага за самостојност на организацијата и за отфрлање на комунистичката “мантија“, т.е комунистичкото “туторство“ на Коминтерната.

Составувал и потпишувал Апел од македонската јавност до светската јавност за слободна и независна Македонија, на двапати во 1939г и 1940г..

Како разузнавач го предвидел нападот на Германија на Советскиот Сојуз.

Како активен разузнавач Советскиот Сојуз, во 1941 година во Софија е уапсен и осуден на 15 години затвор од бугарската фашистичка власт.

По капитулацијата на Бугарија, во септември 1944 година се враќа во Македонија и зема активна улога во јавниот и општествен живот.

На 27 октомври 1944година е кооптиран за член на АСНОМ.

На второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, избран е за член на Президиумот на АСНОМ.
Во април 1945 година станува прв министер за правосудство во Владата на слободна Македонија.

За време на Инфорбирото влегува во судир со македонското раководство и како “непријател на државата“, на 16 јуни 1949 година е уапсен, одземен му е пратеничкиот имунитет и во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци. Потоа е упатен во домашен притвор во Битола, каде е чуван во тешки услови за живот и изолиран од контакти со други лица. Набрзо се разболува, при што не му е дозволено да се лекува, како резултат на што починува во јануари 1951 година. Не му било дозволено на семејството да го погреба во родното Кратово, а било забрането и присуство на блиските на неговиот погреб.
Човекот кој не успеаја да го скршат и уништат османскиот султан и бугарскиот цар, револуционерот кој ги преживеал прогоните и затворањата во затворите Беаз-куле, Еди-куле, Фезан, Енби-кој, деецот кој излегол жив од тортурите во затворите во Софија и Ќустендил, неуморниот борец кој се спасил и од логорите Крстополе(кај Ксанти) и Гонда вода(кај Асановград), за жал, на крајот беше осуден на смрт без обвинение, без судење и пресуда и уништен од агентите на ОЗН-а и УДБА. Погребан е на гробиштата во Битола, кај црквата Света Недела, во јануари 1951година, а дури 1956 година му е подигнат спомен-гробно обележје, од непознат нарачувач.

За слободна и самостојна Македонија се борел со динамит, атентати, револуционерна и политичка дејност, но и со перо. Автор е на голем творечки опус – објавен и необјавен, составен од студии, монографии, статии, белешки и дневници. Ги напишал и објавил книгите: Солунскиот атентат и заточениците во Фезан(1910г.); Македонија под ропство(1934г.); Националните малцинства и самоопределувањето на народите(1936г.); и Колонијалното прашање и сегашната војна(1941г.).
Во ракопис му останува поголем дел од неговото творечко мемоарско и историографско дело: Спомени, белешки, мисли; Врховизмот и централизмот – нивните капацитети, сфаќања и разбирања – два мирогледа; Македонија низ вековите – во древноста, во средниот и новиот век; Белешки и мисли; Доаѓањето на Турците на Балканскиот полуостров; Борис Сарафов – биографија, погледи, дела и др.

Двапати осудуван на смрт, еднаш од турскиот султан, втор пат од бугарскиот цар, и на двапати помилуван, стана жртва на сопствената Македонија на која и го посвети целиот свој живот. Не/официјано, научно и историски, е рехабилитиран со одржувањето на првиот научен собир “Павел Шатев – време, живот, дело“, одржан на 15 и 16 март 1992 година во Кратово. За вистината за Павел Шатев, новинарот и публицист Панче Михајлов, меѓу првите објави брошура – “Павел Шатев – живот и дело, Скопје, 1991 и монографија – Револуционер, родољуб, разузнувач(прилог кон биографијата на Павел Шатев, 1996, Кратово.

Редок македонски национален деец. Легендарен гемиџија. Прекален револуционер – теоретски, идејно и политички изграден за реализирање на Македонското Дело. Искусен дипломат, конспиратор од доверба и притаен разузнувач. Плоден новинар и публицист. Прв македонски историограф. Неговото дело е вткаено во најсудбоносните собитија на македонското национално ослободително движење.

За цело време на својот живот беше храбар, образовен, упорен, одлучен, решителен, искусен, немирен по дух, проверен и напатен револуционер. Чинам дека допрва Македонија ќе треба да вложува напори за да сфати што е и кој е Павел Шатев.

Пишува: Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

НА МВР ИМ ИЗБЕГА ВОЗАЧОТ И ОД…

Триесет и пет мигранти од вкупно 49…

Во Македонија живеат најгневните луѓе во Европа

Македонските граѓани во едни од најгневните луѓе…

Николоски на Пендаровски: Тој е политичар фарса,…

Лажна величина, фасада, лажна плоча. Така обично…

ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ќе ја замени Антонија Гиговска…

Иако од Министерство предводено од Артан Груби,…

Реконструирана пешачката патека на булеварот Гоце Делчев

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ деновиве…