Здравството „во пензија“: Болниците во Македонија се опустошени – следува радикална промена на здравствениот систем

Во моментов 100 вработени недостасуваат на Инфективната клиника, а во 2025 година во струмичката болница 75 ќе се пензионираат. Македонското здравство го очекува неизбежна реорганизација или ќе се распадне. Во Гостивар од следната година нема да има ни доктор по судска медицина – и тој ќе оди во пензија. Се поизвесно е дека нема повеќе да има 109 јавно-здравствени установи, со 109 управни одбори кои цицаат пари од буџетот. И Центрите за јавно здравје кои ги има 11 во државата, ќе се намалуваат и спојуваат.
-Регионализацијата е неминовна и во повеќето помали центри ќе има поликлиники кои ќе бидат дневни амбуланти. Болнички капацитети ќе има само во неколку поголеми регионални центри. Тоа е неминовно. Тие центри ќе бидат екипирани со целиот кадар што е неопходен. Се работи стратегија во Министерството за здравство со поддршка на Европската Унија и мислам дека дел од тоа ќе се решава на начин што некои капацитети ќе се затворат, но не со отпуштање туку со спојување со друг капацитет, изјави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Тој објасни дека одливот на Инфективната клиника се случил за време на ковид пандемијата, делумно поради пензионирање а делумно поради заминување на лекарите. Состојбата со инфектолозите е критична низ целата држава бидејќи има многу мал интерес за специјализација по инфективни болести.
-Во повеќе болници се функционира така што на пензионерите им е продолжено правото да работат до 67 години. Мораме да обезбедиме минимум капацитети. Тоа треба да го направиме со програмата за специјализација и со мотивацијата на персоналот. И да се одобрат сега 100 работни места, нема да има кој да биде вработен, додаде Клековски.
Според него, не се намалува бројот само на лекарите, туку и бројот на пациентите, а концептот на системот врз кој се темели македонското јавно здравство е застарен. Единствената реформа што е направена фактички е со приватизацијата на примарното здравство.
Мора да го преиспитаме целиот концепт. Прво, дали брзата помош треба да функционира со лекари или со парамедици. Треба да преиспитаме колку и какви болници ќе имаме и каде, какви тимови бараме. Сега имаме такви очекувања како пред 15-тина година кога имало голема невработеност и се одржувал еден масовен систем што требало да вработува луѓе. Сега веќе комплетно е променета ситуацијата. Сега веќе нема кој да се вработува на многу од овие места, и мораме да направиме целокупна промена на здравствениот систем, од примарна до терциерна заштита, со примена на сите капацитети. Зборувам и за јавни и приватни и да видиме во кој регион што ќе има, објасни директорот на Фондот.
На крајот на 2024 година тој изрази задоволство што буџетот на Фондот за 2025 година е 800 милиони евра. Министерството за здравство и понатаму останува голем должник кон јавните здравствени установи во земјава, поради тоа што не им ги плаќало со години здравствените услуги од програмите. Од условните буџети што Фондот за здравство им ги дава на неколку болници што лекуваат критични пациенти – тие вратиле 300 милиони денари. Ова е поразително бидејќи од овој условен буџет се купуваат скапи биолошки терапии што некои од болниците наместо да го направат – ги вратиле парите во буџетот на ФЗОМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фала му на бога: Во стабилна состојба…
Во стабилна состојба се 173 пациенти повредени…
Најтешките случаи беа првите пациенти што ги…
Првите пациенти што ги испративме во Белград,…
(Во живо) Големи нереди во Турција: Илјадници…
Илјадници луѓе се собраа втора вечер по…
Голем пожар во близина на Битола
На социјалните мрежи се појавија фотографии од…
Клековски: Треба да пресметаме дали е поедноставно…
Треба да направиме проценка дали ни е…