Зеленски бара Русија да биде исклучена од Обединетите нации

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика Русија да се запре додека во текот на ноќта продолжи гранатирањето на украинските градови, по вчерашниот прв круг мировни преговори меѓу Русија и Украина.
Повеќе од 100 цивили веќе загинаа во руската војна во Украина, додека повеќе од 300 случајни минувачи се повредени, соопшти канцеларијата на високиот комесар за човекови права Мишел Бачелет. Меѓу загинатите има најмалку седум деца.
Украинската Влада соопшти дека бројот на цивилни жртви досега изнесува повеќе од 150, додека Русија ја отфрли идејата дека нејзините трупи кои напредуваат претставуваат закана за цивилите, пренесува ДПА.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш претходно изјави дека има „веродостојни извештаи за станбени згради, критична цивилна инфраструктура и други невоени цели кои претрпеле голема штета“, нарекувајќи ги смртните случаи меѓу цивилите „целосно неприфатливи“.
– Држава што врши воени злосторства против цивили не може да биде членка на Советот за безбедност на ОН. Ова овде е Украина. Ова е Европа. Ова е 2022 година. Злото вооружено со проектили, бомби и артилерија мора веднаш да се запре. Економски да се уништи. Да се покаже дека човештвото може да се брани – рече Зеленски во видео порака, во молба Москва да биде исклучена од Советот на ОН каде што е постојана членка со право на вето.
Тој ја повика меѓународната заедница да размисли за целосно блокирање на воздушниот простор за руските ракети, авиони и хеликоптери.
Американската Влада ги отфрли повиците за воспоставување зона на забранети летови над Украина, велејќи дека тоа ќе биде чекор кон директен конфликт меѓу САД и Русија.
Зеленски, исто така, рече дека Украина сè уште не го постигнала посакуваниот резултат во вчерашните мировни преговори меѓу украинската и руската делегација.
– Русија ги презентираше своите позиции, ние дадовме контрааргументи за да се стави крај на војната. Штом делегацијата ќе се врати во Киев, официјалните лица ќе ги анализираат позициите и ќе одлучат како да се продолжи во вториот круг преговори – објасни Зеленски.
Двете страни идентификуваа голем број главни прашања за кои требаше да се донесат „одредени одлуки“, изјави за новинарите советникот на украинскиот претседател Михаjло Подољак по состанокот, кој траеше околу шест часа.
Зеленски, исто така, го окарактеризира гранатирањето на источниот украински град Харков како воено злосторство.
– Дефинитивно ќе има трибунал за ова злосторство … Тоа е кршење на сите конвенции – рече тој.
Во меѓувреме, украинската армија соопшти дека соборила неколку руски воени авиони во текот на вчерашниот шести ден од оружените судири.
Украинските воздохопловни сили сопштија за уништени пет руски воени авиони и еден хеликоптер, а информацијата ја објави и киевскиот весник „Украинска правда“.
Авионите наводно биле соборени за времена на воздушните напади врз градовите Василков и Бровари, во околината на Киев, а во непосредна близина на градот биле соборени уште и хеликоптер и крстосувачка ракета.
Според весникот, украинските воени авиони отвориле оган врз колона тенкови на руската армија и врз пешадиски единици во близина на Киев и кај Житомир. Гаѓани биле и руски позиции во северниот регион Чернихив и јужниот украински град Бердјанск, што во моментов е под руска контрола.
Нема потврда од независни извори на овие информации.
Инаку, според податоците на ОН, во воените престрелки во Украина досега се убиени над сто цивили, додека според украинската Влада билансот изнесува повеќе од 150 загинати.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Падна првиот договор меѓу Русија, Украина и…
Белата куќа соопшти дека САД и Русија…
Зеленски: Русија очигледно успеа да влијае на…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува…
Во денови на жалост Владата троши 400…
22 милиони 857 илјади и 961 денари…
Зградата на Општина Прилеп е ДИВОГРАДБА! –…
*Објава на Фејсбук на Зоран Милошески: -…
Прегазен пешак во Скопје, возачот побегнал
Вчера во 18.30 часот во СВР Скопје…