Календар на МПЦ: Утре се празнуваат Свети Алексиј човек Божји и Светиот маченик Марин

t

Свети Алексиј човек Божји

Различни се патиштата по коишто Бог ги води оние што сакаат да Му угодат и да го исполнат Неговиот закон. Во времето на царот Хонориј во Рим живееше високиот царски достоинственик Ефтимијан, многу угледен и многу богат. И тој и жена му Аглаида животот го минуваа богоугодно. Иако беше богат, Ефтимијан само еднаш дневно седнуваше на трпеза, и тоа по залезот на сонцето. Имаа син единец, овој Алексиј, кој кога порасна го принудија да се ожени. Но ноќта по свадбата тој не само што ги остави жената и домот на својот татко туку седна на кораб и отиде во градот Едеса во Месопотамија, каде што беше прочуениот неракотворен лик на Господ Исус, испратен од Него Самиот за царот Авгар. Откако му се поклони на овој лик Алексиј се облече во руво на просјак и како таков живееше во тој град полни седумнаесет години, непрестајно молејќи Го Бога во припратата на црквата на Пресвета Богородица. Кога таму се прочу како богоугодник, се уплаши од човечката слава и замина оттаму, седна на кораб што оди за Лаодикија, но по Божја Промисла коработ беше носен и доплови дури до Рим. Сметајќи го ова за прст Божји, Алексиј смисли да отиде во домот на својот татко и таму како непознат да го продолжи својот подвиг. Татко му не го препозна, а од милосрдие му дозволи да живее во една визба во неговиот двор. Овде Алексиј помина уште седумнаесет години, живеејќи само на леб и вода. Слугите го малтретираа на разни начини, но тој претрпе с ? . А кога му се приближи крајот, напиша една хартија, ја стегна во рацете, легна и издивна, на 17 март 411 година. Тогаш во црквата на Светите апостоли стана во присуство на царот и на патријархот откровение во вид на глас кој рече: „Побарајте го човекот Божји“. Малку по ова се откри дека тој човек Божји е во куќата на Ефтимијан и по долго распрашување дознаа дека станува збор за оној просјак. Кога влегоа го најдоа мртов во неговата визба, а во лицето блескаше како сонце. Од онаа хартија неговите родители дознаа дека е тоа нивниот син Алексиј, а невестата којашто триесет и четири години живееше без него го виде нејзиниот маж, па сите ги обзеде неизмерна тага. По ова сепак се утешија, гледајќи дека Бог го прослави Својот угодник. Од допирот на неговото тело се лечеа многубројни болни и од него потече благоухано миро. Го погребаа во ковчег од мермер и смарагд. Главата се наоѓа во Светата Лавра на Пелопонез.

Тропар
Откако се издигна на добродетелта, и умот си го очисти, си ја достигнал крајната желба. Кога твојот живот го украси со бестрастие, и со чиста совест прифати извонредно постење, пребивајќи во молитвите како бесплотен, како сонце си засветлил во вселената, преблажени Алексие.

Кондак
Имајќи го како туѓ домот на твоите родители, во него си станувал како питач и, откако го прими венецот на славата, по упокојувањето, на земјата се покажа како чудесен, Алексие, човеку Божји, радост на ангелите и на луѓето.

Светиот маченик Марин

Тој беше војник. Не само што не сакаше да им принесува жртви на идолите туку и жртвите што ги принесоа другите ги растури и со нозе ги изгази. За ова го мачеа и го убија со меч во 3 век. Еден сенатор Астериј, облечен во бела скапоцена облека, го набљудуваше мачењето на Св. Марин. И толку се одушеви од верата во Христа, Којшто им дава толкава храброст на Своите следбеници, што самиот на грб го зеде телото на маченикот и чесно го погреба. Кога го видоа тоа незнабожците и него го убија како христијанин.

Тропар
Ревноста го издаде твојот подвиг пред луѓето и ангелите, свети мачениче Марине, искрата се разгоре, пламенот нечистотијата ја изгоре во Божја слава, вистината во мачеништво се обои. Примајќи го венецот од Христа, палката на Астериј ја предаде, кој како сведок на воскресението за живот вечен, самиот со благодат исполнет пред истата мерзост се исправи, и затоа живот вечен доби. Спомнете си за нас од местото на вашите небесни палатки.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Герасимов: Запрено е напредувањето на украинските сили…

Напредувањето на вооружените сили на Украина длабоко…

Рускиот опозициски активист: Украина е жртва на…

Рускиот опозициски активист Илја Јашин вели дека…

Во Брисел е нападнат амбасадорот на Азербејџан…

Амбасадорот на Азербејџан во НАТО и неговата…

Немаме сознанија, ќе го контактираме Киев –…

Соединетите Американски Држави планираат да ја контактираат…

Вечна им слава на ХЕРОИТЕ! 23 години…

И по 23 години од случувањата на…