КАНОНИЗАЦИЈА ВО СОБОРНИОТ ХРАМ ВО ТЕТОВО: Македонскиот просветител и игумен ќе биде прогласен за светител Кирил Лешочки

t

На света божествена литургија во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“, денеска ќе биде канонизиран македонскиот просветител и игумен лешочки Кирил Пејчиновиќ. Чествувањето ќе почне во 7:30 часот со Воскресна утрена богослужба, во 8:30 е пречекот на Архиепископот г.г Стефан и архијереите на МПЦ – ОА, а потоа од 9:00 часот почнува Светата божествена литургија и прогласувањето на Кирил Пејчиновиќ за светител Кирил Лешочки.

Верниците ќе имаат можност да пристапат, за време на литургијата и по неа, на поклонение до кивотот каде ќе бидат изложени светите мошти на светителот и до неговата прва икона. Од Тетовско-гостиварската епархија апелираат за почитување на воспоставениот ред во храмот, со цел да се запази поредокот на литургијата и да им се овозможи на сите да се поклонат и да испросат молитвено застапништво од преподобниот Кирил Лешочки.

Првата икона со ликот на преподобен Кирил Лешочки е изработена од зографот Кирил Златанов од Скопје.

-Автор на архетипната и официјална икона на преподобниот Кирил Пејчиновиќ е Кирил Златанов од Скопје. Иконата е одобрена од комисијата за канонизација на светители на МПЦ. Иконата нема за цел да биде фотографија туку таа го изобразува Обожениот лик на светителот во Царството небесно. Според архетипната икона, се очекува и друго автори зографи да направат икони на преподобен Кирил Пејчиновиќ, информираат од Тетовко-гостиварската епархија.

Канонизацијата на игуменот Кирил Лешочки за светител и вбројување во диптихот на светите започна синоќа со Воскресна вечерна богослужба во Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј“.

– Ова е чин со историско значење, дело кое, со Божјата помош и по застапништвото на преподобниот, ќе донесе духовни плодови за нашиот народ и нашата Црква, а воедно претставува и несекојдневен дел од црковната традиција, кој е душеполезно да се посведочи со личното присуство. Тетово и Полошкиот регион, но и нашиот верен народ ширум татковината и светот, добиваат уште еден молитвен покровител, принесувајќи му дар и на соборното Православие, а во слава на Бога. Нека е на многу години, порачаа од Тетовско-гостиварската православна епархија.

Епархијата ги известува граѓаните и верниците дека денеска од 6 до 12 часот околу тетовската соборна црква ќе има посебен сообраќаен и безбедносен режим.

Кирил Пејчиновиќ е роден во тетовското село Теарце во 1771 година. Првите почетоци од неговото образование биле во селото Лешок, а потоа во дебарскиот манастир „Свети Јован Бигорски”. Откако татко му го продал имотот во Теарце, задено со Кирил отишле во Света Гора каде што се замонашиле. По извесно време Кирил се вратил во Тетово, а оттаму во кичевскиот манастир „Света Богородица Пречиста“.

Во 1801 година станал игумен на Марковиот манастир во близина на Скопје. Тој го обновил оштетениот манастир и собирал стари текстови со што ја збогатил манастирската библиотека. Отворил манастирско училиште, а тука ја напишал и својата прва книга „Огледало“, печатена во Будим 1816 година.

Во Марков манастир Пејчиновиќ живеел дваесетина години, по што се вратил во родното Теарце. Го обновил Лешочкиот манастир со помош на верниците и отворил училиште во кое го подучувал локалното население.

Кирил Пејчиновиќ се упокоил на 12 март 1845 година во Лешочкиот манастир и е погребан во црковниот двор.

Големиот македонски просветител, народен учител и игумен на Лешочкиот манастир, освен „Огледало“, ги напишал и делата: „Утешение грешним“, „Житие кнеза Лазара“, како и „Епитафот“ кој е врежан на неговата надгробна плоча.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во четврток е последниот неработен ден за…

Овој четврток ќе биде последниот неработен ден…

Внимавајте: Сообраќајот се одвива по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,…

Ковачевски на Самитот Западен Балкан-ЕУ во Тирана

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите од…

Захарова: Нема да се повлечеме од нуклеарната…

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи,…

Утринска магла, променливо облачно и слаб ветер

Наутро наместа со појава на магла, во…