Објавено на:

Каракамишева: Штетно е и ќе влијае на идни постапки толкувањето на Пендаровски на Законот за амнестија во кое се изедначуваат македонските бранители со припадниците на ОНА

t

Конфликтот од 2001 година и последиците што произлегоа од него се далеку посложени и поспецифични од потребата на претседателот Стево Пендаровски да ги симплифицира и да ги објаснува на начин како што тоа го прави, вели професорката по уставно право Тања Каракамишева за изјавата на шефот на државата дека Законот за амнестија од 2002 година ги изедначува поранешните припадници на ОНА со бранителите.

–Прво, во Законот за амнестија никаде, во ниту една одредба не се вели дека статусот на македонските бранители и статусот на припадниците на ОНА е изедначен. Ваквото толкување на Законот за амнестија од страна на претседателот не е соодветно и може да нанесе штета по статусот на бранителите во некои идни правни постапки. Дадената амнестија значи ослободување од натамошен кривичен прогон на сите инволвирани во конфликтот во даден временски период, иако самата амнестија беше исклучително контроверзен политичко-правен процес, во кој сите знаеме, институциите во земјата, од политички причини, го извртеа правото и потклекнаа пред правдата – вели Каракамишева.


Професорката додава дека амнестијата не ги решила последиците од конфликтот на начин кој е предвиден согласно домашното и меѓународното право.

-Уште кога се даде амнестијата во Собранието реков и сега ќе повторам дека во случајот со припадниците на ОНА, како странска паравоена формација која изврши воени злосторства и злосторства против човештвото во Македонија, амнестија не може да се даде по ниту едно право. Дополнително, ако го имаме предвид Уставот на Македонија во кој како основна вредност на уставниот поредок е утврдено почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, со дадената амнестија директно се повреди уставната норма, односно се прекрши Уставот, но и меѓународното кривично право каде е предвидено дека воени злосторства и злосторства против човештвото не застаруваат и не можат да бидат предмет на амнестија – смета Каракамишева.

Шефот на државата во интервју за Канал 5, во контекст на реакциите во јавноста по откривањето на споменикот на ОНА во Слупчане прашува која е правната смисла и вели:

-Во март 2002 година е донесен Законот за амнестија. Дел и од бранителите и од УЧК го забораваат тој момент. Во првиот член на Законот се вели амнестија за сите ученици во конфликтот. УЧК тогаш е изедначена со бранителите. Ако не беше изедначена, немаше да биде ДУИ како политички субјект. Сега истите овие што креваат галама околу споменикот, сакам да ги прашам бевте ли вие господа на власт со Али Ахмети во овие 20 години еден период барем? Али Ахмети бил во влада со вас, затоа што беше амнестиран.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пендароски како прав татко на нацијата: Го…

По Министерството за надворешни работи, и претседателот…

Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот косовски…

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните…

Средба на претседателот Пендаровски со амбасадорките на…

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими амбасадорките…

Пендаровски заинтересиран за Роналдо, ги пофали македонските…

Денеска во Давос, претседателот на Република Македонија,Стево…

20 години затвор за војници што ќе…

До Руската Дума е поднесен предлог-закон, според…