Ковачевски се сретна со Ескобар: Секое одложување на преговорите со ЕУ носи сериозни последици за регионот

t

Секое натамошно одлагање на тој процес предизвикува сериозни регионални последици и го поттикнува националистичкиот наратив со што се отвора вратата за зголемено влијание на трети страни, беше посочено на средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски со заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар на Економскиот форум Делфи во Атина. Бугарскиот премиер Кирил Петков во меѓувреме изјави дека нема да носи никакви решенија со Македонија без согласност од сите партии и од власт и од опозиција.

Ескобар на средбата со Ковачевски порача дека САД сметаат оти е неопходно максимално забрзување на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ и поддржуваат итно изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Бугарија.

На средбата е констатирано дека иднината на Македонија е во ЕУ и тоа е исклучително важна тема за САД, заедно со заедничкото стратешко учество во НАТО и со билатералното партнерството меѓу двете земји кое што е во постојан развој.

Ковачевски во разговорот со Ескобар истакна дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Македонија во НАТО, како и за забрзување на интеграцијата на земјата во ЕУ.

Премиерот во Атина оствари средба и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, на која е посочено дека војната во Украина предизвикува негативни последици за стабилноста на Европа и посебно за Западниот Балкан и оти соодветна реакција на овие последици е забрзувањето на процесот за интеграција на земјите од регионот и итни преговори со Македонија како приоритет.

Ковачевски посочи дека во дијалогот Скопје-Софија има напредок за кој е неопходна поддршка од Брисел за да се дефинира преговарачката рамка и да се постави цел за колку што е можно побрзо одржување на Првата меѓувладина конференција на Македонија со Европската комисија како почеток на процесот за затворање на поглавјата за членство во ЕУ.

Бугарскиот премиер Петков во меѓувреме изјави дека секое решение во врска со Македонија мора да биде со целосна согласност на партиите од владината коалиција и од опозицијата и нема да биде донесена никаква конкретна одлука без одобрение на Парламентот и без целосна поддршка на сите кои ќе гласаат за неа.

– Имаме јасно потпишан договор за коалицијата, кој строго го почитуваме. Правиме сите наши постапки да бидат во согласност со него. Јас како премиер немам право на никаков начин, ниту пак ќе се обидам, да направам некакви договори. Имаме рамковна позиција, декларација, изјави Петков за позицијата на Бугарија кон земјава.

Според Петков, актуелните случувања во Украина „го направи случајот Македонија уште поделикатен“.

– Западниот Балкан е и регион во ризик. Безбедноста на Западниот Балкан е од големо значење за бугарската држава. На овие одлуки мора да им пристапиме со голема одговорност, додаде Петков.

Тој истакна дека Европската комисија соопштила дека е подготвена преку преговарачката рамка да биде гарант за правата на Бугарите во Македонија и за почитување на нивните интереси и права.

– Преговарачката рамка и процес ќе придонесат за она добрососедство на кое толку многу се надеваме, додаде Петков.

Изјавата на бугарскиот премиер уследи откако во средата лидерот на партијата „Има таков народ“, што е дел од владината коалиција, Слави Трифонов во објава на Фејсбук го обвини дека сака почеток на преговорите на Македонија со ЕУ до крајот на јуни, без никакви законски гаранции за почитување на правата на Бугарите во земјата и дека своите постапки ги прави без координација со бугарското МНР, коалициските партнери и Народното собрание.

На тврдењето на Трифонов реагираа и останатите три партии од владината коалиција. Продолжуваме со промената на Петков и Демократска Бугарија вчера демантираа дека имало заткулисни договори за укинување на ветото за почеток на преговорите на земјава за членство во Европската унија, додека Бугарската социјалистичка партија (БСП) соопшти дека нема информации за таква заложба од бугарскиот премиер.

Во исто време во интервју за МИА, Пјеро Фасино, член на Домот на пратеници во италијанскиот Парламент и претседател на Комисијата за надворешни работи, рече дека однесувањето на ЕУ во однос на проширувањето е недозволиво и таа мора да го забрза темпото на интеграција на земјите од Западен Балкан и да започне преговори со Македонија.

– Бугарското вето мора да се крене. Неприфатливо е земја членка на Унијата да наметне вето врз пристапувањето на други земји. Тоа е очигледно кршење на правилата на функционирање на Европската Унија, вели тој во интервју за МИА.

Според него, потребно е да се свика меѓувладина конференција со цел во следните неколку месециза да започнат преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

– Во последните месеци има разговори помеѓу новиот премиер на Бугарија и премиерот на Македонија и се надевам дека овие разговори може да доведат до договор многу брзо и кревање на бугарското вето. Европската Унија мора да направи сè што е во нејзина моќ овие разговори да добијат позитивен исход и да се надмине бугарското вето, вели пратеникот Фасино, кој важи за одличен познавач на ситуацијата на Балканот.

Забрзувањето на процесот на проширување, според него, го наметнува и влијанието од руско-украинската криза.

– Верувам дека бугарското лидерство е свесно, во светло на војната во Украина, која е многу блиску до Бугарија, дека токму оваа војна ја покажува неопходноста за ЕУ да биде покохезивна, кохерентна и посилна, а таква посилна Европа треба да ги вклучи земјите од Западниот Балкан. Во оваа руско-украинска криза сите мора да бидеме свесни за потребата од забрзување на евроинтеграцијата на Западниот Балкан. Бугарија мора да разбере дека во овој тежок и трагичен контекст, во една ваква трагична ситуација, ветото не може и не смее да продолжи, подвлекува Фасино.

Бавното темпо со кое ЕУ го води проширувањето и ги менаџира своите односи со земјите од Западен Балкан во изминатите 20 години, според него произведe три негативни последици – фрустрираност на јавното мислење во регионот, простор за влез на други играчи – Русија, Турција, Кина, ОАЕ што ќе има многу негативни последици и забавување на реформите од страна на земји кандидати поради бавноста на ЕУ, што дополнително ќе придонесе за забавување на евроинтеграцијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Преку демократски механизми ќе настојуваат да се…

Ќе ги искористат сите демократски механизми, а…

Уште ова ни требаше: СЗО свикува итна…

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) рече…

Во Одеса беше прогласена воздушна тревога, по…

Во Одеса попладнево беше објавено воздушно предупредување,…

Талески: Има одговорност кај Гаши, но ВМРО-ДПМНЕ…

Во овој краток период откако оваа влада…

12-годишно момче во Косово нашло 2.500 евра…

Дванаесетгодишно момче во Скендерај во полициска станица…