Ковачевски се сретна со Македонците од Албанија

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Тирана се сретна со претставници на македонското национално малцинство во Албанија и разговараа за Македонците во Мала Преспа, Тирана, Голо Брдо и Гора.
На средбата македонското малцинство го претставуваа Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за европска Интеграција (МАЕИ) во Албанија, Кимет Фетаху, активист и претседател на друштвото МИР, Едри Фетаху, потпретседател на МАЕИ, Маријана Фелах, претставник на македонското малцинство во Албанија при Комитетот за национални малцинства во Владата на Албанија, Бесник Хасани, претседател на друштво Мост од Голо Брдо како и претставници на бизнис секторот од Македонија кои работат во Албанија.
На средбата беше поздравена севкупната поддршка која што Владата на Македонија ја дава во сите области за нашите Македонци кои живеат во Албанија. Соговорниците ја поздравија одлуката на Универзитетот во Тирана да се изучува македонскиот јазик, за што од Македонија ќе биде испратен лектор на Катедрата за изучување јазици од регионот, а тоа се очекува наскоро да се реализира и на Универзитетот во Корча.
Во разговорот беше поздравена и заложбата за наскоро целосно решавање на деценискиот проблем за пуштање во употреба на граничниот премин Требиште-Џепиште кој што ќе биде од исклучителна важност за македонското население во регионот од Голо Брдо.
Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека Владата спроведува повеќе активности во однос на зголемување на бројот на стипендии за студирање на високообразовните институции во нашата држава, преку кои 39 баратели од Мала Преспа и Голо Брдо добија владини стипендии за студирање на државните факултети за учебната 2023/2024 година.
Претставниците на здруженијата на иселеници ја поздравија соработката на Владата на Македонија со надлежните институции на Албанија за сите прашања од интерес на нашите иселеници, во делот на пописот, на организацијата во локалната самоуправа и во други области од секојдневното живеење.
На последниот попис одржан во Албанија во 2011 година, попишани се 5.512 Македонци.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Забрана за сообраќај за тешки товарни возила…
Ј.П. Македонијапат известува дека од 09.30ч се…
Левица очекува Илире Даути да биде разрешена…
Левица очекува претседателката на Комисијата за социјална…
Специјалниот обвинител Џек Смит поднесе оставка по…
Американскиот специјален обвинител Џек Смит поднесе оставка…
(Видео) Украинците погодија рафинерија за нафта во…
Украински дрон погоди голема рафинерија за нафта…
И Бугарија остана без природниот гас од…
И Бугарија од 7 јануари е без…