КОГО И ЗОШТО ЛАЖЕ АМБАСАДОРОТ НА УНИЈАТА?

t

Евро амбасадорот, Дејвид Гир, во интервју на ТВ Канал 5, (според порталот “Република“), на 26/7/2022, изјавил – “Добра вест е што минатата недела ЕУ ПОЧНА ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО со Македонија и Албанија“. Дури и нагласил – “Апсолутно ги почнавте преговорите со ЕУ“!? Ова – “апсолутно“, веќе покажува дека нешто не е во ред. Ако е така, зошто тоа би го нагласувал тој? Ако се следи неговата логика, можеби е поточно да се тврди дека преговорите ги започнавме во моментите кога добивме кандидатски статус, значи пред 17 години!? Просто да не веруваш, за какви билмези не смета некој си Гир! Тој уште и не уверува дека – “Во однос на разликите од документите за Македонија и Албанија, е релативно нормално да има разлики во секој пристапен процес…“!? Зошто бескрупулозно лаже? Зошто не кажува дека има суштински разлики меѓу нас и Албанија? Дека Тирана ги започна преговорите, а Македонија – НЕ! Тоа е срамно и за него, ама и за Унијата.

Факт е дека спомнал дека Македонија ќе има и втора меѓувладина конференција, ама криел дека такво нешто е измислено само за нас за да исполниме бугарски уцени, сесрдно поддржани од Брисел. Не му било ни на крај памет да каже дека за Албанија нема такво нешто. За да се одржи истата, продолжил Гир – “Македонија треба да ја исполни ОБВРСКАТА КОЈА ЈА НАПРАВИ КОН БУГАРИЈА (?!?), за да го промени Уставот…“! Што сака да каже човеков? Дека ние доброволно сме преземале обврска кон Бугарија, а Унијата е целосно невина, и нема врска со тоа? Или, ни беше тоа наметнато на најбезобразен и силеџиски начин, за да се спаси Унијата од срамот, заради својата нефункционалност? Тој не’ прави и дибидус недоветни. Рекол – “Овој услов е во рацете на Македонија и тоа на никаков начин не треба да резултира со одлагање или да биде пречка на процесот…“, бидејќи никој друг не може да ја спречи втората меѓувладина¬!?

Сепак, не остава дилеми кога вели – ако не дојде до промена на Уставот, процесот едноставно ќе се прекине! И тука не е прецизен. Точно е дека – ПРЕГОВОРИТЕ НЕМА НИ ДА ЗАПОЧНАТ! Нели, без промена на Уставот, тие не почнуваат. Самото објаснувањето, пак, му е врвна генијалност: тоа ќе значи дека – “Самата држава одлучила да се повлече од обврските кои ги превземала по ова прашање“!? Знае ли човекот што зборува? Му кажал ли некој како се менува устав? Чул ли некаде дека македонскиот народ е масовно против “француската“ и бриселска подмолна пародија? Впрочем, кога, последен пат, неговата земја менувала устав? Навистина ли не му е јасно, дека топката Брисел намерно ни ја фрли во нашиот двор, а нашите аматери и капитуланти, кои не знаат што прават, тоа го голтнаа, иако е речиси невозможно да се постигне 2/3 мнозинство во Собранието, за промена на Уставот? Логично е дека и тој, и Брисел, се пресреќни, бидејќи нема да има вето од трета држава, за нов срам за Унијата. Тие ја завршија својата работа а ние самите се напикавме во калта, и сами ќе треба и да се вадиме. На крајот од интервјуто, тој повторил – “Почнавме преговори…“!

А, зошто човеку Гир (нема господин, бидејќи тие не лажат), на Македонија и поставивте ултиматум да го менува Уставот за шака Бугари? Според пописот, 3.504! Ако вие, во Брисел, не бевте збирштина на тешки бирократи, кои последниве години го уништуваат единството на Европа, немаше ли да поставите реципроцитет и да барате истото да го направи и Бугарија со стотици илјади Македонци, кои со векови не ги уживаат универзалните човекови права? Зарем пресудите на ЕСЧП, против Софија, ништо не ви значат? А, се правите големи легалисти? Или, за вас се најважни непристојните политички калкулации и личните и други тесни интереси? Тешка срамота и за Вас лично, и за Унијата

Знаеме дека Брисел има двојни стандарди. Безброј пати сме го осетиле тоа на своја кожа. Знаеме дека немаат обѕири и газат се’ пред себе за да ги реализираат своите цели, ама ова ги преминува сите граници на толеранција. Нас и не треба тоа многу да не чуди бидејќи и еден претходен нивни комесар ни имаше јавно препорачано, токму за Уставот – менувајте го и на балкански начин. Нашите мудреци тоа и го направија. Нелегално. Со јавен криминал, за што ќе се одговара еден ден. Комесарот, како и амбасадорот, никому не одговараат за своите манипулации. А, кога Брисел веќе еднаш виде дека немаме образ и достоинство, со право си рекол – тоа треба да се искористи! Овие се спремни на се’! На се’ што е негативно, нелегално, криминогено, против интересите на народот…

Гир е секако доволно паметен да не го мисли тоа што го зборува. Тој е само во служба и ги извршува своите задачи, за кои е платен. Пораката е очигледно од Брисел, со единствена намера да се манипулира народот, и со цел да и се помогне на предавничката власт која сега ја води нашата Македонија, и ги жртвува нејзините интереси. Тој е на иста линија со премиерот и неговата клика која, без да трепне, го уништува македонскиот народ. Јасно е дека Гир само ја поддржува изјавата на Ковачевски, дадена на 20/7/2022 – “… заедно да го прославиме официјалното отпочнување на преговорите на Македонија со Унијата“, што нема никаква врска со вистината.

Така не уверуваат, поточно лажат, премиерот и амбасадорот, а еве што официјално ни порача Урсула фон дер Лаен, по првата меѓувладина конференција – ја завршивме “првата фаза на отворање на пристапни преговори на вашата земја со ЕУ“. Прецизно и јасно: ова е само ПРВА ФАЗА во отворањето на преговорите! Значи, има и втора што, во никој случај, не може да значи дека се тие почнати!

Дека е токму така, потврдува и точка 6, на документот на ЕУ – “Предлог – заклучоци на Советот“, којшто е дел од “француската“ манипулација со Македонија. Во неа се вели – “Со цел да се заврши оваа ФАЗА на отворање на преговорите (значи, не се отворени!), ќе има друга меѓувладина конференција… “веднаш штом Македонија ќе спроведе уставни промени“. Тогаш, впрочем, треба да биде претставена и преговарачката рамка.

Сето ова покажува дека разликите меѓу Македонија и Албанија се како вода и земја, ама Гир не смее тоа да го каже. А, премолчена вистина е најголема измама. Знаете, кога Централата од вас бара послушно да извршите некоја бесмислена и бесрамна работа, мора да се снаоѓате и, ако треба, да изигрувате кловн. Токму тоа го прави сега и Гир. Во дипломатијата се раскажува за инструкциите кои српскиот кнез Милош му ги дал на пратеникот (амбасадор, по денешно) кој заминувал за Цариград (Истанбул). Му рекол – се’ ни зависи од Портата и работите мораш да ги завршиш успешно. Таму помагаат две работи – меракот што го имаат, или парите. Пари да ти дадеме – немаме, а ти снајди се!

Во меѓувреме, пак, Маричиќ продолжува да го лаже и манипулира народот околу јазикот. Се повикува на фактот дека европското законодавство се преведува на македонски јазик и тоа му е некаква гаранција. А, на кој јазик може тоа да се преведува? На турски? Друг немаме а тој е сега само начелно оспорен во Унијата. Паралелно, Софија официјално започна процедура за негово бришење или, во најмала рака, девалвирање – да не биде автохтон и изворен, туку според уставот. Со други зборови, дијалект на бугарскиот. Бугарија нема никогаш да го ратификува нашето членство во Унијата, ако нашиот јазик остане каков што е сега. Тоа мора да ни биде кристално јасно.

Пред крајот на преговорите, Бугарија нема моќ да ја смени праксата во Унијата, ама нашиот јазик ќе го оспорува во секоја прилика, и ќе ги наметнува своите решенија. Унијата, пак, како и до сега, термините македонски народ и јазик ќе ги употребува само кога ќе мора. Во крајно ретки ситуации. За разлика од името, за кое срамно, и крајно понижувачки, прифативме и дома да ни го сменат, објективно, за јазикот не постои таква опасност. Крвавата борба, која ни претстои, е како ќе ни го нарекуваат другите. А таа, според тоа што сме го до сега направиле, однапред е загубена. Се’ што е преземено од наша страна е само постепено прифаќање на катастрофален пораз, на бришење на македонизмот, на претворање на Македонија во бугарски протекторат и постепено бугаризирање на народот. Тоа е реалноста, а ова што лошо и неуверливо го глумат нашиве политичари е само срамна епизода од нашата историја. Непристојно е што и Гир се вклопува во тој мозаик. Не му личи. Не смее Унијата да се сведува на такви мизерии.

Пишува: Ристо Никовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Главоболка, вртоглавица, срцебиење, епилептични напади – кои…

Иако се чини дека состојбата со пандемијата…

Силен земјотрес ја стресе Босна и Херцеговина!

Силен земјотрес стресе во Босна и Херцеговина.…

(Видео) Срби на трибините бркаа Швајцарци со…

Пред почетокот на натпреварот на трибините имаше…

Костов му одговори на Штајнмајер: Дојдоа варвари,…

Спас за Македонија ни случајно не е…