Костов: Ајде да видиме дали Македонија нема историја и историчари? Ѓорѓија Пулевски – симбол на македонската национална самосвест

t

Македонија: Историја, историчари и историографија(1.)

Ѓоргија Пулевски – симбол на македонската национална самосвест


‘’И Македонците се народ и местото нивно е Македонија …

Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме Македонци…

Македонија била пофалена у време  цара Великог Александра…’’

Ѓоргија Пулевски

Бугарскиот историк Ангел Димитров, тресна една зелена во стилот на “Македонија нема историја и историчари“ и остана жив, што би рекле браќата Срби. И добро е, бидејќи никогаш не е касно во животот да се научи нешто ново. Така ми велеше баба ми Анастасија, Бог да ја прости и мирна и душа, кога ме учеше дека цел живот се учиме во животот и за собитијата. Значи нашите паметни баби и дедовци пред Западот го знаеле методот Long live learning, па еве си дозволувам со помош на тој метод(“Методот на баба Анастасија“) на знаење да му припоможам на кутриот Димитров, бесцелно да не талка низ беспаќиата на историјата, туку и нешто  и да принаучи.

Најпрвин, ајде да видиме дали Македонија нема историја и историчари како што вели посоченото залутано/заталкано и забегано историческо чедо од Бугарија. Историјата, историчарите и историографијата во контекстот Македонија и Македонци ќе ги дефинираме и презентираме во текот на целиот овој серијал, кој го нареков “Македонија: Историја, историчари и историографија“. Истиот го посветувам на бугарските историчари, за кои исто така во серијалот ќе се произнесам, во смисла на нивната неконзистентност во поглед на историјата (измислена и стварна), пишувањето (фалсификувањето) и презентирањето (спинувањето- извртувањето) на истата.

А сега одиме со факти и тоа ин медиа рес: Македонија и Македонците се запишани во Библијата. Во Светото писмо на Новиот завет Македонија и Македонците се споменати 27 пати во 24 стиха. И тоа, Македонија 21 пат, а Македонец/ци/те 5 пати и македонски еднаш. Низ 7 книги на Библијата – во Новиот завет, од вкупно 27 книги, запишано од апостол Павле 16 пати, во 6 книги, и од апостол Лука 11пати во  една книга. За овие непобитни факти и библиски вистини и за нивната точност и непроменливост сведочи самото Свето писмо. А сите на светот знаат дека тоа е најраспространетата книга на светот и убедливо најпознатата и најчитаната (Брато Димитров читај ја! Ше те просветли!, за ова пишуваат наши академици, каков што е Ратомир Гроздановски).

Сега одиме директно во 18-от век, иако повторно ќе се навратуваме и на Библијата и на антиката кога Македонците имавме држава (империја). Не знам зошто ама најверојатно поради некое внатрешно чувство на горделивост и од голема почит кон нашиот духовен светилник и симбол Ѓоргија Пулевски, вовед во темата ќе направам токму со Ѓоргија Пулевски(1838 – 1895). Тој е вистински феномен, изнедрен од народот и многу природен. Тој е духовен, културен, национален и историски симбол на македонската национална самосвест. Познат е како галички ѕидар и македонски комита, револуционер, војвода, поет, учебникар, лексикограф, граматичар, фолклорист, историчар и идеолог–меѓник на македонското национално будење. Не е само македонски идеолог туку и прагматик, кој генијално го сфатил духот на времето. За Македонија се бореше со сабја, пушка, збор и идеали. Роден е во с. Галичник, Дебарско. Учесник е на ајдутството, а подоцна и во комитското движење во Македонија. Бил на печалба во Романија, подоцна и во Белград. Како член на четата на Иљо Малешевски учествувал во борбите со турскиот аскер во 1862/63г. Учествувал и во Кресненското востание. Во основата на неговото размислување и дејствување се неговата самодоверба и цврстиот карактер. Самиот се декларирал: по националност – Македонец, по професија – книжевник, а по функција “четоводец“ за ослободување на “нашата татковина“.

Автор е на делото “Славено-македонска историја“, а Александар Македонски го смета за предок на денешните Македонци, и е прв со став за Македонците како народ кој живее во татковината која се вика Македонија, и прв кој јасно ја изнесе идејата за македонскиот јазик како единствен народен јазик, изграден на народна основа. Важи за најизразит македонист, кој успеа печатно да им даде израз на македонистичките идеи. Ракописите на Пулевски се претежно збир од сопствено логично толкување на народните преданија, раскази, на историјата која е пренесувана од колено на колено. Делото е под наслов како „Славјанско-македонска општа историја” и истото на македонската јавност и станало општодостапно дури во XXI-от век.   Во него Пулевски македонската историја ја дели на пет периоди, на Првичниот, Старомакедонскиот, Римскиот, Ромејскиот и Османлискиот.                                                  

Пулевски размислува логички, со своја глава, и храбро ги изнесува на виделина своите ставови за македонската посебност и како народ, и како јазик, и како историја. Пишувал на “простејши јазик“, а таа “простота“, е подржување на родното, ценење на своето, истакнување на традициите, и приврзаност кон македонското и мијачкото. Едноставно, не можам а да не го почитувам и сакам овој “прост“ македонски Мијак. Нашиот пријател Стефан Влахов Мицов вели, дај Боже и во иднина да имаме повеќе “прости“ како Пулевски.

И сега како да го сфатиме и дефинираме историското незнаење и научното бламирање на уважениот Димитров? Ми доаѓа на ум една мисла од Френсис Фукујама („Она на што ние можеби сме сведоци не е само крајот на студената војна или минување во еден посебен период на повоената историја, туку крај на историјата како таква; ова е крајна точка на идеолошката еволуција на човештвото и универзализацијата на западната либерална демократија, како конечна форма на човечкото владеење“. Френсис Фукојама, Крајот на историјата и последниот човек, Скопје 1994, 524), која Димитров очигледно не ја сватил. Во неа има повеќе поими(“Крајот на студената војна“, “Еден посебен период на повоената историја“, “крај на историјата“, “крајна точка на идеолошката еволуција на човештвото“ и “универзализација на западната либерална демократија“), кои се во во еден контекст, релации и континуитет. Тој очигледно сето тоа го прочитал само како “крај на историјата“ на Македонија и Македонците и оп, ете ти, тие немаат историја и историчари и следствено нема македонски народ и македонска држава. За почеток нека учи од Пулевски и неговите највпечатливи искажани и запишани мисли:  ‘’Народ се наречуваат луѓе од ист род и кои говорат со еднаков збор и кои живеат и општуваат едни со други и имаат еднакви обичаи и песни и веселби, тие луѓе ги наречуваат народ, а местото во кое живее народот се наречува татковина на тој народ… Така и Македонците се народ, а нивната татковина е Македонија’’ и ‘’И Македонците се народ и местото нивно е Македонија … Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме Македонци… Македонија била пофалена у време  цара Великог Александра…’’.

Ако не му оди, тогаш му ветувам дека повторно ќе го повикам духот на баба ми Анастасија, родум од с. Радња, Кожув планина, Кавадарци во Тиквешијата, Македонија, па таа преку научно-историскиот метод “цел живот се учиме“ ќе му помогне да си разјасни некои негови дилеми, трилеми и заблуди во поглед на Македонија, Македонците, и дали тие, т.е. ние имаме историја и историчари. Дури и нешто повеќе, т.е. поконкретно, во смисла на тоа кој палеше македонски села, кој убиваше недолжни селани, и кој беше фашистички окупатор, по бугарски “администратор“, на три пати во првата половина на 20-от век во Македонија.

Колумната ја привршувам со потсетување дека Пулевски е автор на “Македонска песнарка“(1879г.), “Самовила Македонска“, во која е одразена македонската национална идеологија во која е вклучен и нејзиниот револуционерен сегмент. И да се потсетиме дека во својот “Тријазичен речник“ од 1875 година, достатно јасно напиша кои сме биле, што сме и какви сакаме да останеме. Книгите на Пулевски се израз на стремежите на нашите занаетчии, селани, самоуки попови и учители.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…