Костов: На 24 мај сите сме писмени, само Радев и бугарските политики се неписмени

t

На 24 мај сите сме писмени, само Радев и бугарските политики се неписмени

Сонува президентот Румен Радев дека денес сите биле Бугари. Тоа се празни и лажни сништа.За другите не знам, ама знам дека ние во Македонија сме Македонци. Да, Македонци, и само Македонци. Од Искон, па до Вечност. На Радев потребни му се будење, трезнење и освестување. Затоа Радев ќе го освестиме од заблудите и разбудиме од соништата му, со еден освежен репринт за неговата ноќна мора – МАКЕДОНИЗМОТ.


Денес ги чествуваме светите браќа Кирил и Методиј, славните солуњани од далечниот 9-ти век. Ги славиме како централни личности на словенската самобитност, ги славиме како создатели на првото словенско писмо, им благодариме за првите преводи од грчки на словенски јазик, и за најстариот словенски книжевен јазик – старословенскиот, чија основа е македонскиот јазик на Македонските Словени од Солун и селата околу него. Тоа значи дека денес се соочуваме со нашите историски и културни корени. Ден е на македонската азбука, ден на светите просветители, браќата Кирил и Методиј. Го чествуваме и празнуваме времето кога тие и нивните ученици светите Климент и Наум Охридски, описменуваа и просветуваа. Затоа и ги возвеличуваме  како христијански творци и јунаци. Овие културни творци и просветители ја создадоа новата македонска култура и просвета. Буквите, азбуката, и зборовите, од нив, се низа од бисери, содржани во житијата, хагиографиите, апокрифите и дамаскините од тоа творечко време.

Во ова тешко и мачно време-невреме се сеќаваме на Илинденската епопеја, на Крушевската Република, прва на Балканот. Го паметиме херојството на Мечкин Камен и саможртвата на Питу Гули и комитите, на “гемиџиите“. Не ги забораваме и предавствата за Гоце Делчев, Јане Сандански, и сите други храбри Илинденци. Се потсетуваме дека Македонија со векови е создавана од напатените македонски селани, од храбрите попови, од паметните учители, просветители и преродбеници, од комитите, војводите, партизаните…. од народните трибуни низ векови. Република Македонија е изнедрена од тешките и крвави ноктурна, уште од времето на Филип и Александар, од времето на светите Кирил, Методиј, Наум и Климент и времето на Цар Самуил. Од Богомилскиот поход, од Беласица 1014та, до Февруарскиот поход – славната НОВ/НОБ.

Тоа се светлите случувања во нашата крвава историја. Таму, во Историјата, низ вековите и милениумите се Македонија и Македонците. Заедно во татковинска прегратка… Прегратка на Мајка со своето чедо. Од таму, од тоа мајчинско, татковско и народно азно, изведени се сите славни Македонски Школи: Школата на светите Кирил/Методиј и Наум/Климент; Школата на Димитар Миладинов; Школата на Крсте Петков Мисирков; Школата на Коста Солев Рацин и Школата на Блаже Конески.

Овие школи се сето наше национално благо. Во него е сета народна мудрост и сите творби произлезени од неа. Од нив се изнедрија најголемите Македонски синови, Македонски великани. Сите поминаа низ крвави војни, трагични делби и селидби, физички и духовни окупации и окупатори, востанија и револуции, потлачувања, Македонски крвави свадби… Од таа мака, од тој бес, од таа јанѕа, македонскиот творечки ген и македонската литература создадоа стотици, илјадници прометејски книги, кои денес за нас се ѕвездени патеки во нашето живеење и опстојување. Тоа се: Панонски легенди, Тајната книга, Т’га за југ, Зборникот, Сердарот, За Македонцките работи, Македонска крвава свадба, Бели мугри, Бегалка, Печалбари, Народни бигори, Крпен живот, Везилка, Небиднина, Црнила, Простум, Несоници, Непокор, Диво месо, Лет во место, Тетовирани души…. Ги додавам и Име од вечност, Молитва за Македонија, Името (Македонија) е нашата татковина, Име од светлина и рани, Македонија искон и вечност и многу други кои се големи проблесоци на македонската литература и трајни паметници на нашата севкупна духовна и културна историја. Кога се во прашање Македонија и Македонците, мора да се биде холистичар – да се има холистички пристап, дека се е важно и се е битно: Име, Јазик, Идентитет, Историја, Традиција, Култура…. Ама мора и да си храбар.

Време е да се организираме, да дигнеме глас и да одбраниме сé што е македонско. Духовната заробеност во земноста и приземноста, императивно бара да се рушат сите ментални бариери. Радев нека сонувадека денес сите биле Бугари. тоа е негов сон, но и негова заблуда. Паметниот, образованиот, информираниот и почитувачот на Историјата, би рекол, само слатки сништа, и пусти, празни романтичарски желби, кои се распрскуваат како меурчиња од сапуница, кога доаѓаат во допир со МАКЕДОНИЗМОТ(МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ). А ние гордо и непоколебливо продолжуваме со МАКЕДОНСКИОТ ВЕКОВЕН ПРОСТУМ. Го градиме МАКЕДОНСКИОТ ВЕЧЕН НЕПОКОР.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…