Лејди Дијана – гламурозна принцеза и икона со стил

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(5.)

Лејди Дијана – гламурозна принцеза и икона со стил

Постојат луѓе кои со нивната магична харизма и ретка дарба засенуваат сè, ама буквално сè околу нив. Нивното битисување го менува светот и ја означува епохата. За нив велиме дека се поинакви од останатите бидејќи ги преместуваат границите на човековото дејствување, го менуваат светот на подобро, претворајќи се во симболи на хуманост, храброст, прогрес, и икони на бунт, слобода, стил на живот. Некои од нив се оттргнуваат од заборавот и влегуваат во легендата, а да не успеат да преживеат дури ни половина просечен човечки живот. Генерации стасуваат со нивното дело во кое наоѓаат нова смисла, цел и инспирација во животот и работата. Го усреќуваат светот со своето постоење, дејствување и умеење и заминуваат млади како жртви на својата дарба. Беа, се и остануваат ѕвезди, недофатливи како оние на небото.

Една таква ѕвезда, икона на стилот и симбол за пркос, храброст и хуманост, е принцезата Дијана. Лејди Дијана, или Лејди Ди. Постојано се движеше на тенката линија меѓу ѕвезда и член на кралска фамилија и успеваше да го комбинира најдоброто од двете. Нејзиниот живот прерано згасна, но нејзината ѕвезда, очигледно вечно трае и сјае. Доколку најважните задачи на еден бренд се да им даде значење на своите главни одлики, тогаш, Дијана, секако беше, и остана, моќен бренд. Голем број на нејзини обожаватели делеа заедничка ментална слика за неа. Според начинот на кој се создаваше вредноста на брендот Дијана, јавноста е таа која ги поседува правата на интелектуалната сопственост на Дијана како бренд, и како икона на стилот.

Дијана му припаѓаше на светот, затоа што се покажа како совршен бренд достапен за сите. Инспиративниот назив кој и го даде премиерот Тони Блер ‘’Принцеза на народот’’, е тоа што таа еве и до денес опстојува – бренд во заедничка сопственост на сите нејзини обожаватели, икона на стилот на нејзиното време, нo и на времињата кои доаѓаат. Едноставно таа не е заборавена. Нејзиниот статус како бренд-икона очигледно се уште опстојува. Иако, од почетокот, Дијана не беше свесна дека е бренд. Таа на почетокот само беше највидливата и најшармантната претставничка на најпознатата фамилија во светот. Но, времето покажа дека таа не била само минлив медиумски феномен. Како трајни амбасадори на нејзиниот бренд се покажаа нејзините добротворни организации, покровителствата и нејзината заштитничка улога кон хендикипираните, болните, маргиналците, отфрлените. Сите тие со тек на времето станаа дел од нејзиниот бренд, кој беше достапен за секого, а таа со нејзината добродушност, хуманост и грижливост, стана икона со инклузивен стил.

Иако беше принцеза, таа се облекуваше модерно, но со префинет вкус. Со своите елегантни фустани, костими, кошули и панталони остави длабока трага на модата на осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век. Со модерните фризури, екстравагантните шапки и стилските чанти, со чипките и сатените што ги носи во најразлични комбинации, станува симбол на модерна, шик и кул личност. Спојувајќи ја модата за млади со гламурот својствен на принцезите, таа станува модна икона за милиони девојки и жени, но и икона со посебен стил. За тоа се заслужни и модните куќи Унгаро, Версаче и Шанел, како и дизајнерите Арабела Полен, Брус Олдфил, Аманда Вејкл и Кетрин Вокер, но и уредничката на Вог, Ана Харви.

Таа дефинитивно беше поинаква од останатите членови на кралското семејство. Заљубеноста во неа е сеопшта, обожавањето колективно. Така Лејди Ди ги разби стереотипите и табуата за современите принцези, кои навидум живеат живот од бајките. Ладната сервилност и непристапност на кралското семејство доби член кој имаше статус на “неприлагодлива”.

Животот на принцезата Дијана, сепак беше интригантен живот, од срамежливо и збунето девојче на својата венчавка, до нежна мајка, горделива и одважна сопруга, најфотографирана жена на светот, стилска икона, хуманитарна муза и најконтроверзна личност на кралското семејство во Велика Британија. И покрај наводните неверства и афери, со проверени и непроверени личности од нејзиниот живот, народот ја прифаќа како своја “народна принцеза”, и ја стави на трон кој никој не може да и’ го одземе – најомилена личност во кралското семејство. Обичните луѓе ги забораваат кралевите и принцовите, но Лејди Ди, како ја викаа од милост, не! Таа не е заборавена, и не верувам дека тоа некогаш ќе се случи.

Сите ја паметиме како убава, витка и елегантна, со нежен израз на лицето, безмалку со проѕирен тен, блага насмевка, и помалку меланхоличен поглед под шапките коишто ги обожаваше. Таа креираше сопствен стил, а нејзините модни креации ги копираа милиони жени во светот. Сите сакаа и уште посакуваат да бидат елегантни како неа. Таа “кревка англиска роза”, како ја нарекува сер Елтон Џон во песната “Candle in the Wind”, не глумеше светица, ниту пак се трудеше тоа да биде. Се дружеше со кого сакаше, со членови на кралски семејства, уметници, глумци, пејачи, обични луѓе и многу други од светот на шоу бизнисот. Народот ја препозна нејзината искреност и љубов и се определи: таа засекогаш е нивна принцеза, иако таа титула званично ја загуби по разводот со принцот Чарлс. Но, искреноста, достоинството и чувствителноста, никој не можеше да и ги оспори, ниту пак одземе.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Зеленски: Поддршката од Русија за Иран ја…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека одбраната…

Украинската армија доби нов командант

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го назначи…

Експлозија во резиденцијата на норвешкиот амбасадор во…

Експлозија се случила вечерва во резиденцијата на…

ПДПР со демант и објаснување на денешниот…

Реакција и демант По повод видеото што…

Макрадули: Секогаш кога ДПМНЕ е на власт…

*Објава на Фејсбук на Јани Макрадули: -…