Објавено на:

Македонија, држава на квази-статистичари и отпис наместо попис: Срам и арам да им е!

t

Македонија,  држава на квази- статистичари и на отпис наместо попис

Конечно, после дваесетина години, статистички се преброивме. Резултатите(добиените бројки од пописот) покажуваат дека, покрај Устав “со фабричка грешка“, сега добивме и попис “со фабричка грешка“.


Во случајот грешките се повеќе, бидејќи и финалните резултати се на ниво на најчудни и уште поконтрадикторни феномени и “ефекти“. Колку за показ, добивме една “марсовска“ категорија “административно попишани граѓани“ и нов религиски феномен, поделба на “Православни“ и “Христијани“(и покрај постојните католици, протестанти, адвентисти, баптисти….). А бројките на едните, 132 260 административно попишани, и другите 242 579, попишани како христијани(покрај 847 390 православни), не се за занемарување. Дури се алармантни, како плодна почва, за манипулации и деструктивни конструкции, погрешни проекции, што се на се, дава погрешна и искривена слика на реалната општествена состојба на македонското општество и државата ни Македонија.

Кога на ова ќе се додадат смешните бројки(до граница на апсурд ниски и мали), за нашите граѓани од македонските заедници во европските држави и преку окенаските САД, Канада, Австралија, и особено на нецелосно пребројаните припадници на Ромите, Турците, Србите и Бошњаците, кругот е затворен(би рекол Милчо Манчевски), ама во случајот сликата е нејасна, замаглена и најточно искривена до максимум. Колку за показ и доказ, каде се според едни 650 000, а според други 350 000, а според мене многу, многу млади иселени од Македонија?

Констатациите во насловот се тешки(во поглед на струка и занимање), сурови(според статистичкиот и историскиот инженеринг што ни ги прават) но и жални и болни(не погодуваат таму каде што најмногу не боли). Ама, да ми простат, засегнатите персони и субјекти, во случајот сум сурово реален.

Ајде да видиме дали е така?

Наместо да ни се случи СТАТИСТИЧКИ ПОПИС, ние добивме до крајност ПОЛИТИЗИРАН ОТПИС. Си дозволувам да го крстам МАКЕДОНСКИ СТАТИСТИЧКИ БЕРМУДСКИ ТРИАГОЛНИК. “Бермудски триаголник“ во кого во голем број испарија македонската дијаспора, и не попишаните Роми, Турци, Бошњаци, Срби и Македонци во Македонија. Последните ги делам на две категории: прва, која реално бојкотираше( и испадна дека е во право, бидејќи добивме статистичка манипулација), и втора, поради недобра подготвеност, хаотична организираност и срамна реализација на пописот, демек не можеле да ги најдат дома(??!?). И сега упорно и тврдоглаво не уверуваат дека државата(читај власта) спровела успешна и стручна статистичка операција. За се ова мојот коментар е: “Мижи Асан да ти баам“ или ако повеќе милувате “Тикви во расол“.

Сега прашање за милион долари: што да очекуваме или со што се сме соочени, и ќе се соочуваме уште многу време, после овој брутално срамен попис-отпис?

Прво прашање, ама и одговор, е: кога бројот на попишани граѓани, без малку е еднаков на бројот на избирачи во Единствениот избирачки список, тогаш, нормално е да се замислиме дали во Македонија имаме популација до 18 години? бројките велат, немаме, а реалноста, вели, да имаме, тоа се нашите деца и внуци, да ни се живи и здрави.

Второ прашање: зошто е толкава, ненормална дискрепанцата помеѓу бројот на попишаните во пописот(многу помал), од една страна, и бројот на граѓани според Регистрите за лични карти, патни исправи, и особено државјанства, од друга страна? Зборуваме за разлика од 300 000 граѓани, па до половина милион.

А дали некој помислува каква е реалната демографска слика на македонското општество?

Повеќе од очигледно, дури и очебијно е, дека добивме демографска слика “40 нијанси сиво“, со тенденции кон црно – еднакво на ДЕМОГРАФСКА ЕРОЗИЈА. Повеќе години во низа имаме повеќе починати од новородени. Како општество и заедница забрзано старееме.

Семејството како општествена и социјална категорија ни е во стагнација, да не речам, во распаѓање(број на разводи, семејно насилство, алкохолизам, наркоманија, малолетничка деликвенција, криминал). Образованието упорно штанца непродуктивни кадри, и е во некоја перманентна реформска транзиција, од која нема фајде.

Селото запустено, градовите пренаселени, со сообраќаен метеж и загадени.

Глобалната слика – намален бројот на население, зголемен број на отселени, “Белата чума“ пополека, ама сигурно не ретчи.

И сега некој треба да смисли, донесе и реализира нови демографски политики за севкупен развој на семејството, локалната заедница, образованието, социјалата, стандардот… Сето тоа со оваа власт просто кажано е “Лук и вода“. А стратегиите за економски развој, одржлив развој, инвестиции и еколошка заштита, простете ми и понатаму се во “Ветер и магла“. Најжално пак е што “Белата чума“ и понатаму ќе не уништува – се додека статистички не пребројуваат квази-статистичари како Симовци, зајакнати со потписи на нивните им заменици. А да! И статистичари кои без срам и перде, однапред, ишкајќи си ја мувата од капата, сами се прогласуваат за “Најголеми државни непријатели“. Отсуство на морал, немање на совест. Срам и арам да им е.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јотова: Нема причина да го тргнеме ветото,…

Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова не гледа…

Спасовски открива дека МВР спречила хакерски напади…

„Ние сме прогласени од Русија за земја-непријател,…

Богоев ја нападна Левица: Кој ве плати…

Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев смета дека…

Кривични за сите кои учествувале во фингираниот…

Левица не го признава овој попис и…