Македонски состојби: формална наспроти функционална демократија (1.) Анализа на бројки, презентирање на факти и аргументи

t

Дали демократијата во Македонија е “демократија без народ“?

Едно општество за сите или бесрамно општество?

Без демократија во партиите нема демократски развој на државата

Кога нема демократска политичка култура, има аномично општество

Правната држава, предуслов за демократија – услов кој недостасува во Македонија

Станува збор за искривената демократија (до изобличеност) во Македонија, која еве ја живееме 31 година. Веќе некое време ја анализирам ваквата извртена, да не речам первертирана демократија. Од бројките сум изненаден, а од фактите и аргументите запрепастен. Општеството од транзиција западна во криза. Поради отсуство на правна држава, и државата ни е во криза. А македонскиот граѓанин откако преку недемократската транзиција и општествената деструкција беше ограбен, и тој перманентно е во криза – финансиска, социјална, егзистенцијална, психолошка, морална.

Анализата е сеопфатна, па затоа и долга е, ама тука ќе биде изнесена на рати, во стилот на животот што го живееме во неа. Значи појдовна основа ми е демократијата како можност, од аспект на правда во неа, но и демократијата како неопходност, како одбрана од неправдата. На крајот ќе видете дека единственото исходиште на оваа анализа е човекот, поточно неговото достоинство како граѓанин избирач кој може слободно да мисли, слободно да дејствува и во тој контекст слободно да избира. Во таа смисла водилка се максимите  “Човекот е мера за се“ (Питагора) и “Се е избор“ (Жан Пол Сартр).

Сега, нешто поконкретно за анализата, воопшто, и анализата на демократските процеси, преку призмата на изборните кампањи и изборите, како основа на демократијата. Поточно, станува збор за анализата, психоанализата и политиката и нивните меѓусебни релации и испреплетени односи. Односот на анализата, психоанализата и политиката е несомнен и видлив. Но, исто така непобитен е и фактот дека истражувањата и анализите на оваа тема во Македонија се малобројни и не секогаш компетентни и стручни. Причините лежат во фактот што анализата пред се поставува едно големо но основно барање, кое доколку биде заобиколено и занемарено многу бргу се свети.

Вистинската анализа (научна, стручна, реална, објективна) бара вистинитост и искреност кон самите нас, на што ние не сме навикнати. Анализата не поучува да го видиме, истражиме, сериозно да го земеме во предвид и прифатиме она што со најголем успех сме го потиснале во себе. Тоа што генерации под трајна присила го потиснувале во себе. Токму овој момент е моќно и огромно доживување што треба да го почувствуваме уште при првите чекори во анализата, особено анализата на одвивање на изборниот процес и чинот на пребројување на гласовите и сумирање на резултатите.

Тоа е потрес од корен. Кој ќе издржи и ќе продолжи понатаму, тој со секој следен чекор се чувствува осамен и отсечен од постојните конвенции и наследените погледи, со што се соочува со безброј прашања и сомнежи кои ништо не може да ги спречи. Но затоа позади срушените сцени на наследството се повеќе и повеќе се гледа или насетува како се подигнува бескомпромисната слика на вистината. Вистината за тоа:

  • како се одвивала изборната кампања;
  • како се однесувале учесниците во неа;
  • каков бил односот на медиумите кон изборниот процес и кон политичките субјекти кои учествуваат во него;
  • кој субјект каква платформа за настап имал, кој каква програма претставил пред избирачите, кои пораки се испратени до нив и каков е нивниот однос кон истите;
  • каква била изборната атмосфера и дали имало подеднакви рамноправни и за секого достапни услови за настап на изборите;
  • дали имало нарушување на изборниот процес и дали имало прекин на истиот и дали тие влијаеле на слободното определување на избирачите и на изборните резултати;
  • дали после изборите, тие што се победници, ги испорачуваат или не ветувањата дадени во кампања

Тоа е сликата на реалноста во светот кој не опкружува, кога се во прашање изборите, изборните кампањи и постизборниот период. Следствено, таа и таква слика треба да биде сликата за изборите(парламентарни, локални, претседателски) во Македонија и изборната кампања што им претходи. А на изборите и изборната кампања, најчесто им претходеше “демократија без народ“ (погазување на волјата на народот изразена на референдумот, промената на уставот и промената на името Република Македонија). Следствено, сведоци бевме дека изборите и кампањите поминуваа  со промовирање на “демократски“ принцип “купување на гласот на избирачите“ и победа по секоја цена, како “zero sum game“.

Ете, доколку сето ова се има во предвид, анализата на изборниот процес има шанси да биде објективна и реална. И само на тој начин случувањата во изборниот процес ќе бидат транспарентни и ќе бидат видливи. Разбирливо, целокупната оваа проблематика многу често е пропратена со возбудливо отчукување на срцето и емотивно однесување, без малку од сите учесници во изборите.

Притоа колку стравувањата, збунетоста и потиснувањата во врска со овој процес се осветлуваат, толку значењето на вистината за истиот и за неговите актери се издигнува на повисоко ниво и барањата за запазување на европските и светските стандарди и позитивни демократски практики се повеќе од потребни и неопходни, но и остварливи.

Вообичаено тешко се пронаоѓа точен и конечен одговор за комплицираните феномени како што е гласањето и апстиненција од гласање и кој (политички партии и коалиции) и зошто победил, кој и како изгубил на изборите. А од гласањето  (фер, слободни и демократски услови) и резултатите од гласањето (реални, фалсификувани и признаени и оспорени), подоцна произлегуваат сите проблеми на демократијата, политичкиот и партискиот систем во државата. Во врска со незадоволителните состојби на овој план, ги имаме следните стојалишта:

  • Едни истражувачи и аналитичари велат дека политиката повеќе не е привлечна и атрактивна како тоа што беше порано
  • Други причините ги гледаат во кризата на политичките партии
  • Трети, причините ги бараат во несоодветниот и партиски и изборен систем
  • Четврти се уверени дека политичката култура е на незавидно ниско ниво и овозможува многу несакани и штетни нус-појави
  • Петти потсетуваат дека е време за целосно превреднување на општествениот, политичкиот, партискиот и изборниот вредносен систем

Во оваа анализа прифатено е стојалиштето дека соодветниот одговор за причините кои ја објаснуваат состојбата со овие два комплексни феномени е повеќеслоен и исто така комплексен (затоа ќе бидат анализирани сите пет стојалишта). Се состои од тоа какви се или ќе бидат реакциите на присутните предизвици во врска со пројавените пропусти, недоследности и несоодветно однесување на учесниците во изборниот процес и одговорите на нив во вид на ефикасни решенија. Според мое наоѓање ќе набројам 17 од нив.

1.

Изборите и резултатите од истите покажаа и потврдија дека довербата од народот (гласачите) кон политичките елити е на најниско можно ниво. Забеганите политички елити, т.е. нереалните лидери нудат месијански решенија, во кои граѓаните не веруваат. Истите тие лидери даваат лесни и нереални ветувања, а некои од нив се граничат и со надреалност. Тоа е подгревање на лажни надежи, кои никогаш не се остваруваат, а граѓаните запаѓаат во апатија, незаинтересираност и неподготвеност да дадат подршка на било која политичка опција (Констатациите се однесуваат на последните парламентарни, претседателски и локални избори).

2.

Плурализацијата на македонскиот политички и партиски систем и нејзината институционализација се актуелеизира после секои парламентарни избори. Но, после овие парламентарни избори се поставија бројни научни, политички и концепциски прашања, проблеми и дилеми. Најгорливи се нагласените меѓу и интра етнички расцепи, големата недоверба помеѓу политичките субјекти, конфронтацијата помеѓу „новите“ и „старите“ политички партии и коалиции, форсирањето на националните посебности и интереси, на сметка на општествените и државните, агресивната „црна пропаганда“ и присутниот говор на омраза и реторичката демагогија. Изборите инаугурираа поларизиран повеќепартизам на т.н.  феномен „политичка дистанца“. Помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, помеѓу СДСМ и ДУИ, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и помеѓу ДУИ и останатите партии од албанскиот кампус (Беса, ДПА и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива). Се покажа дека помеѓу сите нив има загрижувачко отсуство на базичен консензус.

3.

Сите овие прашања и проблеми ја направија невозможна и неефикасна секоја нормална политичка комуникација во изборната кампања и изборниот процес. Сепак како најизразен проблем се појави затегнатиот однос и високиот набој од релацијата плурализација на општеството (пред се на партискиот систем) и политичката дезинтеграција на таа плурализација. Како помеѓу македонскиот и албанскиот кампус, така и внатре во тие партиски и коалициски кампуси. Одамна е присутна дилемата дали плурализацијата на партискиот систем доведе до негова дезинтеграција или пак дезинтегративните партиски процеси ја условија плурализацијата? После изборите 2020 година оваа дилема е изразена многу повеќе од било кога. Неминовно е, еднаш за секогаш, да се надмине нагласениот фрагментиран партиски систем и неговата загрижувачка поларизација, до ниво на антагонизам и политичка нетрпеливост.

4.

Друг нагласен и остар проблем што го наметнаа напред наведените избори е национализацијата и парцијализацијата на партискиот систем. Кога и после 30 години во Македонија партискиот плурализам сеуште е недоволно социјално и демократски втемелен, тој станува лесен плен на националните елити, кои до максимум се спротивставени и конфронтирани со цел да ја одбранат и зачуват својата национална и државна позиција и политичка и економска моќ. Во таков недемократски амбиент се случува несакан натпревар помеѓу национализамот (македонски, албански) и плурализмот, натпревар во кој плурализмот постојано ја губи битката за вистинската демократија.

5.

Во изборниот процес, од неговиот почеток, до самиот крај, се виде дека во најголема мера авторитарното комуницирање на владеачката гарнитура, надвладеа над демократското комуницирање и информирање, својствени за вистинската демократија. Медиумскиот простор беше преплавен од информациите на државната, политичката и економската владејачка елита во Македонија (констатацијата се однесува како за парламентарните, така и за локалните и претседателските избори). Најконкретно, државниот монополизам го задуши комуникацискиот полицентризам. Еве конкретен пример за последните парламентарни избори: Изразено во бројки владеачките парии СДСМ (129 часа претставувана во медиумите) и ДУИ (119 часа претставувана во медиумите, беа сеприсутни, во споредба со 72-та часа на претставување на ВМРО-ДПМНЕ во медиумите. Ова е комуникациска и медиумска неднаквост и дискриминација ин флагранти. Неопходно е радикално редефинирање на досегашните застарени концепции на образецот на демократско комуницирање и информирање, кое ќе се ослободи од формализмот и субординацијата на владеачката политичка елита.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пуџдемон се врати во егзил во Белгија

Лидерот на каталонските сепаратисти Карлес Пуџдемон, кој…

Му се заканува казна до 60.000 евра:…

Совршено зачуваните улици и сè уште постоечките…

Американците преку Франција до златен олимписки медал…

Тимот на САД ја продолжи легендата на…

Рускиот милијардер жестоко го критикуваше Путин: Најхрабра…

Рускиот олигарх Олег Дерипаска ја нарече војната…

Тројца германски пливачи на отворени води се…

Тројца германски пливачи на отворени води се…