Маричиќ пак збунет: Ако има таму такви луѓе кои се декларираат како Македонци…

t

Петков вчера имаше и средба со претставници на бугарската заедница во земјава, која се одржа во бугарската Амбасада. Тој изминатите денови пред посетата на Скопје во интервју за МИА посочи дека едно од почувствителните прашања на кое треба да се посветат двете земји се правата на Бугарите во Северна Македонија, како и можноста тие да бидат внесени во македонскиот Устав, но во однос на македонското малцинство во Бугарија беше дециден дека тоа не постои.

Бугарскиот премиер пред доаѓањето во Скопје рече дека ниту тој, ниту други претставници на Владата не разговарале со претставници на Амбасадата на САД во Бугарија за признавање на македонско малцинство во земјата.

– Нема такво малцинство и за такво малцинство не може да се зборува, порача тогаш Петков и наведе дека постои усогласен став на бугарската политика, потврден од Консултативниот совет за национална безбедност пред една недела, дека позицијата на Бугарија кон Северна Македонија не е променета, туку е само надградена со работни групи.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера во интервју за Телма во однос на македонското малцинство во Бугарија остана на ставот, кој го изнесе и претходно, а тоа е дека Северна Македонија останува на принципот на немешање во внатрешните прашања на која било наша соседна држава.

Маричиќ нагласува дека за сите отворени прашања со Бугарија, вклучувајќи го и ова, за малцинствата, ќе се разговара. На прашањето дали има македонско малцинство во Бугарија, вицепремиерот одговори: „Ако таму има луѓе кои така се декларираат, како Македонци, тоа е нивно право и тоа никој неможе да им го ускрати. Нивниот статус во државата Бугарија зависи од уставното уредување на Бугарија и од правата коишто им ги дава таа држава“.

Тој е дециден дека секој има право да се декларира како што мисли дека треба и се повика на 36. Амандман во Уставот, со кој се утврдува улогата на нашата држава во однос на заштита и на македонскиот народ, но исто така и на нашите државјани, но и принципот на немешање во внатрешните прашања на која било друга држава.

– Тоа ми беше поентата да го кажам, притоа не негирајќи што било или кого било. Секој има право во Европа да се декларира како што која етничка припадност мисли дека ја има и тие свои права да ги остварува во рамките на државата каде што живее, објасни Маричиќ, кој додаде дека постојат и голем број конвенции, принципи, повелби и декларации кои ги заштитуваат малцинските права.

Со Петков вчера средба имаше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој по состанокот изјави дека нема ништо лошо да и се случи на државата, ако го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија.

– Зборував многу отворено за ова со Петков. Ние сме целосно ангажирани да се почитува и да не му се оспорува правото на никој да се декларира, без притисок, така како што чувствува, тоа да се рефлектира во Уставот. Мислам дека ништо лошо нема да ѝ се случи на државата ако ние го прифатиме бугарското малцинство како уставна категорија. Значајно е да се отворат преговори за зачленување во ЕУ зашто така градиме сигурна иднина, рече Ахмети, нагласувајќи дека тоа е стратегија значајна за почеток на преговорите за ЕУ.

Претседателот Стево Пендаровски, чиј кабинет минатата недела потврди дека го прифатил барањето за средба со претставници на ОМО „Илинден Пирин“, една од организациите и здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, која има добиено 11 од вкупно 16 пресуди пред Европскиот суд за човекови слободи и права од Стразбур за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, вчера изјави дека барањето на Бугарија, Северна Македонија да ги запише Бугарите во Уставот е мешање во внатрешните работи.

Тој рече дека Македонци во Бугарија постојат, но тие се бугарски државјани и нивното право од тој аспект треба да го бараат на индивидуално ниво. Доколку ги исцрпат сите правни механизми во Бугарија и не добијат такво право, тогаш се обраќаат во Стразбур.

– Македонци во Бугарија постојат. А дали ние од тука, како држава ќе се мешаме да ги помагаме нивните права, не. Зошто не? Правило број еден во меѓународно право, меѓународна политика, член два од Повелбата на ОН – важи за сите држави во светот: нема мешање во внатрешните работи на државата. Тие се бугарски државјани, граѓани на Република Бугарија. Ве уверувам дека македонската држава никогаш на ниво на држава не се обидувала таму да ги буцка, да ги провоцира, да им вели – излегувајте, да им дава помош. Тоа се решава на индивидуално ниво. Се чувствуваш како Македонец, ќе го кажеш тоа. Ако не ти даваат, одиш во Стразбур. Тоа е патот. Нема друг начин, истакна Пендаровски во интервју за ТВ 24.

А за македонското малцинство вчера порака испрати и поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во Бундестагот, Михаел Рот. Тој на својот Твитер профил ја поздрави средбата на Петков и Ковачевски и објави дека Бугарија конечно треба да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонското малцинство во Бугарија.

– Многу е добро што се среќаваат новите премиери на Бугарија и на Северна Македонија. Како што Северна Македонија признава бугарско малцинство, конечно Бугарија мора да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонско малцинство во Бугарија. Во ЕУ ниту една земја не смее да одлучува за јазикот и културата на друга земја, објави Рот на Твитер.

Петков, пак, вчера на прес-конференцијата во Скопје не сакаше да навлегува ниту во прашањата поставени од бугарските новинари во врска со условите од бугарската рамковна позиција, меѓу кои „рехабилитација на жртвите на комунизмот, кои биле гонети поради бугарската самосвест и оштетувањето на табли и натписи“. Тој кусо одговори дека било разговарано за сите прашања, но дека тоа што е важно, е дека и двајцата разбираат дека овие специфични прашања треба да бидат решени.

– Да, ќе работиме на нив како дел од заедничката работа, но ќе бидат во сосема различна димензија кога се ставени и во контекст на сите други работни групи. Одговорот е да, но фокусот од тука натаму треба да биде зошто е толку важно нашите две држави да го имаат тоа добрососедство, а не само да се фокусираме на проблемите што треба да бидат решени, но тоа е сосема друг пристап, истакна Петков.

А Вашингтон вчера излезе со порака дека не размислува за санкции против бугарската Влада и оти верува дека Софија и Скопје ќе си ги надминат разликите.

– САД силно го поддржуваат пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија и веруваат дека тоа ќе биде од корист за сите земји во регионот, се наведува во соопштението на портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не размислува за санкции против бугарската Влада и е убедена дека владите на Северна Македонија и Бугарија започнале конструктивен дијалог кој ќе помогне навремено да се решат нивните разлики.

– Го цениме силниот интерес на американскиот Конгрес за ова прашање и ќе продолжиме да одржуваме тесна координација со Конгресот за ова прашање, се вели во соопштението на Прајс.

Петков во посета на Скопје беше придружуван од Кристиан Вигенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија и бугарските министри за надворешни работи и за транспорт и врски, Теодора Генчовска и Николај Сабев. Бугарската делегација на аеродромот во Скопје беше пречекана од министерот за надворешни работи Бујар Османи, а официјалната посета започна со церемонијален пречек пред Владата и со високи државни и воени почести.

Петков имаше средби и со шефот на државата Стево Пендаровски, со претедателот на Собранието Талат Џафери и со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој и Ковачевски вчера положија цвеќе на спомениците на „Св. Кирил и Методиј“ и на „Св. Климент и Св. Наум Охридски“ во центарот на Скопје, а присустуваат и на отворањето на канцеларијата на бугарската новинска агенција БТА во Скопје. За време на одржувањето на меѓувладината седница, на 25 јануари во Софија ќе биде отворена и канцеларијата на МИА во Република Бугарија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонците во Бугарија: Ова е само почеток,…

Провокација со задни намери. Македонците од Бугарија…

“РТС”: Северна Македонија, друштва на мртви цареви

Двајца поранешни бугарски императори и соработници на…

Траги-комедија: Хрватите всушност се “Бугари” според најновата…

По Македонците и Хрватите биле Бугари, пишува…

САД распоредуваат нова група американски војници во…

Американски војници ќе бидат распоредени во Бугарија…

Фуере: Бугарија се однесува како колонијална сила,…

Охридскиот договор го издржа предизвикот на времето,…