На денешен ден, пред точно 75 години се роди фудбалскиот клуб Вардар, најтрофејниот колектив во нашата земја

t

На денешен ден, пред точно 75 години се роди фудбалскиот клуб Вардар, најтрофејниот колектив во нашата земја и симбол и вистински репрезент на Македонија. Најпопуларниот фудбалски македонски бренд се роди на 22 јули во киното „Вардар“, со спој на двата најдобри клубови на територијата на главниот град Скопје, Македонија и Победа. Причината била едноставна – создавање на моќен спортски колектив кој ќе го обедини главниот град.

На Основачкото собрание на СД Вардар одлучено е клупска боја да биде сино-белата, како што ќе биде и бојата на знамето на друштвото. Но, веќе на следното Собрание, многу набрзо потоа, одлучено е сепак бојата на друштвото да биде црвено-бела.

Околу 17 години бојата на СД Вардар, а со тоа и на ФК Вардар била црвено-бела, за по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, се воведе актуелната боја на клубот – „црвено-црна“.

Прв претседател на Вардар е Ангеле Божиновски, а низ историјата се имаат сменето многу раководни структури. Најголемите промени се случуваа во периодот од 2004 до 2014 година, а најтешкиот период клубот го имаше во 2010 година, кога едвај опстана на фудбалската сцена поради огромна финансиска криза. Сегашниот сопственик Сергеј Самсоненко официјално го презема клубот во 2014 година и го направи стабилен и му донесе екстра-услови за работа.

Првиот значаен датум во историјата за ФК Вардар е 26 мај, 1961 година, кога на стадионот „ЈНА“ во Белград, вардарци го подигнаа пехарот во купот на Југославија откако во финалето го совладаа Вартекс од Хрватска со 2-1. Погодоците за македонскиот тим ги постигнаа Николовски и Илиевски.

Незаборавен а и најзначаен трофеј за историјата на клубот е и титулата во југословенското првенство во сезоната 1986/1987. Од 18 екипи во југословенската елита, Вардар беше прв со 38 поени. Тогаш за победа се добиваа два бода, а за нерешено еден поен. Подоцна Вардар ја претставуваше тогашната држава во Купот на Европските шампиони и играше против Порто од Португалија.

Вардаровиот дрес во шампионската генерација го носеа сегашниот спортски директор Дарко Панчев, а освен него, таа сезона за Вардар настапуваа Љупчо Марковски, Тони Савевски, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Вујадин Станојковиќ, Јовче Џипунов, Бобан Бабунски, Чедомир Јаневски, Момчило Грошев, Милко Симовски, Љупчо Лазаров, Венцислав Симоновски, Мирко Петров, Благоја Тодоровски, Никола Аврамовски, Зоран Трајчевски, Горан Стојановиќ, Николче Филипов, Васил Рингов, Тони Атанасовски, Јовко Бизимовски.

Дел од Вардар во есенскиот дел од сезоната беа Слободан Горачинов и Гоце Димовски кои што заминаа во странство во текот на шампионатот. Предводник на тимот беше легендарниот Андон Дончевски.

Најголем меѓународен успех на Вардар е остварен во сезоната 2003/04, кога клубот стигна пред портите на Лигата на шампионите, но доживеа несреќна елиминација од Спарта Прага. Во таа сезона, Вардар во Лигата на шампионите ги елиминира велшки Бери Таун, а потоа и големата ЦСКА Москва.

Што се однесува до рекордите во 75-годишната историја, најмногу настапи за Вардар има Кочо Димитровски, вкупно 845, а најдобар стрелец е Андон Дончевски со 217 гола. Најефикасен голгетер во историјата на ФК Вардар е „кобрата“ Дарко Панчев, кој на 207 меча даде 123 гола, а најдобар стрелец во европските мечеви е Вандаир со 12 гола во вардаровиот дрес.

Најтрофеен тренер е Ѓоко Хаџиевски, кој во витрините на „црвено-црните“ донесе пет шампионски титули и два Купа, а најголемата меѓународна победа на Вардар е триумф од убедливи 5-1 над Етникос Ахна, во 2004 година. Најгледан натпревар во историјата на Вардар е мечот против БАТЕ Борисов во Лигата на шампионите во сезоната 2012/13, кога на Градскиот стадион (подоцна „Филип Втори“, а сегашна „Тодор Проески“) беа присутни над 30.000 гледачи.

Вардар, кој во Македонија радува генерации и генерации, зад своето име има „десетка“ во македонскиот шампионат (1992/93, 1993/94, 1994/95, 2001/02, 2002/03, 2011/12, 2012/13, 2014/15, 2015/16, 2016/17), пет трофеи во Купот (1992/93, 1994/95, 1994/95, 1998/99, 2006/07), два трофеја во Суперкупот (2013 и 2015), како и по една титула во Југословенската лига и Купот на Југославија (1986/87 и 1960/61).

Среќен роденден, Вардаре!

Извор: gol.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

По десет години затвор во Шпанија, водачот…

Вечерва после 20:00 часот на белградскиот аеродром…

(Видео) ХОРОР во Приштина: Бремена жена изрешетана…

Бремена жена на возраст од околу 35…

Христијаните веќе не се мнозинство во Англија…

Англија и Велс повеќе не се мнозински…

Ковачевски: Штајнмајер го цитираше Конески – Има…

Политиката што ја спроведуваме ги брани интересите…

(Видео) Освојување на Вселената: Кинеските астронаути пристигнаа…

Новиот тим астронаути стигнаа до кинеската вселенска…