Никовски: ШТО САКАА БУГАРИТЕ ВО БИТОЛА?!

t

На 16 април 2022 година, бугарска делегација предводена од премиерот Кирил Петков и Илијана Јотова, потпретседателка на државата, заедно со МНР, Теодора Генчовска, поранешните чурук министри Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, и други нивни „видни“ личности, дојдоа во Битола да отворат Клуб на Центарот за култура „Ванчо Михајлов“, на покана на истоименото бугарско здружение. Си организираа журка во Битола, без поканети од наша страна! Воопшто не е спорно дека Иван Ванчо Михајлов блиско соработувал со врвните фашисти – Хитлер, Мусолини и Павелиќ. Тоа дури подобро го знаат во Софија бидејќи, во текот на 1935 година, тие го осудиле со седум пресуди на смрт со бесење и со една на доживотен затвор. Затоа се поставува прашањето – ако е така, која беше тогаш намерата и целта на бугарскиот политички врв да дојде во Битола, за сами да отвораат бугарски клуб и да го величаат Михајлов? Име, кое може да се поврзе само со убиства, ликвидации… и негирање на Македонците како народ, а никако со културата. Одговор тешко може да се најде а можни претпоставки има повеќе.

Првата е дека во Битола сакаа јасно да ни покажат дека ние сме за нив втора бугарска држава, и дека немаат намера да отстапат од тоа. Затоа, отворено го игнорираа нашиот суверенитет, шетајќи се низ земјава и правејќи што сакаат. Нашата согласност, пак, го покажува нашиот аматеризам.


Второ, дојдоа со нескриени непријателски намери, свесни дека тоа што го прават, е неприфатливо за нас. Директно ги негираа нашиот антифашизам и АСНОМ, а со тоа и државата. Ова треба да им биде некаков доказ дека не биле окупатори туку ослободители или, барем, администратори.
Трето, недвосмислено демонстрираа дека целосно зависиме од нив и дека нашата иднина е во нивни раце. Дека никогаш нема да не пуштат во ЕУ, ако не прифатиме дека нашето потекло и јазик се бугарски. Очигледно им е јасно дека ова им е последна шанса да ги ефектуираат сопствените историски синдроми за непостоење на македонската нација. Штом (ако некогаш) влеземе во ЕУ – а) нема да имаат никаква алатка да не тераат да прифаќаме измислено бугарско потекло; и б) како членка, ќе можеме да бараме исправање на сите неправди наметнати во процесот на прием, вклучувајќи го и негирањето на нашиот национален идентитет, преку договорите со Бугарија и Грција, што не смеат да дозволат.

Четврто, покажаа сила и надмоќност на крајно безобразен начин, за да немаме дилеми дека ќе одат до крај. Целта беше да не уверат дека немаме избор и не е можен никаков компромис со нивни отстапки. Настаните во Битола треба да не поучат дека сите наши досегашни срамни отстапки и непотребно манифестирана спремност за некаков нов понижувачки договор, се бесмислени, смешни и недоветни. Ако и по Битола, политичкиот врв на земјава не ја сврти страницата, преземајќи радикални мерки за одбрана на фундаменталните интереси на државата и македонскиот народ, алот ни е во калот.

Петто, Софија покажа дека му го „опростува“ фашистичкото минато на Михајлов, благодарејќи на неговото докажано непризнавање и игнорирање на Македонците како посебен народ, што им е најважно во моментов. Тој прво ги убиваше сите кои јавно се изјаснувале како Македонци, а подоцна ги нарекувал – говеда, што му е одлична виза за нагласена улога во сегашните бугарски бесрамни политики. Софија очигледно смета дека ставовите на Михајлов се силен историски доказ дека ние сме „Бугари“.

Шесто, целта беше да покажат дека се спремни на се’, за да го докажат неможното – дека сме „Бугари“. Ќе ги користат и Михајлов, кој бил позната личност и фашист, ама и Гоце Делчев, кој е симбол на македонизмот и на нашата држава, и е неспорно Македонец. Спојуваат две дијаметрално спротивни личности, коишто немаат ништо заедничко. Бесмислена е и крајно поровокативна најавата на центарот во Битола дека Михајлов бил – „продолжувач на делото на Гоце Делчев и Даме Груев“!

Седмо, ни се стави на знаење дека Радев одлучува кога е Македонија во прашање. Целата оваа ујдурма е иницирана од кабинетот на бугарскиот претседател: посетата ја најавила Јотова додека премиерот Петков се придружил. Веќе ни е познато дека Радев е главен носител на бугарските политики за непризнавање на Македонците.

Осмо, настаните во Битола можеби најавуваат долгорочни цели, коишто засега се незамисливи. Апсурдниот начин на којшто Петков, Јотова и свитата се шетаа низ Битола и Охрид, лесно може да биде најава и за некаква „мегали“ идеа. По сите наши бесмислени отстапки направени во однос на Бугарија, логично е нивните амбиции, и особено тие на Вашингтон, да растат. Најавите дека се спремни да одат до крај, водат токму во таа насока. Зашто да не се обидат во ЕУ да не пуштат само преку Бугарија?! На вакви какви што сме, може ли еден ден да ни се постави ултиматум – за влез во ЕУ, земјата мора доброволно да се подели, со граница кај Групчин, исто како и во Втората светска војна?! Источниот дел со Бугарија, макар во вид на некаква (кон)федерација, а западниот и северниот со Албанија (и Косово). Тоа би бил подолготраен процес. Ако сега прифатиме бугарско потекло и јазик, макар индиректно и прикриено, за што Османи наголемо преговара и посветено работи, речиси неизбежно ќе се оди во таа насока. Се’ друго би било прашање на време, техника и тактика.

Ова може да ви изгледа неверојатно ама кој веруваше дека ќе се распаднат СССР и Југославија, дека Украина ќе биде уништена… Впрочем, финалната разврска на Балканот не е завршена. Сегашното капитулантско однесување на македонските политичари, божем под силна опсесија за ДАТУМ за преговори, отвора такви можности. Клучот е секако кај меѓународниот фактор, иако нашата судбина зависи пред се’ од нас самите. Ќе потсетиме: сето што ни го правеше Атина 30-тина години, а сега го продолжува Софија, не е нивна измислица. Тие само ги спроведуваа(т) политиките на Вашингтон. Токму затоа – се’ е возможно. Иднината можеме да си ја обезбедиме само со одговорно однесување, коешто до сега тотално недостасуваше.

За бугарските намери и цели може да претпоставуваме, ама за нашето однесување нема никакво оправдување. Тоа е од секој аспект недостоинствено, крајно неприфатливо и погубно и зборува само за наша целосна политичка и дипломатска недоветност. На брифинг со новинари, за да не останеме во недоумица, објаснување даде МНР, Османи – „Сфативме дека отворањето на културниот клуб е провокација, со цел да се докаже дека Бугарите во Македонија немаат малцински права… Ние не сакавме да им дадеме алиби и затоа дадовме дозвола за одржување на настанот“!? Да слушаш и да не веруваш! И, додава – „Но, не можам да дозволам ова да го прекине процесот на преговорите“, за да прецизира – „Преговорите мора да продолжат бидејќи нема алтернатива“!? Кој е Османи да дозволи или не, да се прекинат преговорите? Како тоа – „нема алтернатива“ и, што е најважно – за што? Дали нема алтернатива на бришењето на Македонците како автохтон народ и нивно прогласување за „Бугари“, за да може Османи без нив да ја внесува државата во ЕУ? Дали му е тоа нему најважно, ако се знае дека за финализирање на проектот за Голема Албанија, НЕМА подобар начин од разнебитување на Македонците? Ова, секако, (ниту во Владата, уште помалку во партијата!) не е (само!) негова политика, ама кажува се’ за неговата улога.

Невидена будалштина е што нашите врвни политичари им дозволија на Бугарите без нас да прават манифестација во нашата земја! Плус, величајќи докажан фашист! Во никој случај не се работи само за провокација: тоа беше добро замислена директна агресија врз нашите фундаментални интереси и вредности. Османи, пак, смета дека тоа што не не’ поканиле (кај нас дома!) е – одлично решение! Невидена глупост. Нашите мудреци им даваа целосна логистика, иако биле свесни дека нивна цел е да не навредат и понижат, со очигледна порака: Македонците треба по секоја цена да се разнебитат! Место одлучно спротивставување на мршојадците, ние им асистиравме!
Што треба уште да направат Бугарите, за да им кажеме – доста беше? Зарем може да не им е јасно на нашиве генијалци дека после едно вакво наше самоубиство, апетитите на Софија ќе се дуплираат и нема ни да помислат да ги повлечат блокадата и нивните фашисоидни барања? Впрочем, зошто би ги менувале своите политики? На Софија, сега и’ е дефинитивно јасно со какви аматери и дипломатски неписмени лица имаат работа. Најновите изјави на Радев, тоа директно го потврдуваат. Вашингтон и Брисел, сега на наша сметка ќе го спасуваат Петков, бидејќи е кооперативен.

Османи секако зборува во име на Владата, ама неговото однесување неизбежно ќе се анализираат и во етничка смисла. Место да презема соодветни чекори, тој ја повикува Софија да се опамети!? Во шега, еден новинар го цитира – „Нема да дозволиме Бугарија да ги минира преговорите со – Бугарија“!

(Продолжува)

Пишува: Ристо Никовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

180 позитивни од 2 880 тестови, нема…

Министерството за здравство информира дека во последните…

(Фото) Ресторан во Приштина им забрани влез…

Ресторан во Приштина на својот влез постави…

Димитров: Итна реафирмација на македонските позиции!

Итна реафирмација на македонските позиции!, вели поранешниот…

Зеленски до Г7: Пред зимата мора да…

Зеленски денеска им се обратил на лидерите…

(Фото) Реконструирани дел од пешачката и велопатека…

ЈП Улици и патишта Скопје по налог…