Нови предлози за амбасадори: Реџеп Демири за амбасадор во Берн, а Андреј Жерновски во Белград

t

Министерството за надворешни работи на Македонија за нов македонски амбасадор во Швајцарија, Берн, го предлага Реџеп Демири, актуелен генерален конзул во Минхен. Предлогот е на ДУИ. На предлог на СДСМ, Андреј Жерновски е можниот нов македонски амбасадор во Белград, Република Србија, дознава МКД.мк од дипломатски извори.

Пред две години, во мај 2020 година, Министерството за надворешни работи на Македонија соопшти дека генералниот конзул во Минхен Реџеп Демири ќе биде повикан на консултации веднаш штом се создадат услови за патување, кои во моментов се отежнати со оглед на пандемијата, по реакциите на неговата објава на фејсбук. МНР тогаш соопшти дека оваа објава се коси со Законот за надворешни работи и етичкиот кодекс на дипломатите, па консултациите ќе бидат во насока на испитување на околностите за утврдување евентуална одговорност врз основа на дисциплинска постапка.

Демири тогаш, на 2 мај 2020 година, на својот фејсбук профил напиша: „Честит 2 мај 2001! Стотици борци на ОНА заземаа точки за да ја заштитат татковината, правата и албанскиот дух насекаде. Засекогаш во нашите сеќавања, маченици на нацијата. Слава им”, напиша конзулот, некогашниот член на ОНА, поставен за шеф на Генералниот конзулат на Македонија во Минхен во јуни 2019 година.

Се разбира за епилогот од тогашните консултации ништо не се дозна, за да денеска дознаеме дека Демири, според МНР, е доследно решение за чекор напред во кариерата – амбасадор.

Андреј Жерновски, пратеник, член и лидер на ЛДП, градоначалник на Општина Центар, па член на СДСМ од 2017 година и веднаш станува член и на Централниот одбор на партијата што предизвика негативни реакции кај некои членови на СДСМ. При правата реконструкција на Владата на Зоран Заев, Жерновски станува заменик министер за надворешни работи. Тој денес е кандидатот на социјалдемократите за амбасадорското место во Србија. Инаку Жерновски е дипломиран градежен инженер, а ова ќе му биде прва дипломатска функција.

Од МНР и натаму нема информации кој би можел да го пополни испразнетото амбасадорско место во Вашингтон. По неуспехот на СДСМ таму да го прати Љубомир Фрчкоски, дознаваме дека и предлогот на ДУИ, Теута Арифи, не поминал баш најдобро во Стејт департментот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Слаба излезеност на изборите во Бугарија: До…

Излезноста на гласачите на предвремените парламентарни избори…

(Фото) Арсовска најави реконструкција на уште една…

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска…

СДСМ: Докажаниот криминалец Мицкоски е фатен со…

Докажаниот криминалец Христијан Мицкоски е фатен со…

(Фото) Арсовска им честиташе на победниците: Успешно…

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на…