Обвинителот Јовески до пратениците: Ако притвориме некој за Онкологија, ќе излезе дека Собранието ни правело притисоци!

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на пратениците во Собранието денеска им укажа да се држат до своите надлежности и да не се мешаат во надлежностите на Обвинителството околу случајот со Клиниката за онкологија. Ова дојде откако повеќе пратеници во текот на своите излагања дискутираа за притвор за случаите Онкологија.
-Ако ние утре определиме притвор за некого, ќе излезе дека Собранието ни правело притисоци, рече Јовески.
Тој им порача на пратениците да се држат до рамките на нивните надлежности. Обвинителот откри дека неколку кривични пријави за Клиниката за онкологија биле поднесени низ годините. На пример, имало анонимна кривична пријава во 2017 година за несовесно работење во службата била поднесена до Обвинителството и била отфрлена поради тоа што немало кривично дело кое се гони по службена должност. Обвинителот наведе и дека во 2016 година бил отворен предмет за Онкологија исто како и во 2012-та. Тогаш предметот бил за злоупотреба на службена положба и овластување со решение за откажување од гонење и запирање на истрагата. Тој кажа дека во овој случај Обвинителството има вложено огромни напори, ангажирани се две обвинителки и се преземаат бројни дејствија и дека случајот мора да има завршница.
Јовески им укажа на пратениците дека неговата функција не е монетка за поткусурување и Собранието да посвети внимание на своите надлежности.
–Оваа анализа на медицинските досиеја и нивното лекување е потребна бидеќи е интердисциплинарна – како се требувани лекови како се давани во кој обем и дали се давани. За таа цел се ангажирани технички советници. Еден дел од медицинската документација е издвоена со сомненија за лекарска грешка, а вештачењето ќе го врши независна институција. Преземена е анализа на целото финансиско и материјално работење на клиниката со експерти од ФЗОМ и експерти на ревизија. Соработката со експертите од ДЗР се од клучно значење за истражување на овој предмет од страна на обвинителството. Имаме целосна поддршка од МВР, единицата за финансиски истраги каде што се вклучени повеќе лица од страна на министерството за внатрешни работи. Остварена е комуникација од страна на тројца јавни обвинители со обвинители од Косово и ќе се оствари иста таква комуникација со обвинители од Албанија, рече Јовески.
Тој ја увери јавноста дека обвинителството нема да прикрие никакви факти и нема на друг начин да толкува нешто ако заслужува кривична одговорност. Исто така паралелно се водат финансиски истраги.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Син на поранешен функционер повикан во полиција…
Денеска бил приведен син на поранешен екс…
Прв потврден случај на африканска чума кај…
Случај на мошне заразната болест африканска чума…
Довербата на Французите во Макрон е на…
Довербата на францускиот народ во претседателот Емануел…
Ковачев: Македонија бега од спроведување на договорите…
Во јануари се очекува ЕП да усвои…
Голема акција на грчката полиција- во Солун…
Службеници на Дирекцијата за борба против организираниот…