Олаф Шолц на Балканот: Тешкото патување на германскиот канцелар

Пет земји за два дена: во сенка на украинската војна, германскиот канцелар Олаф Шолц патува на Балканот. Ситуацијата во регионот е тензична. Косово и Србија покажуваат мала подготвеност за компромиси.
Денеска (10.06) почнува дводневна посета на канцеларот Олаф Шолц на југоисточна Европа. Негови станици се Приштина, Белград, Скопје и Софија, како и северногрчката метропола Солун. Во фокусот на разговорите е приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, изјави заменик портпаролката на германската влада, Кристијане Хофман неделава во Берлин. Од гледна точка на германската влада, ЕУ-перспективата не е значајна само за безбедноста во регионот, туку и за ЕУ. Но, членството досега изостана не само поради несогласувањата во Унијата, туку и поради нерешените прашања во самиот регион.
Безбедносно-политичкото значење на регионот се покажува уште на првата станица на канцеларот, во косовскиот главен град Приштина. На 22.06.2022 германскиот Бундестаг ќе одлучува за повторно продолжување на мандатот за германското учество во заштитните сили КФОР, кои од крајот на војната во 1999 година го обезбедуваат мирот во земјата. Олаф Шолц при посетата ќе се сретне и со германските војници стационирани на Косово.
Нивното присуство таму е посакувано и потребно, зашто германската влада ја оценува како фрагилна, особено ситуацијата на северот на Косово. Косовскиот премиер Албин Курти, кој ќе биде првиот државник што Шолц ќе го сретне во Приштина, воведе мерки на реципроцитет против Србија. Тоа значи дека Приштина против Белград ги воведува истите мерки што важат и во обратна насока. Па така, косовската влада во септември минатата година одлучи да не ги признава српските регистарски таблички, бидејќи Србија никогаш не ги призна косовските.
Напредок речиси и да нема и во Дијалогот за нормализација на односите, кој беше инициран во 2011 од страна на ЕУ. Канцеларот Шолц кој веќе денеска од Приштина патува за Белград имаше еден обид да ги седне двете раскарани страни на иста маса. На почетокот на мај годинава организираше средба меѓу посебниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак и косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Берлин. Освен една заедничка фотографија, друг резултат од оваа иницијатива не произлезе.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Лидерите на ЕУ се согласија за мобилизирање…
– Шефовите на држави или влади на…
Германски медиуми: На властите во Србија можната…
Во Србија и понатаму шпекулациите за употребата…
(Фото) Сочувство од навивачите во Пловдив: „Бугарија…
Навивачите на бугарската фудбалска репрезентација не заборавија…
Побаран 30 дневен притвор за Крешник Бектеши
Обвинителството побара 30 дневен притвор за екс…
Уште една трагедија: Кумановец загина во експлозија…
Шеесетгодишен маж загина во четвртокот вечерта при…