Оливија Њутн-Џон: Слава помешана со тага и болка

t

Омаж

Оливија Њутн-Џон: Слава помешана со тага и болка

Вчера дознавме жална вест: во понеделникот не напуштила, и од овој свет си заминала, убавата, разиграната и харизматична Оливија Њутн Џон. Таа е повеќе од филмска икона, повеќе од музичка икона, и повеќе од модна икона. Таа е миленичка, обожавана бренд икона, Lovemarks, на милионите нејзини фанови. Со овј омаж и одавам почит на големата ѕвезда на филмската, музичката и селебрити индустријата.

Оливија Њутн-Џон е харизматична пејачка и актерка. Таа е и кантавторка, претприемач, активист за здрава животна средина, за правата на животните и поборник за зајакнување на здравствената свест. Родена е во Кембриџ, Велика Британија, од татко Бринли – Велшанец, а мајка Ирена – Германка. Кога имала 5 години нејзините се преселиле во Мелбурн, Австралија, каде на 12 годишна возраст победила на локален натпревар на таленти. Кога имала 14 години мајка и ѝ купила гитара, а по година-две повторно победува на музички натпревар на таленти – ‘’Sing, Sing, Sing’’, како член на женска музичка група, за што добива награда патување во Лондон. Наградата не ја користи веднаш, но по извесно време го напушта училиштето, оди во Лондон и започнува да гради музичка кариера.

Во 1969 година почнува соработка со гитаристот на групата Шедоус – Брус Велч. Подоцна соработува и со другиот член на групата – Џон Ферар, за да на крајот гостува во шоуто It’s Cliff! на Клиф Ричард. Соработката со оваа група ја прослави во Велика Британија, и во 1971 година издава албум. Истата година го издава и синглот ‘’If not for you’’, песна на Боб Дилан, како и кавер верзиите на ‘’What is life’’, од Џорџ Харисон и ‘’Take me home country roads’’, на Џон Донвер. Во 1974 година таа е претставничка на Евросонг на Велика Британија, каде со песната ‘’Long Live Love’’, го зазема 4тото место. Во текот на 1976 и 1977 година таа има неколку хитови со софт рок песни, кои и помагаат да се етаблира како кантри и поп пеачка.

Во 70тите години од 20от век ја освои публиката со изглед на девојка од соседството, а во 80тите сите ги изненади со своето провокативно и сексуално облекување. Покажа дека позади нејзината весела надворешност се крие цврста и силна жена, жена која преживеа тешки животни искушенија. Партнерите ја сакаа и напуштаа, успеа да го победи ракот на дојката, да ја надмине депресијата, да се справи со банкротот, со смртта на татко и, како и со здравствените проблеми на ќерката Клои. Сепак кариерата на Оливија Њутн Џон постигна врв со филмската адаптација на Бродвејскиот мјузикл Брилијантин, во 1978 година, во кој таа ја игра улогата на Сенди Олсон. Со улогата во овој филм таа оствари планетарна слава.

Брилијантин е еден од најголемите бокс-офис хитови на само во 1978ма година, туку и воопшто. Албумот од мјузиклот помина цели 12 недели на врвот на топ листите во Европа и САД и произведе три платинести и златни мега хита. Инаку популарноста на мјузиклот постојано растела најповеќе поради атрактивноста на Оливија Њутн Џон и Џонтра Волта, добрата музика и прекрасната филмска фабула. Според заработувачката мјузиклот го зазема високото второ место, веднаш после Титаник.
Посебна приказна е албумот ‘’Physical’’ од 1981 година, кои како двојно платинест е нејзиниот најуспешен музички албум. Посебно интересни се видеата за песните од овј албум.

Насловната нумера од албумот постигна најголем комерцијален успех. Тоа е модерна песна врамена во општо прифатениот звук од 80те години од минатиот век. Општо познато е дека оваа песна има сексуална конотација, факт кој малку е камуфлиран со видео спотот за истата, каде се вметнати комични моменти, но сепак е задржана сржта на главната идеја. Авторот на спотот Брајан Грант, идејата за истиот ја формулирал како пародија во која шеќерно допадливи машки во теретана стануваат дебели и грди. Нив Оливија се обидува да ги доведе во ред и да ги претвори во идеални. Оваа песна стана голем музички хит во 80те, а званична забрана за спотот никогаш не беше изречена, иако МТВ го емитуваше во касните вечерни часови и никогаш докрај со што се прикриваше сцената на држење за рака на две машки лица, во што музичките критичари видоа хомосексуален елемент. Останатите нумери од албумот беа помалку атрактивни но сепак песната ‘’Strangers Touch’’ со видеото за неа ја паметиме како ноар нарација која многу потсетува на мега хитот ‘’Виена’’ на групата ‘’Ултравокс’’, додека видеото за нумерата ‘’Falling’’, е еден вид сценска театралност на еден куп минималистички идеи во него. Интересен е и спотот за нумерата ‘’Silvery Rain’’. Тоа е еден модерен спот со често кадрирање, при што театралноста потсетува на шарено евровизиско шоу, при што на сцената се отвора полукружна бела чаура во која Оливија пее небаре е дива од Бродвејските мјузикли.

Таа го снимаше и филмот ‘’Ксанаду’’, кој е љубовна филмска приказна во која се испреплетени сегашноста и минатото, митовите и реалноста. Филмот ја раскажува приказната за девојката Кира, која ја толкува Оливија Њутн Џон, и тоа е приказна за најдена, загубена, па повторно пронајдена љубов, бајка за девојка која сништата ги претвора во стварност. Овој филм го паметиме и по прекрасната нумера ‘’Suddenly’’, која во филмот во дует ја пеат Оливија и Мајкл Беск, а на саунтрак албумот дуетот е Оливија и Клиф Ричард. Инаку, Оливија Њутн Џон во својата музичка кариера има испеано по два дуета со Џон Траволта и Клиф Ричард и еден со Енди Гиб.
Добитничка е на четири “греми“ награди, има пет број еден хитови, десет топ десет синглови и два број еден албуми на Билборд 200, при што продала сто милиони плочи. Се покажа и како успешен бизнисмен менаџирајќи го сопствениот ланец на модни продавници ‘’Коала блу’’. Се мажеше два пати, прв пат со актерот Лет Латензи, а вториот пат со Џон Истерлинг. Има ќерка Клои Роуз Латензи од првиот брак.

Австралија и направи голема чест кога на Олимписките игри во Сиднеј 2000та таа, заедно со тенисерот Патрик Рафтер, го носеше вечниот олимписки пламен. Оливија Њутн Џон беше и остана миленичка на публиката, која ја обожаваше поради нејзините песни, со кои таа ги ‘’растураше’’ светските топ-листи во 70тите и 80тите, но ја сакаше и поради позитивна енергија и весела природа.
Што да се напише повеќе за оваа дива: беше шармантна, елегантна, весела и сакана.
Затоа, почивај во мир драга Сенди.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

И покрај поразот Милевски смета дека сме…

Македонија вечерва го загуби последниот натпреват во…

(Видео) За малку ќе беа “пошљакани”: Тензијата…

Фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Бугарија кој вечерва се играше на…

Социјалните мрежи вријат: Едни велат “Таче е…

Македонските фудбалски репрезентативци вечерва беа поразени од…

Македонија со пораз го заврши овогодинешното издание…

Фудбалската репрезентација на Македонија со пораз го заврши овогодинешното…

(Фото) Ковачевски, Шилегов и Зечевиќ на трибини:…

Премиерот Димитар Ковачевски заендно со поранешниот градоначалник…