Падот на еврото може да предизвика дополнително поскапување на цените

t

Падот на еврото на ниво под еден долар ќе има повеќе негативни од позитивни ефекти за домашната економија. Паритетот на доларот во однос на еврото ќе влијае на економијата  изразено како поскапување на производите кои се увезуваат, дециден е професорот Зоран Ивановски од Економскиот факултет при УТМС. Тој за Локално објаснува дека ваквата состојба дополнително ќе влијае на порастот на цените, особено затоа што увозот на нафтата и нафтените деривати се плаќа во долари,што е директна трошковна компонента во речиси сите сектори во економијата.

Поскапувањето на увозот ќе се преслика и на зголемување на дефицитот на тековната сметка на платниот биланс и секако на нивото на девизни резерви на земјата.Исто така, негативното влијание ќе има и исплатата на обврските по земените кредити во долари, кои изразени во денари или евра значително поскапуваат, со што се зголемува товарот на сервисирањето на кредитите.Од друга страна, релативно мало ќе биде позитивното влијание на остварениот извоз на домашни производи на странскиот пазар во доларивели професор др.Зоран Ивановски.

Предвидувањата на девизниот пазар се тешки и неблагодарни па оттаму според Ивановски не може да се даде едноставен совет на граѓаните дали во овој момент е подобро да се менува валутата на  нивната заштеда.  Со оглед на случувањата во еврозоната, тој е сигурен дека еврото e на стаклени нозе и ќе продолжи да паѓа.

Има инвеститори и граѓани во нашата земја кои веќе на крајот од минатата година ги препознаа ценовните сигнали на доларот и навремено ги конвертираа своите заштеди во долари, со што само во изминатите неколку месеци успееја да остварат 12% принос на своите конвертирани средства во долари. За оние кои тоа не го направиле, моето предвидување е дека во наредниот период може да се очекува натамошно јакнење на доларот и слабеење на еврото, како резултат на забавените економски движења во еврозоната. Имајќи во предвид дека САД значително го зголемува извозот на нафта и гас во Европа, интересот ќе биде да се задржи релативно стабилниот раст на доларот во наредниот период, вели Ивановски.

Во однос на стабилноста на девизниот курс не очекува промени по падот на еврото на ниво под еден долар. Уверен е дека денарот ќе остане стабилен во однос на еврото заради монетарната стратегија на таргетирање на курсот на денарот со што се одржува ценовната стабилност во Македонија.

Секако, заради депресирањето на еврото во однос на доларот, курсот на денарот ќе депресира во однос на доларот, по автоматизамдодава тој.

Последното, четврто по ред зголемување на основната каматна стапка од страна на НБРМ, нема да биде последно. Ваквата мерка вели Ивановски е неопходна заради инфлацијата и во секој случај ќе го зголеми товарот врз граѓаните кои имаат кредити во банките.

Нема сомнение дека деловните банки ќе го следат сигналот на Народната банка и за очекување е пораст и на активните и пасивните каматни стапки. Секако, кај пасивните тоа ќе оди малку поспоро, заради профитната можност деловните банки да го зголемуваат профитниот распон. Заради порастот на основните каматни стапки, пред се на водечките централни банки во светот, очекувам натамошен пораст на референтните каматни стапки, кои пак се вградени како основа за калкулација на променливите каматни стапки на кредитите. Ова, секако ќе го зголеми товарот на сервисирање на обврските по земените кредити, имајќи во предвид дека нашите граѓани традиционално се ориентирани кон еврото или денарот. Европа ќе мора да го следи порастот на каматните стапки во САД, кои преку ова се обидуваат да се справат со растечката инфлација, што значи дека и нашата централна банка ќе делува во овој правец, што и се случи, со дополнителниот пораст на основната каматна стапка на благајничките записи на 2,5%, посочува професорот.

Според очекувањата на Ивановски, силната кредитна експанзија, особено кај станбените кредити ќе забавува но не драматично, пред се заради фактот што за инвеститорите сеуште е интересно вложувањето во недвижностите.Можни се и дисторзии и пораст на нефункционалните пласмани кај банките како резултат на неможноста на должниците редовно да ги сервисираат ануитетите по земените кредити.

Извор: Локално

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Огромен раст на вредноста на доларот, еврото…

Според средниот курс на Народбата банка на…

Вртоглав пад на еврото во однос на…

На светските пазари вредноста на доларот во…

ИЗГОР: Кашкавал 1.305 денари – Изгледа со…

Цените на млекото и млечните производи енормно…

Нема неоправдано зголемување на цените на млекото,…

Државнинот пазарен инспекторат не нашол неоправдано зголемување…

За една година лебот во ЕУ поскапел…

Од август 2021 до истиот месец годинава…