Пандев: Доста беше играње фудбал, на ред е нешто друго…

t

Тивко и без многу помпа после повеќе од две децении активна кариера која беше величенствена, еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња, Горан Пандев летово се пензионираше, оставајќи неизбришлив траг во италијанското Калчо, а и во македонската репрезентација.

Зад „Гранде Мачедоне“, како што го нарекоа Италијанците ќе останат запишани безмалку 500 мечеви во италијанската елита и над 100 гола, како еден од малкумината странци кои во историјата на италијанскиот фудбал успеале да остават ваков белег. За Македонија одигра 122 меча и даде 38 гола, како рекордер и долгогодишен капитен. Ланското лето стави точка на репрезентативната кариера, а летово и на професионалната кариера.

Пандев на Апенините стапна во 2001 година кога од Беласица замина во младинскиот погон на Интер, во Анкона дебитираше во Калчото, па следеше Лацио во шест години, најславниот период во Интер освојувајќи ги сите трофеи (ЛШ, скудето, светски клупски првак), потоа во Наполи, па една година во Галатасарај, уште шест во Џенова и последната етапа од кариера ми беше Парма во пролетната полусезона.

„После 20 години…, мојот син наполи 13 и во целиот живот успевав да го видам почесто само во периодот на одмор помеѓу две сезони. И сега дојде време да уживам со семејството. Првпат цело лето не размислував за фудбал, а кога тоа ќе се случи се опуштате, јадете, по малку тренирате. Веќе го глава немав дека треба да почнам подготовки. После настапите во Серија Б, без плејоф или плејаут, неколку месеци не правев ништо, а кога сте на 39 години сѐ е потешко, помачно. Сега сакам малку повеќе да одморам со семејството, зашто 20 години се премногу да сте одвоени од него. Но, секако ќе останам во фудбалот, бидејќи друго не знам да работам“, вели Пандев во интервју за „Ла Газета дело Спорт“.

Македонската легенда во последниов период беше најгласен за промени во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), без влакна на јазикот укажуваше на сиот хаос, се најавуваше и како потенцијален прв човек, но актуелната гарнитура во федерацијата не му дозволи да стане ниту делегат на Собранието. Од подамна најавува дека ќе продолжи да работи во фудбалот, само сега не ја споменува претседателската функција во ФФМ.

„Се гледам себе си како спортски директор или како менаџер. Сакам да работам со деца, да им помагам, да разговарам со нив, да гледам младински фудбал. И би сакал на сите да им се заблагодарам – фала ви за сѐ. На сите навивачи, на претседателите, на тренерите низ кариерата. Сите тие му дадоа нешто и јас ништо од тоа нема да заборавам“, додава Пандев.

Негово дело за македонскиот фудбал е Академија Пандев, која тргна да ја гради само како младинска школа, па прерасна во прволигашки клуб, кој во 2019 година го освои Купот, во минатата стана вицепрвак, а од неодамна доби партнер во италијанскиот аматерски клуб од Милано, Брера со кој Пандев веќе најави дека во иднина ќе стигне до шампионски трофеј во Македонија и до групна фаза во Лига Европа.

Извор: sport1.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јандриоски до политичарите: Не пишувајте утешителни статуси…

Политичарите во Македонија побрзаа на Фејсбук да…

Ашковски разочаран: Заслужувме многу повеќе од двата…

Очекувано не можеше да се сокрие разочарувањето…

Борисов за иссвиркувањето на бугарската химна: Соседите…

Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов го…

И покрај поразот Милевски смета дека сме…

Македонија вечерва го загуби последниот натпреват во…

(Видео) За малку ќе беа “пошљакани”: Тензијата…

Фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Бугарија кој вечерва се играше на…