Пендаровски постхумно ќе ги одликува Крсте Црвенковски и Невена Георгиева – Дуња со медали за храброст на Илинден

t

Прославата на Денот на Републиката посебно централната манифестација на Мечкин Камен години наназад е проследена со поделби на народот, навреди кон политичарите, партиски препукувања па и инциденти и наместо да биде празник кој ќе обединува и ќе го слави заедништвото и европските вредности предизвикува раздор и нетрпение меѓу граѓаните.

Претседателот Стево Пендаровски, според вообичаената ротација меѓу премиерот и претседателот на Собранието по повод државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, ќе остане во Скопје каде под негово покровителство се предвидени повеќе активности.

Минатата година чествувањето на Илинден на Мечкин Камен, помина во тензична атмосфера, односно свирежи кон државниците и силно полициско обезбедување, освен во 2020 година кога поради пандемијата со коронавирусот не се организираа масовни собирања. Лани „домаќин“ на прославата беше претседателот Стево Пендаровски кој не го одржа традиционалниот говор на Мечкин Камен, што досега сите говорници го користеа за да упатат важни политички и државнички пораки. Претседателот воведе нов концепт и ги повика сите политичари да дојдат попладнето во Крушево за да нема поделби и тоа да биде симболичен чин на обединување. Исто така, лани ЦК на ВМРО-ДПМНЕ ги повика симпатизерите да не одат на прослави на Илинден организирани од СДСМ, за да не бидат обвинети за инциденти кои можат да бидат и инсценирани, откако претходно се појавија шпекулации дека тие ќе предизвикаат нереди на чествувањето.

Годинава,  според програмата доставена од Кабинетот, претседателот Пендаровски утрото на  2. август ќе положи цвеќе на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и ќе се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски, и на гробот на претседателот Борис Трајковски.

Потоа, на платото во Кабинетот на претседателот ќе се одржи централна манифестација, на која ќе се обрати претседателот Пендаровски и ќе бидат доделени одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

Со Орден на Република Македонија, постхумно ќе биде одликуван Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество.

Со Орден за воени заслуги, постхумно ќе биде одликувана Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења, коишто се застапувале за социјална правда, со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело и со својот пример за посветеност на заедничката цел и на заедничката борба за подобар и поправеден свет.

Со Медал за храброст ќе бидат одликувани: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева. Осуммината се одликуваат за пожртвуваноста, за истрајната борбеност и за животната посветеност на високите цели на заедницата, како и за целокупниот влог во Народноослободителната борба, што се согледува низ нивните карактеристики, а и низ карактеристиките на голем број генерации борци, кои не ги штедеа своите животи за слободата, втемелувајќи ги основните насоки за градење на државата.

Во Скопје, делегација од Кабинетот на претседателот, предводена од генералниот секретар, Миле Бошњаковски, ќе положи цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец”, на споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Македонија, и на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштад „Македонија”.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како стасал до колата?! Во Илинден фатен…

Во текот на изминатата вечер (08/09.10.2022) Мобилната…

Се трага по девојче од Илинден

На 18.09.2022 околу 13.30 часот во Полициското…

Левица поднесе кривична пријава против двајца прирпадници…

Левица информираше дека нејзиниот правен тим поднел…

Николоски открива детали: Повеќе од 10.000 луѓе…

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостување…

Спасовски среќен што Илинден во Северна помина…

Денеска граѓаните на Македонија, чествувајќи го Илинден,…