Пет македонски граѓани заглавени во „ничија земја“: Со своите камиони не можат да ја напуштат Украина, се заканува заплена на возилата и стоката

Неколку македонски камиони не можат да ја напуштат Украина откако пред три дена започна воениот конфликт меѓу Русија и Украина.
Со камионите управуваат македонски државјани кои се сериозно загрижени за својата безбедност и би сакале час поскоро да се вратат во Македонија.
Сопствениците на камионите се обратија до редакцијата на Инфомакс поради како што велат “незаинтересираност на МНР и останатите македонски надлежни органи ” да помогнат камионите да ги поминат границите.
Сопствениците велат дека има 2 камиони со јаболка кои биле на пат кон Русија, а по почетокот на конфликтот тргнале назад кон Македонија, но веќе трет ден украинските граничари не дозволуваат да ја поминат границата. Исто така има и 3 камиони со репроматеријали од Русија кои се враќаат назад кон Македонија кои исто така се заглавени на границата Украина – Романија.
Сопствениците на робата и камионите се загрижени бидејќи е можна заплена на камионите и на стоката која ја превезуваат тие. Исто така не се знае судбината ниту на возачите кои не знаат дали и како во таква ситуација ќе можат да се вратат дома.
Засегнатите ги контактирале сите надлежни институции, Министерството за надворешни работи, македонската амбасада во Киев и македонската амбасада во Романија, но велат дека досега нема никаков напредок на терен.
Еден од возачите кој се враќа кон Македонија вели дека се уште е заглавен на границата и не знае дали ќе може да се врати назад во Македонија. Исто така напоменува дека има непречен сообраќај на турските камиони, но на македонските не им е дозволено да се движат.
Го контактиравме македонскиот амбасадор во Романија, Габриел Атанасов и прашавме дали се запознаени со ситуацијата, колку и на кој начин македонската амбасада во Букурешт може да помогне во ситуацијата.
Амбасадорот одговори дека македонската амбасада во Романија прави напори да се реши ситуацијата меѓутоа тие немаат надлежност за Украина.
“Да е до романските власти ние ќе напрвиме се што можеме, меѓутоа овде станува збор за украински власти, на нивната страна треба да се решава проблемот, затоа што таму едноставно не дозволуваат така лесно да се поминува заради засилени контроли.
Замислете тие можат не само робата туку и камионите да ги запленат … Многу е незгодна ситуацијата во услови кога повикува Украина на изолација нели на Русија и санкции меѓународната заедница да воспостави, логично е дека нема да дозволат преку нивната територија да поминуваат руски производи за било која држава.

Плус дипломатските односи им се прекинати на двете држави, а имаат проблеми од аспект на спасување на човечки животи, што верувам дека многу тешко е. Ние се обидовме, зборувавме овде во Букурешт со Украинците од амбасадата и ни рекоа дека ќе се обидат да ни помогнат, но воедно посочија дека мали се шансите веднаш било што да направат.
Прво имаат голем број на проблеми од аспект на тоа на безбедносни предизвици, си ја бранат државата и второ едноставно кога ќе видат транспорт на производи од таа земја на потекло ги блокираат работите.
Најважно нам како дипломатија и како МНР е да помогнеме да се спасат нашите сограѓани во Украина.” – вели амбасадорот Атанасов.
Прашавме што ќе се случи доколку камионите и стоката ќе бидат запленети, на кој начин возачите ќе се вратат дома, на што амнасадорот одговори:
“Ние имаме контакт со нив, имаме телефон од газдите и од возачите, се обидуваме цел ден да го решиме проблемот, моите две вработени во амбасада се обидуваа и не можеа да стапат во контакт, но со газдите имаме контакт.
Доколку се случи заплена ние ќе мора да помогнеме и да преземеме други чекори ( за враќање на возачите назад). Проблемот е што нашата дипломатија од Киев меѓу последните заминува токму за да помогнат што повеќе на нашите граѓани. Други држави и порано ги евакуираа своите дипломати преку Лвив прво па после и од земјата. Ние сме сите фокусирани на тоа, јас тргнав од Букурешт да им помогнам затоа што три дена се ненаспани дипломатите кои тргнаа од Киев и не можат ни да возат веќе.
Јас сега сум на граница со Молдавија и очекувам за неколку часови да можеме да ги пренесеме до Букурешт и понатаму да транзитираат до дома. Ние како амбасада сме буквално растргнати на сите страни и се обидуваме да помогнеме колку можеме, да е до романските власти се ќе направиме, за Украина веќе е проблематично и не знам кој би можел нешто да направи освен сите страни да вложиме напори.
Се обидуваме што може да помогнеме но верувајте излегува од нашата моќ. Јас моментално застанав за да можам да разговарам со Вас за да ви кажам каква е состојбата, со тоа што повторувам ние не престануваме да бараме начини да помогнеме ама ситуацијата е сериозна.
Транспортерите од било која држава се соочуваат со проблеми, впрочем разбрав дека 20 километри е редицата таму, кадешто нашите имаат проблем, не можеме да шпекулираме дали поминуваат турски камиони или не, ама верувам дека сите транспортери имаат ист проблем.” – вели Амбасадорот.
Го контактиравме и министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој само кратко одговори дека е запознаен со случајот и работат на решавање.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во среда ќе нема струја од 4…
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре…
Хидранти нема ни во Совет на Општина…
Кумановските советници не дај Боже ќе изгорат…
(Фото) Тешка сообраќајна несреќа во Топанско Поле!
Тешка сообраќајна несреќа доцна вечерва се случи…
Во 59 минута најтажниот громогласен аплауз во…
На почетокот од 59. минута од вечерашниот…
Селективна правда втор дел? Зошто актуелни функционери…
Фејсбук страницата Bella Ciao продолжи да ги…