Постигнат е договор за Самоил!

t

Позитивна атмосфера, со отворен дијалог и размена на ставови по однос на позициите и интерпретациите на минатото за ХI и XII век, е заклучокот од 18-та средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, што се одржа вчера и завчера во Скопје.

Ова беше втора од предвидените пет средби на македонско-бугарската Заедничка комисија за историски и образовни прашања за годинава. На дневен ред беа забелешките дадени од бугарската страна за средновековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шесто одделение.


Претходно, бугарските членови на Комисијата изјавија дека темата за Цар Самоил е завршена работа и оти е договорено негово заедничко чествување, а за Гоце Делчев ќе се дискутира во друга прилика.

Од друга страна, членот на македонскиот дел на Комисијата, Петар Тодоров синоќа изјави дека Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања може да даде свое експертско мислење за одредени теми поврзани со историското образование во двете држави и одредени препораки, но не и да решава политички проблеми.

Тодоров нагласи дека последниот состанок што изминатите два дена се одржа во Скопје и претходниот во февруари во Софија, се одвивале во конструктивна атмосфера. Во однос на дискусијата за Цар Самоил, тој додаде дека таа дискусија е завршена во 2019 година, со договор за заедничко чествување.

Копретседавачот од македонска страна во заедничката македонско-бугарска Комисија, Драги Ѓоргиев во вторникот за МИА, исто така, ја оцени работата како позитивна и додаде дека ако продолжи така ќе дојде до приближување на ставовите.

Бугарскиот премиер Кирил Петков останува на ставот дека во најскоро време заедничката историска комисија ќе излезе со резултати.

– Се радувам, на тоа кога од двете страни има дух да работиме заедно, се постигнуваат успеси, рече Петков.

Според најавите, во текот на 2022 година би требало да се одржат пет средби на Комисијата. Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски.

Наредната средба ќе биде одржана во Софија на 12 и 13 мај 2022 година.

Првата средба за оваа година се одржа на 25 јануари во Софија, со која и почна имплементирањето на новиот пристап кои го зацртаа Ковачевски и Петков во обидите да се реши спорот меѓу двете земји. Се формираа четири работните групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование, кои имаат интензивни состаноци, а петтата група, всушност е историската Комисија, која продолжи со својата и работа и се обидува да го следи забрзаното темпо на останатите работни групи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Медведев: „Условите на Зеленски се категорични до…

Дмитриј Медведев изјави дека условите што ги…

Ристовски: Ова беше турбулетна сезона, имавме подеми…

Вардар успеа да ја одбрани шампионската титула,…

Претпладне сончево и топло до 34 степени,…

Времето претпладне ќе биде сончево и топло…